Економија
Спречете ја евтинфлацијата – тоа е во интерес и на граѓаните, но и на трговците!
Цените на поевтините производи за широка потрошувачка повеќе растат од цените на поскапите. Така инфлацијата посилно удира по посиромашните. Тоа е феноменот наречен евтинфлација (cheapflation). Затоа треба конечно да престане оваа хистерија на постојани генерални ограничувања на маржите и на цените и да се прифати предлогот да почне процес на намалување на цените на производите што ги користат семејствата со пониски доходи во секојдневната употреба. Ова е вистинската појдовна точка за секаков дијалог меѓу социјалните партнери по ова прашање. Секаква репресија врз бизнисот е неприфатлива. Наместо тоа, сопствениците на маркетите треба самикте да препознаат дека саморегулацијата е и нивен интерес.
Би сакал сосема накусо да објаснам зошто предлогот на маркетите до Владата – наместо да им се ограничат маржите на сите производи линеарно за 10%, да се разговара за листа на основни прехранбени производи за кои маржите би паднале дури и на 3% – е вистинската насока за излез од хистеријата, во голема мера подгреана од медиумите, во која се препелкаме цели две, ако не и повеќе години.
Ова не би било „мерка“ или договор со ограничено траење од еден месец, како што се предлага, туку тенденција од подолгорочен карактер во насока на стабилизација на пазарот и соборување на инфлацијата.
Најпрво, должам објаснување за кованицата од насловот, која за прв пат е во печат на македонски јазик. Ако ме прашате дали самиот сум ја смислил или некој ми ја кажал ќе ви одговорам дека, сепак, не сум оригинален овој пат. Единствено што направив е да го преведам од англиски зборот „cheapflation“ (евтино+инфлација), кој некои автори го лансираа неодамна, како објаснување на еден феномен забележан глобално, во бројните манифестации на злото наречено инфлација.
По дефиниција, инфлација имаме кога во економијата има општ раст на цените, со што се намалува куповната моќ на парите. Лицата чиишто доходи воопшто, или бавно се приспособуваат за да го следат растот на цените, осиромашуваат побрзо од поимашните.
Е сега, кој е новиот феномен, објаснет од британски економисти (Чен, Ливел и О’Конел) во минатата година, со анализа на движењето на цените во малопродажба во Велика Британија?
Анализата е направена и за други земји. Се испоставило дека цените на поевтините производи во дадени категории пораснале значително повеќе од поскапите примероци од истиот вид во маркетите. Со ова значително се погодени посиромашните слоеви од населението. Згора на тоа и фактот што и цените на храната, која пропорционално зафаќа значителен дел од нивниот расположлив доход, растеа со побрзо темпо од просечниот раст на цените.
Еве неколку примери: посиромашните граѓани секако дека не одат неиспрани, но за тоа во маркетите избираат поевтин детергент. Штедат на цените на средствата за лична хигиена, вклучително и орална. Ги купуваат поевтините шампони, течен сапун, паста за заби и слично. Од храната купуваат поевтини видови леб, ориз, тестенини…
Податоците од Белика Британија покажуваат дека во 2022 година, кога инфлацијата насекаде го беше достигнала својот врв, токму цените на поевтините производи пораснале значително повеќе од поскапите производи во иста категорија.
Кавало и Кривстов (2024) пресметале дека во периодот од третиот квартал од 2021 година до третиот квартал 2023 година, цените на поевтините производи во иста категорија пораснале за 34%, а тие на поскапите за 18% – значи, двојно повеќе!
Економистите нудат повеќе објаснувања за феноменот евтинфлација, со термини кои се туѓи за пошироката читателска публика. Моето објаснување, кое се заснова на верувањето дека пазарот секогаш и секому му го возвраќа ударот, е како што следи.
За време и по пандемијата на ковид-19, низа професии и вработени чиишто примања беа претходно потценети, се виде дека се сепак „есенцијални“ во дадените околности. Станува збор за работни места за кои не е потребно високо образование, во сектори како што се туризмот и угостителството, здравството, одржувањето на домовите, градежништвото и низа услужни дејности. Не беше никаков алтруизам, емпатија кон нив или нешто слично, туку едноставна пазарна логика, тоа што нивните примања, а со тоа и нивната куповна моќ, значително пораснаа, вклучително и како резултат на ад хок зголемувањето на минималната плата.
Секако, ова претставуваше добар развој на настаните, во смисла на намалување на нееднаквоста во доходите. Но, „проклетиот“ пазар си дошол по своето. Зголемената куповна моќ на овие слоеви население, кои традиционално своите потреби ги задоволуваа со поевтини производи, предизвика пораст на цените токму кај оваа класа производи.
Оттаму, зборуваме за евтинфлација (инфлација во цените на традиционално поевтините производи). Со ова нееднаквоста во распределбата на доходите повторно се продлабочува.
И затоа велам дека е добар предлогот да почне процес на намалување на цените на производите што ги користат семејствата со пониски доходи во секојдневната употреба. Ова е вистинската појдовна точка за секаков дијалог меѓу социјалните партнери по ова прашање. Секаква репресија врз бизнисот е неприфатлива и за тоа нема никаква законска ниту морална основа. Нема ниту потреба!
Треба да бидеме свесни за уште една работа. Трговските синџири се бизниси кои дејствуваат врз основа на пазарната логика. Тие не се социјални установи. Со нив, во името на сопствениците-акционери, раководат платени менаџери чијашто судбина е поврзана со нивната успешност во зголемувањето на приходот и на профитот на инвеститорите. Секоја деловна година тие ја започнуваат со строго утвредени таргети за перформансите, кои не им даваат мирен сон.
Ако е така, ќе го послушаат ли советот, овој пат дури и по сопствена иницијатива, да започнат со намалување на цените на стоките за широка потрошувачка, кои ги купуваат нивните верни купувачи со пониски доходи, не само за еден месец, туку како генерална тенденција?
Се надевам дека одговорот ќе биде позитивен. Но, не треба да им се лутиме што ова ќе го направат со зголемување на цените на други производи со повисоки цени, преку еден вид „вкрстени субвенции“. Само на овој начин може да се помири „општествената одговорност“ со пазарната логика!
Имаме неповторлива шанса феноменот евтинфлација да го испратиме во заборав.
Трајко Славески
Економија
Кратово, Кочани и пет други града со 100% неправилности во УЈП контролите: Каде е најцрно на фискалната мапа на Македонија?
Управата за јавни приходи ги објави резултатите од 266 теренски контроли спроведени во периодот од 1 до 30 ноември 2025 година, насочени кон угостителски објекти, трговци, такси-компании, производствени капацитети, казина и други субјекти. Од вкупниот број контроли, кај 104 субјекти се утврдени неправилности, што претставува сериозен сигнал за ниско ниво на фискална дисциплина во повеќе градови низ државата.
Најновите податоци откриваат драматични разлики по региони: дел од градовите покажуваат исклучително висока дисциплина, додека други буквално „паѓаат“ на секоја контрола. Пресметката на процентуалната успешност – односно соодносот меѓу бројот на контроли и откриените неправилности – покажува дека во неколку општини ситуацијата е алармантна.
Градови со најлоша фискална дисциплина – 100% неправилности
Во седум македонски градови секоја извршена контрола завршила со констатирана неправилност. Тоа се:
Кратово (100%) – 1 контрола, 1 неправилност
Кочани (100%) – 6 контроли, 6 неправилности
Свети Николе (100%) – 1 контрола, 1 неправилност
Дојран (100%) – 1 контрола, 1 неправилност
Делчево (100%) – 3 контроли, 3 неправилности
Берово (100%) – 4 контроли, 4 неправилности
Овие податоци покажуваат дека во повеќе региони системските пропусти се хронични, а непочитувањето на законските обврски е речиси правило, а не исклучок.
Градови со висок ризик – над 70% неправилности
Штип – 81.8%
Гевгелија – 71.4%
Радовиш – 71.4%
Неготино – 66.7%
Струмица – 57.1%
Овие средини не се во категоријата најлоши, но процентите укажуваат дека фискалната недисциплина е распространета и потребни се засилени контроли и поостри мерки.
Средна зона – меѓу 30% и 50% неправилности
Овде се наоѓаат градови со мешана слика, каде дел од субјектите ги почитуваат правилата, но сè уште постои значителен број прекршувања:
Куманово – 46.2%
Гостивар – 41.7%
Кичево – 40%
Охрид – 38.5%
Тетово – 35.3%
Ресен – 33.3%
Овие проценти сугерираат дека дисциплината е далеку од задоволителна, но позитивната страна е што постои значајна група субјекти кои работат според законот.
Градови со ниско ниво на неправилности
Битола – 25%
Прилеп – 20%
Велес – 15.4%
Кавадарци – 15.4%
Скопје – 14.9%
Иако и овие градови имаат утврдени прекршоци, процентите се значително пониски во споредба со останатиот дел од државата, што укажува на подобро усогласување со фискалните правила.
Градови со најдобри резултати – 0% неправилности
Два града се издвојуваат како целосно позитивни примери:
Дебар – 7 контроли / 0 неправилности
Росоман – 3 контроли / 0 неправилности
Овие резултати покажуваат дека фискалната дисциплина може да биде целосно почитувана кога има добра едукација, контрола и соработка меѓу бизнисите и институциите.
Што следува?
УЈП најавува засилени контроли во регионите со највисок процент на неправилности. Санкциите за прекршоците во ноември вклучуваат над 100 глоби за неиздавање фискални сметки, непоседување на фискална опрема, ненаведување дневни извештаи и други сериозни прекршувања.
Фактот што повеќе градови бележат 100% неправилности јасно покажува дека недисциплината е системски проблем, а не поединечен случај.
Економија
Што се случува во Србија? – Граѓаните масовно купуваат евра, менувачниците не можат да стигнат
Во некои делови на Србија се забележува недостиг од готови евра, а граѓаните масовно ги менуваат своите динари во странска валута, јавуваат локалните медиуми.
Според официјалниот курс на Народната банка на Србија (НБС), едно евро вреди 117,75 динари, но на терен цената е значително повисока. Во Бујановац, на пример, едно евро се продава за 120 динари, а менувачниците предупредуваат дека поради големата побарувачка оваа бројка наскоро може да биде надмината.
Ситуацијата се засилила поради продлабочувањето на кризата со НИС и стравувањата дека НБС може да се соочи со санкции од САД. Граѓаните масовно ги празнат своите штедни сметки и ги менуваат динарите во евра, додаваат менувачите.
НБС, сепак, потврдува дека недостигот на евра во одредени менувачници не значи дека има проблем со понудата на странска валута. Во банките и во Народната банка има доволно готовина, а каналите за снабдување функционираат непречено. Како што објаснуваат, менувачниците често ги снабдуваат едни со други и, во услови на зголемена побарувачка, ја зголемуваат цената на еврата за клиентите.
Во понеделник едно евро се купуваше за 119,5 динари, што е значително повисоко од официјалниот курс на НБС.
Економија
МБИ10 во пад од 0,15%, без активности на обврзничкиот пазар
Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.
На трговската сесија од 9 декември 2025 година, индексот МБИ10 бележи пад од 0,15%, спуштајќи се на 10.239,85 поени, при вкупен промет од 14,14 милиони денари. Тргувањето беше умерено, со најголем обем на активности кај Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол, кои остануваат најликвидни хартии на официјалниот пазар. Индексот ОМБ остана непроменет на 128,73 поени, без реализирани трансакции со обврзници .
Најтргувани хартии од вредност
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 6.188.910 денари
● Алкалоид АД Скопје (ALK) – 3.053.560 денари
● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 2.760.000 денари
● Алкалоид АД Скопје (ALK) +0,21%
● Гранит АД Скопје (GRN) –0,51%
● Стопанска банка АД Скопје (STB) –1,99%
● Раде Кончар АД Скопје (RDK) –17,46%
Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници. Индексот ОМБ остана стабилен на 128,73 поени, без промени. Тргувањето на Македонската берза на 9 декември 2025 година се одвиваше со вкупен промет од 14,14 милиони денари и пад на индексот МБИ10 за 0,15%. Најликвидни беа Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол, со доминантен удел во дневниот промет. Најголем раст забележа Алкалоид, додека Комерцијална банка и Гранит беа меѓу губитниците на денот. Обврзничкиот пазар остана без активности, со непроменет индекс ОМБ.
Трендинг
-
Црна Хроника7 days agoПолициска акција: Уаспени Украинки во Горно Седларце – МВР со детали
-
Црна Хроника3 days agoОбид за кражба завршил со пожар во Брвеница – Полицијата со детали
-
Балкан3 days agoДрама во Србија: БМВ се заби во камион, возачот со цигара тврди: „Не знам, ме удри камион“ (ВИДЕО)
-
Република6 days agoЕве од кога ќе почнат да работаат камерите од „Безбеден град“ во Тетово и Куманово
-
Црна Хроника5 days agoПолицијата го лоцираше украденото „Ауди“ за неколку часа – младиот тетовец уапсен!
-
Скопје5 days agoСекое застанување на булевар на „пет минути“ ќе се санкционира, вели Топаловски
-
Црна Хроника12 hours agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Економија2 days agoКинескиот канал Солун–Дунав повторно актуелен: Македонија би била клучна транзитна точка















