Нема начин со сила да биде разрешен Судскиот совет, ниту членовите кои се избрани од Собранието, а за кои е поднесена интерпелација. Можат да не дадат оставки и покрај изгласаната недоверба. Сепак, борбата за промени во правосудниот систем ќе биде со јавен притисок, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски прашан околу интерпелациите поднесени за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.
-Органот којшто ги избрал тие пет члена има право да даде свое мислење за нивната работа и тој со тоа што не им го прифатил извештајот за работа дал свое мислење. И сега логично е дека можат пратениците да поднесат таква процедура за интерпелација на членовите на Судски совет кои тие ги избрале, бидејќи таму нема членови на Судски совет кои се бирани само од пратениците, има и од судовите итн. Но, ќе повторам, тоа не значи дека им престанува мандатот на тие членови. Сепак, тие можат да си речат дека не си поднесуваме оставка и ќе останеме и понатаму да го водиме судството со доверба кај граѓаните од два проценти. Условно кажано, законот е таков – непрецизен и може тоа да се случи, рече Мицкоски.
Премиерот вели дека тоа нема го изненади и оти тие како политичари можат да направат само јавен притисок бидејќи цени дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав.
– Со сила ништо не можеме да направиме. Нив до последно ги штити законот. Се разбира, таков е законот, тие можат да си речат не поднесуваме оставка и ќе тераме додека не ни завршат мандатите. Инаку кои се алатките? Еве за да нема дилема. Алатката е јавноста. Се бориме јавно. Вистината е најпрецизна во јавноста. Ќе се бориме со јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и мислам дека нема подобра алатка од јавноста. Апсолутно со јавен притисок, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по стартот на реконструкција на сквер во Општина Аеродром.
Премиерот посочи дека се надева оти тие ќе поднесат оставки.
– Мислам дека ќе бидат доблесни, доколку се изгласа интерпелацијата, односно доколку заклучокот на пратениците е да има промени таму, тие да си заминат, рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека доколку бидат разрешени, бирањето на новите членови на Судскиот совет ќе биде според законот што е во сила.
-Ние не можеме со претпоставки да водиме политика. Мораме да водиме политика врз основа на параметри коишто се дел од реалноста и ние ја прифаќаме таа реалност таква каква што е, рече тој.
Во однос на тоа дали ќе поведат некаква постапка за членовите на Советот на јавни обвинители, Мицкоски истакна дека чекор по чекор ќе следат многу реформи во правосудството.
– Чекор по чекор ќе следат многу реформи. Јас никогаш не би сакал да зборувам со повисок тон или пак да се заканувам што ќе следува, но прво да се случат работите, па потоа ќе ги коментираме. Тоа е начинот на кој функционира оваа Влада. Внимателно, чекор по чекор, тивко, без многу помпа, без многу најави, без многу закани, да си ги завршуваме работите, рече премиерот Мицкоски.
Пратеничките групи на партиите од власта ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ во петок до законодавниот дом поднесоа интерпелација за работата на членовите на Судскиот советкои се бираат од страна на Собранието – Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.
Во поднесените интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет до претседателот на Собранието Африм Гаши се посочува дека се поднесуваат заради недоследнои спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина.
Казнувањето на сообраќајните прекршоци преку системот „Безбеден град“ официјално ќе започне на 1 февруари, наместо на првично најавениот датум 1 јануари. Одложувањето е потврдено за ТВ21 од помошник-заменик министерот во МВР, Мухамет Исмаили, кој објасни дека причина за пролонгирањето е потребата од дополнителни технички проверки и усогласување на правните процедури.
„Од 01.02.2026 системот SafeCity целосно ќе биде ставен во функција во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 10 и 8, додека во другите градови се предвидува да започне во текот на 2026 година“, изјави Исмаили.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат и можност за одредена толеранција кај ограничувањата на брзината. „Треба да ги почитуваме ограничувањата – 50 км/ч за урбани подрачја значи 50 км/ч. Секако дека и ние ќе внимаваме, исто како што прават и сите европски градови каде што имаат свои параметри за толеранција – таква толеранција ќе има и кај нас“, изјави Сашо Топаловски, началник на СВР Скопје.
Системот „Безбеден град“ ќе работи со фиксни камери кои ќе регистрираат пречекорување на брзината, поминување на црвено светло, нерегистрирани возила и други прекршоци. Дополнително, специјализирани полициски возила ќе идентификуваат неправилно паркирање и останати нарушувања на сообраќајните правила.
Целта на новиот систем е до 2030 година да се преполови бројот на сообраќајни несреќи во државата.
Витаминка со Стоби Флипс и купувачите донираат 1.000.000 денари за СОС Детско село
Кампањата „Заедно за топол дом, љубов и грижа за секое дете“ што Витаминка ја реализираше преку Стоби Флипс, успешно заврши и резултираше со донација од 1.000.000 денари за СОС Детско село. Средствата ќе бидат искористени за Советувалиште за психолошка поддршка и специјална едукација со рехабилитација на СОС Детско село. Благодарение на поддршката од граѓаните за акцијата со која од секој купен Стоби Флипс се издвојуваше дел, со собраните средства ќе се овозможи континуирана експертска едукација за шеесет деца и млади на возраст од 6 до 18 години кои растат без родителска грижа и се соочуваат со последици од трауматски искуства, емоционални и развојни предизвици, како и различни когнитивни потешкотии.
Средствата ќе бидат насочени кон проектот „Менталното здравје пред сè“, преку кој децата ќе добијат индивидуални сесии со психолози и специјални едукатори, како и терапевтски третмани во сензорна соба за оние кои имаат потреба од дополнителна поддршка во емоционалниот и когнитивниот развој. Овие услуги се од суштинско значење за нивното зајакнување, подобро справување со кризи и градење основа за здрав личен раст.
Од СОС Детско село Македонија истакнуваат дека поддршката е од огромно значење за континуитетот на нивната мисија. „Од срце им благодариме на Витаминка и на сите граѓани кои ја поддржаа кампањата. Витаминка уште еднаш покажа што значи вистинска општествена одговорност и посветеност кон децата. Благодарение на ова партнерство, можеме непречено да продолжиме да обезбедуваме стручна грижа и поддршка за секое дете, со верба во нивната подобра иднина,“ велат од организацијата.
За што поуспешно спроведување на кампањата за Стоби Флипс беше изработена и специјална амбалажа со што купувачите беа информирани за своето учество во донацијата и придонесе за подигнување на јавната свест и обезбедување поголема поддршка за децата без родителска грижа.
Од Витаминка додаваат дека се горди што кампањата успеала да ја мобилизира јавноста и да создаде реална промена. „Нашата цел беше да потсетиме дека секој мал гест на солидарност може да донесе голема разлика. Благодарни сме што потрошувачите ја препознаа важноста на оваа приказна и ни помогнаа заедно да донесеме надеж, грижа и поддршка таму каде што е најпотребно“, истакна Симона Симоновска, одговорна за маркетинг во Витаминка.
Со оваа кампања, Витаминка и Стоби Флипс уште еднаш ја потврдуваат својата посветеност кон најмладите и даваат силен пример за тоа како компаниите, заедно со граѓаните, можат да создадат поподобно, похумано и посреќно општество за секое дете.
Рекордна година за Скопје – аеродромот со 3 милиони патници, растот продолжува до 3,2 милиони
Меѓународниот аеродром Скопје денес го дочека својот тримилионити патник во една календарска година. Среќничката, Милена Таскова, беше изненадена на нејзиниот лет Скопје – Бари.
Раководството на аеродромскиот оператор ТАВ Македонија, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, приредија емотивно изненадување за госпоѓа Таскова.
Милена Таскова беше облеана во подароци: бесплатни аеродромски услуги од сестринските компании на ТАВ и два бесплатни авионски билета од авиокомпанијата Виз Ер (Wizz Air).
Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија, не ја криеше својата возбуда:
„Го достигнавме тримилионитиот патник во една година! Првпат лета за Бари, и посакав среќа на неа и нејзиното семејство.“
Курт најави дека ова е само почеток. Според оптимистичките прогнози на ТАВ, Скопскиот аеродром до крајот на годината ќе заврши со 3,2 милиони патници, додека аеродромот во Охрид се очекува да достигне 262.000 патници.
Овој успех не само што го потврдува растот на авиосообраќајот во земјата, туку и ја зацврстува позицијата на Скопје како значаен регионален воздушен центар.