Connect with us

Македонија

„Собравме 12 милиони денари за помалку од една недела“ – Со Иван Ивановски за иницијативата „Поддржи го Кочани“

Трагедијата што ја потресе Македонија, а која што се случи во Кочани во дискотеката „Пулс“, остави зад себе голема болка, но истовремено ја разбуди солидарноста кај луѓето. Група млади ентузијасти, предводени од Иван Ивановски, граѓанин на Кочани, ја покренаа иницијативата „Поддржи го Кочани“ (supportkochani.com) со цел што побрзо да им помогнат на погодените семејства.

Со над 12 милиони денари собрани за само неколку дена, оваа акција стана симбол на човечката хуманост и сплотеност. За предизвиците, целите и идните планови,ММС разговараше со Ивановски, основачот на иницијативата.

„Сѐ започна од потребата за итна реакција. Видовме дека во вакви трагедии, најважно е да се помогне и истата помош која во случајов е финансиска да стаса што е можно побрзо до оние што ја имаат најголемата потреба. Некои организации имаат подолги административни процедури, па ние решивме преку своја инцијатива да реагираме. Затоа формиравме тим од триесетина луѓе кои веднаш почнаа со работа“, вели Ивановски и објаснува како функционира иницјативата и како можат луѓето да донираат.

„Ја отварате страната, ги гледате сите повредени и починати. Нашиот тим ги контактираше фамилиите и ги праша дали информациите можат да се споделат на страната за луѓето да можат да донираат. Ги земаме податоците, ги ставаме на веб страната со тоа што дури имаше и лажни профили на социјалните мрежи кои се претставуваа дека се од Кочани за да можат да заработат.  Сè е базирано на транспарентност и директна комуникација со јавноста. Секој ден ги информираме граѓаните за тоа колку пари се собрани и како ќе бидат распределени. Досега собравме 12 милиони денари, а благодарение на поддршката од луѓето, локалните фирми и волонтерите, иницијативата функционира одлично“, објаснува тој.

Ивановски зборуваше и за тоа со кои се најголемите предизвици во целиот процес.

Најголемиот предизвик е да им се помогне на сите што имаат потреба. Парите не можат да ја надоместат болката, но барем можат да помогнат во овој тежок период. Дополнително, емоционалниот товар е огромен, градот е потиштен, улиците се празни, а шокот од оваа трагедија сè уште е присутен“, вели Ивановски.

Примарен фокус на иницијативата е да продолжи со собирањето на средства и да обезбеди поддршка за семејствата.

„Планираме и долгорочни проекти со кои ќе помогнеме во обновата на заедницата. Ова мора да биде моментот од кој ќе се движиме напред, посилни и пообединети. Најголемата мотивација ни се луѓето. Секој ден гледаме солидарност, луѓе донираат, носат храна, пијалоци, се приклучуваат како волонтери. Ова покажува дека во најтешките моменти, знаеме да бидеме заедно“, објасни тој, а на најблиските на настрадните им порача:

Ова што се случи во Кочани не смее да се повтори, никој не треба да поминува низ оваа болка. Но, барем можеме да покажеме дека сме тука еден за друг. Продолжуваме да помагаме, затоа што сега, повеќе од било кога, треба да бидеме заедно“, дециден е Ивановски.

Извор: mms.mk

Advertisement

Македонија

Внимавајте: Еве кои возачи ќе останат трајно без своите автомобили

Трајно и задолжително одземање на возилата за најтешките сообраќајни прекршители предвидуваат измените и дополнувањата на Кривичниот законик, кои група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги поднесоа во Собранието. Со законските измени се воведуваат значително построги санкции за возачи кои управуваат пребрзо, под дејство на алкохол или дроги, особено доколку станува збор за лица кои и претходно биле осудувани за кривични дела против безбедноста во сообраќајот.

Според предлогот, возилото задолжително ќе се одзема ако сторителот управувал со брзина поголема за најмалку 70 километри на час во населено место или 90 километри на час надвор од населено место, под услов возачот и претходно да бил осудуван за исто или слично кривично дело. Задолжително одземање се предвидува и доколку возилото е во сопственост на сторителот, а тој во моментот на делото немал право да управува со моторно возило.

Ако прекршокот е сторен со туѓо возило, истото ќе се одземе само доколку сопственикот знаел или бил должен да знае дека лицето кое управува нема право да вози.

Новина во законските решенија е и задолжителната забрана за управување со моторно возило, која ќе се изрекува во траење од шест месеци до 10 години. Дополнително, судот ќе може да изрече и престанок на важењето на возачката дозвола од определена категорија во период од една до 10 години, за време на кој сторителот нема да може повторно да стекне дозвола од истата категорија. Досега, ваквата забрана беше ограничена на максимум пет години.

Измените предвидуваат и затворска казна од три месеци до три години или парична казна за секој што ќе го загрози јавниот сообраќај со безобѕирно управување, односно возење со концентрација на алкохол над 1,5 промили, под дејство на дроги или психотропни супстанции, возење во спротивна насока, опасно претекнување, како и значително пречекорување на дозволената брзина. Со иста казна ќе се санкционираат и организаторите и учесниците во нелегални улични трки, како и лицата кои управуваат возило без положен возачки испит или без важечка возачка дозвола.

Во образложението на предлог-законот се наведува дека измените се резултат на сериозните предизвици со кои државата се соочува последните години во делот на сообраќајната безбедност, а како аргумент се наведуваат и компаративни искуства од Словенија и Австрија.

Предлагачите потенцираат дека законските измени се дел од поширок пакет мерки поврзани со проектот „Сејф сити“, чија цел е драстично намалување на тешките сообраќајни прекршоци и зголемување на безбедноста на патиштата.

Continue Reading

Македонија

По заминувањето на Коцевски, Советот на јавни обвинители ќе постави вршител на должност

Советот на јавни обвинители на седницата закажана во 11 часот денес, треба да именува вршител на должноста државен јавен обвинител, откако актуелниот обвинител Љупчо Коцевски пред два дена поднесе неотповиклива оставка. Назначувањето ќе се врши согласно член 25, став 3 од Законот за јавно обвинителство.

Оставката на Коцевски беше соопштена на прес-конференција, непосредно пред почетокот на собраниската седница на која, по предлог на Владата, требаше да се отвори расправа за негово разрешување. Со тој потег, тој практично ја пресече постапката што ја иницираше извршната власт.

Коцевски оцени дека станува збор за опасен преседан со долгорочни последици врз институционалниот поредок и уште еднаш потенцираше дека обидот за негово разрешување е мотивиран исклучиво од политички причини.

„Од самиот почеток тврдев дека евентуалната постапка за мое разрешување е политичка одлука. Токму затоа денеска поднесов неотповиклива оставка“, изјави Коцевски на прес-конференцијата.

Од друга страна, Владата го оправда предлогот за негово разрешување со наводи дека Коцевски направил сериозни професионални пропусти и дека со своето работење го нарушил угледот на Јавното обвинителство.

Continue Reading

Македонија

Лидерот на СДСМ во Битола си поднесе оставка

 Претседателсот на Општинската организација на СДСМ во Битола, Методија Куновски, поднесе оставка само еден ден по изборот на Драган Крајовски во Извршниот одбор на партијата, како дел од новиот тим на лидерот Венко Филипче. Оваа изненадувачка одлука го отвора прашањето за внатрепартиските промени и новите динамики во битолската организација.

Куновски, кој ја презеде функцијата на чело на битолската организација во ноември минатата година, објави дека оставката ја доставил лично до претседателот Филипче. На последните локални избори во Битола, тој беше кандидат за градоначалник, предизвик кој, според него, никој друг не сакаше да го прифати поради извесната загуба на СДСМ.

„Одлуката ја донесов по темелна и одговорна лична и политичка проценка. Како претседател се соочував со сериозна дилема помеѓу обврската кон организацијата и впечатокот дека принципите што ги застапуваме јавно сè потешко се применуваат во пракса. Социјалдемократијата во која верувам не е декларација, туку вредносен систем што мора да се живее секојдневно – низ транспарентност, вклученост и политичка одговорност“, напиша Куновски на Фејсбук.

Поранешниот новинар, а денес вработен во прес-службата на РЕК „Битола“, потенцира дека функцијата ја прифатил со искрена намера да ја зајакне организацијата, да ја отвори кон членството и да ја врати довербата кај граѓаните. Но, како што истакнува, во изминатиот период сè појасно се појавиле практики кои не се во согласност ниту со неговите лични принципи, ниту со вредностите на социјалдемократијата.

„Не можам и не сакам да носам функција без суштинска можност за влијание, ниту да бидам формално присутен во процеси со кои суштински не се согласувам. Политичката и моралната одговорност налагаат јасен став и чесен чекор кон членството и граѓаните на Битола“, додава Куновски, благодарејќи им на членовите за поддршката.

Оставката на Куновски следува по одлуката на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да го врати Драган Крајовски во Извршниот одбор. Крајовски, кој претходно беше претседател на битолската општинска организација, го заменува Методија Илиевски, разрешен потпретседател и член на ИО.

Крајовски има богата партиска биографија – по професија е правник и адвокат, поранешен директор на затворот „Црн Мост“ во Битола, лидер на младината на СДСМ во градот и член на Централниот одбор на партијата. Битолчани го гледаат како „големо враќање“ во партијата, а тој важеше и за близок соработник на поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Со оваа динамична промена на лидерската позиција, СДСМ во Битола влегува во нова етапа, а политичките движења во градот ветуваат уште повеќе интересни пресврти.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг