Connect with us

Македонија

По трагедијата во Кочани, Собранието без пратенички прашања – пауза од две недели

Аргументите Собранието да не работи и неделава биле дека пратеничките прашања може само дополнително да ја зовријат атмосферата, која, според нив, некои партии веќе ја злоупотребуваат и дека тоа во моментов најмалку ни е потребно.

Двојните пратенички прашања ја одложија работата на Собранието за уште една недела, зашто претседателот на парламентот Африм Гаши, потпретседателите и координаторите на пратеничките групи се договориле подобро да не работат отколку дополнително да креваат тензии и да го доурнисаат рејтингот на Собранието по трагедијата во Кочани каде што во дискотеката „Пулс“ животот го изгубија 59 млади. Собранието ја прекина работата минатата недела кога беше прогласена седумдневна жалост. Според договорот, пратениците на работа ќе се појават следната недела.

Според брифинзи од Собранието, на координацијата, претседателот, потпретседателите и шефовите на парламентарните групи не се усогласиле колку пари да издвојат за семејствата на настраданите во Кочани и одлучиле секој да донира на сметката на Црвениот крст по свое наоѓање и од тоа да не прават помпа во јавноста.

На координацијата, според брифинзите, Гаши го отворил прашањето како ќе работат неделава откако поминаа деновите на жалост, по што властапредложила да нема седница за опозициски пратенички прашања, која требаше да се одржи минатата недела. В четврток е и редовната седница за пратенички прашања. На ова реагирале од Левица дека Собранието треба да работи и ако нема седници за пратенички прашања, тогаш да нема седници ниту за закони. По ова, ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, ЗНАМ, СДСМ и Левица се договориле Собранието да го стават на пауза и неделава. На координацијата не присуствувал само шефот на пратеничката група на Европскиот фронт.

Аргументите на власта Собранието да не работи и неделава биле дека пратеничките прашања може само дополнително да ја зовријат атмосферата, која, според нив, некои партии веќе ја злоупотребуваат и дека тоа во моментов најмалку ни е потребно. Да не се даде простор за каква било злоупотреба на трагедијата од Кочани и да се заштитат семејствата и роднините на настраданите. Дека на пратеничките прашања многу лесно може да се „излезе од контрола“, да паднат обвинувања и кавги меѓу пратениците, ситуации на набој и наелектризирана атмосфера, на која Собранието во минатото посведочило. Не помогнале ни ветувањата на претставникот на Левица дека пратеничките прашања нема да ги злоупотребат, дека ќе бидат културни, ќе нема довикувања, погрдни зборови… Аргументите на власта биле да не се дозволи повторно пратениците, односно Собранието, да е највиновно за сè. Опозицискиот СДСМ се согласил со власта.

Од Европскиот фронт, пак, како и Левица, сметаат дека парламентот неделава треба да продолжи со работа и да се одржат двете седници за пратенички прашања. Според Европскиот фронт, деновите на жалост поминале и Собранието, како и другите институции, треба да даде придонес во расветлувањето на големата трагедија. Но, координаторот на Европскиот фронт не бил на состанокот кај Гаши за да го каже тоа, а од Левица велат дека не добиле поддршка Собранието да работи и единствено за што се избориле е да нема седници ни за закони. На координацијата било договорено следната недела, на собраниската седница в среда, да има опозициски пратенички прашања, додека редовните пратенички прашања ќе ја чекаат последната недела од април.
Собранието и официјално соопшти дека ги откажува сите активности неделава.

„Собранието на Република Северна Македонија ги откажува сите активности планирани за оваа работна седмица, вклучително и брифинг со новинари поради трагедијата во Кочани“, соопшти собраниската прес-служба.

Одлуката била донесена на координацијата одржана во Собранието на која присуствувале претседателот на Собранието Африм Гаши, потпретседателката Весна Бендевска и координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Вреди, ЗНАМ и Левица, како и претставник од Влада и генералната секретарка на Собранието.

– Присутните консензуално се согласија дека имајќи ги предвид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани, изразувајќи почит кон сите загинати и надеж дека повредените ќе се вратат во добра здравствена состојба што поскоро, Собранието да ги откаже сите активности планирани за оваа работна седмица вклучително и брифинг со новинари – се вели во соопштението.

Пратениците, иако се претставници на народот, јавно не им се обратија со поддршка и утеха на семејствата на настраданите, освен преку социјалните мрежи.

Пратениците не се договориле како колектив по колку пари да донираат за семејствата на загинатите и за настраданите од дискотеката во Кочани. Имало предлози секој пратеник да издвои по една плата, една дневница, но заклучокот бил дека колку ѝ да донираат е малку и затоа пратениците сами да одлучат колку пари ќе уплатат на сметката на Црвениот крст. Пратениците се договориле да не информираат дека донирале пари, односно од чинот на хуманоста да не прават публицитет. Сепак, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ уште викендов преку Фејсбук информира дека донирале пари.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ја покажува својата безрезервна поддршка за нашите сограѓани во најтешките моменти. Сите пратеници донираа парични средства на сметката на Фондот за солидарност на Црвениот крст на РМ, со цел да помогнат на настраданите граѓани во пожарот во Кочани. Оваа донација е израз на нашата посветеност кон народот и вербата дека само заедно можеме да ги надминеме предизвиците. Ги повикуваме сите што се во можност да се приклучат во духот на хуманоста и солидарноста“, објави пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: Слободен Печат

Advertisement

Македонија

Германски воен авион наместо во Приштина – принудно слета во Скопје

Германски воен авион денеска не успеал да слета на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина поради недостиг на сертифициран персонал за слетување во услови на намалена видливост.

Од Агенцијата за воздушна навигација информираа дека другите летови функционираат нормално, а проблемот се однесувал конкретно на воениот лет.

Податоците од платформата Flightradar24 покажуваат дека авионот полетал од Берлин во 8:40 часот наутро и бил пренасочен кон Скопје, каде безбедно слетал.

Инцидентот повторно го отвори прашањето за техничката подготвеност на аеродромот во Приштина за слетувања во комплексни метеоролошки услови.

Continue Reading

Македонија

Инспекциите откриваат неправилности кај матичните гинеколози

09.12.2025 – Засилени контроли од страна на Управата за јавни приходи (УЈП) и Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) открија дека дел од матичните гинеколози не издаваат фискални сметки за услугите кои ги наплаќаат.

Според неофицијални информации на „Слободен печат“, мерките следат по мониторингот на невладините организации од октомври 2024 година, кој покажал дека жените често плаќале за услуги кои би требало да бидат бесплатни, а без да добијат фискална сметка.

ФЗОМ истовремено ја проширил контролата и на други сектори, вклучувајќи ја службата за итна помош, како и проверка на реалноста на боледувањата и начинот на исплата на платите. Резултатите од сите инспекции се очекуваат да бидат објавени следната недела.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, на прес-конференцијата се осврна и на проблемот со Клиниката за онкологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде не се изработуваат анализи за тумор маркери.

Continue Reading

Македонија

Мицкоски: Додека јас сум премиер, нема да никне ниту еден шатор со илегални мигранти

mickoski

Премиерот Христијан Мицкоски денеска јасно го потенцираше ставот на Владата дека Македонија нема да прифати илегални мигранти и нема да дозволи поставување шатори за нив на територијата на земјата.

Повод за изјавата беа објавите на британските медиуми дека Велика Британија разгледува можност за депортирање на одбиени баратели на азил во Северна Македонија, при што секој депортиран мигрант би бил платен од британската страна. Мицкоски изјави дека со британските власти оваа тема не е разговарана и дека, доколку биде, Владата ќе ја одбие таквата опција.

„Во објавите се наведува ‘неуспешни апликанти за азил да ги праќаат во трети земји’. Да потенцирам пред македонската јавност – таква тема не е предмет на разговор, а и да биде, ќе биде одбиена од наша страна. Нашата цел е заеднички да се бориме против илегалната миграција и да ја браниме Европа“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека опозицијата се обидува да го користи прашањето за мигрантите за политичка кампања, но нагласи дека борбата против илегалната миграција е фундаментална политика на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој најави и нов проект „Безбедна држава“, инспириран од концептот „Безбеден град“, кој ќе овозможи мониторинг на македонските граници и ќе го спречи илегалниот влез, шверцот и трговијата со луѓе.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг