Започнаа подготвителните активности за изградба на гасниот интерконектор меѓу Грција и Македонија

Градежните активности за гасоводната врска меѓу Грција и Северна Македонија се во подем, откако грчката компанија „Терна“ започна со подготвителните работи на јужниот дел од проектот, објавуваат грчките енергетски портали.

Оваа компанија, која пред четири месеци беше избрана за изведувач, е задолжена за деталниот проект, набавката на материјали и изградбата на делницата од Неа Месимврија до Евзони/Гевгелија. Националниот оператор за пренос на гас на Грција (ДЕСФА) го ревидираше буџетот на проектот на 92 милиони евра, од првично предвидените 67 милиони.

Паралелно, во тек е и тендерската постапка за изградба на мерна станица, која ќе има клучна улога во оперативноста на гасоводот. Според грчките извори, финализацијата на проектот се очекува на пролет следната година, со мало одложување поради административни процеси во Северна Македонија.

Македонската министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, неодамна изјави дека постапката за избор на изведувач кај нас била поништена и повторно покрената, но со заштеда од 12 милиони евра во однос на претходниот договор.