Connect with us

Македонија

ТАРАВАРИ: Ќе се погрижиме не само за физичкото здравје, туку и за естетскиот изглед на пациентите од пожарот во Кочани

За опоравување на некои пациенти од несреќата во Кочани сигурно ќе бидат потребни неколку недели, меѓутоа ќе имаме и такви пациенти на кои ќе им биде потребна рехабилитација повеќе месеци, рече министерот за здравство Арбен Таравари. Подготвени сме за секој детал, рече тој, појаснувајќи дека државата ќе се погрижи не само во лекувањето на физичкото здравје, туку и на естетскиот изглед со оглед на тоа што се работи за млади лица.

– Подготвени сме за секој детал, бидејќи не се работи само за физичко здравје, туку и за естетски изглед, бидејќи се работи за млади лица со старосна граница од 15 до 35-40 години. Да се погрижиме за секоја ситница, целта ни е овие деца да продолжат да живеат нормално и да не бидат стигматизирани во општеството поради нивниот изглед, бидејќи изгорениците остануваат со одредени последици, генерално повредите се во рацете и лицата на овие деца, рече Таравари во гостување во вечерашното хуманитарно отворено студио на телевизијата Канал 5 за донирање на настраданите во Кочани.

Појасни дека се работи за 190 повредени, од кои дел се веќе дома, 15 се лекуваат во Скопје, додека 99 пациенти се лекуваат надвор од државата.

– После десет дена среќен сум што немаме ниту еден починат од тие што ја преживеаја несреќата во Кочани. Се работи за 190 пациенти, дел од нив се веќе дома, 15 се лекуваат во Скопје, додека 99 се лекуваат надвор од државата. Полека ги враќаме пациентите и се надевам дека бројките ќе бидат помали во наредниот период. Ние треба континуирано да сме обединети, жалам што треба да се случат вакви трагедии за да сите ние сфатиме дека силата е во единството и дека очајно ни треба како нација и држава, без разлика на нашите етнички и верски разлики. Мислам дека Македонија е обединета, но, за жал беше обединета во тага и болка. Би сакал еден ден сите ние да се обединиме за нешто убаво, што ќе значи живот, радост и иднина, рече Таравари.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска истакна дека сега приоритет на Владата се пациентите кои се надвор од државата, да им се помогне ним и на нивните семејства и за превоз и за сместување. Во исто време Владата дава максимална поддршка и на Црвениот крст за прибирање на средства за помош на семејствата на настраданите и на повредените во пожарот. -Сите пациенти се згрижени, нема потреба од дополнителни финансиски средства, рече таа.

Димитриеска Кочоска кажа дека во идниот период фокусот ќе биде на Кочани и на младите таму.

Во однос на тоа дали ќе продолжат инспекциските надзори, министерката за финансии рече дека овој случај покажува дека се што има во законите треба да се почитува, но и дека засилени надзори ќе има во континуитет.

Дел од отвореното студио беше и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој посочи дека земјава, за жал, во многу краток период се има соочено со слични случаи за кои потребно е да се изврши ревизија и да се сноси одговорност, бидејќи, како што рече, само така ќе се испрати порака до сите кои имаат надлежности да се однесуваат на ниво на задачата.

– Се работи за тешка трагедија, не знаеш што да кажеш во овие прилики. Ова нè обедини внатре не само како граѓани и политичари, туку и во региониот и пошироко. Сите жалат, тагуваат и речиси никој не можеше да поверува дека во еден миг заминаа многу млади животи. Но, тоа е мора да се продолжи и треба да се извлече поука од сето ова. Добро е што функционира правната држава, има одговорност. Во многу краток период, за жал, имавме вакви случаи за кои мислам дека треба да има ревизија и да се сноси одговорност, бидејќи само така ќе испратиме порака до сите кои што имаат надлежности да се однесуваат на ниво на задачата, бидејќи во моментот можеби изгледа нешто мало, но последиците се големи, рече Меџити.

Denesen.mk

Advertisement

Македонија

Продолжува судскиот процес за катастрофалниот пожар во „Пулс“

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се очекува ново рочиште за трагичниот пожар што ја погоди дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. На дневен ред се воведните зборови на одбраната на Александар Нацев, кого обвинителството го смета за неформален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, како и на правните лица „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани и „Рубикон секјурити солушнс“.

На претходното рочиште обвинителот Борче Јанев потенцираше дека судењето е повеќе од обид за казнување – тоа е чекор кон јавното соочување со институционалната одговорност. „Пожарот не е само последица на пиротехника, туку резултат на години системски пропусти, молчење и недостаток на контрола“, рече Јанев, додавајќи дека клубот бил претворен во „смртоносна стапица“.

Сите обвинети досега негираа вина за „тешки дела против општата сигурност“. Дел од нив преку адвокатите изразија сочувство до семејствата на жртвите, но упорно тврдеа дека трагедијата е последица на институционални пропусти, а не нивна лична одговорност.

Сопственикот на клубот, Дејан Јованов, кој девет месеци е во притвор, рече дека сè уште не може да поверува во трагедијата и дека никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син Михаил Јованов тврди дека против него нема докази. Одбраните на другите обвинети – вклучително поранешни функционери и инспектори – посочија дека постапувале согласно законот и дека немале надлежност или можност да го спречат пожарот.

Според обвинението, дискотеката „Пулс“ со години работела незаконски – со над дозволениот број посетители, без соодветни дозволи и без систем за противпожарна заштита. Пожарот, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата „ДНК“, се претвори во најсмртоносната трагедија од ваков вид во земјата, оставајќи длабоки рани кај семејствата на жртвите и во целото општество.

Continue Reading

Македонија

Силни врнежи од дожд и снег го најавуваат вистинското зимско време за празниците

Денеска Македонија е под влијание на нестабилна временска прогноза. Облачното небо ќе донесе повремени врнежи од дожд, особено во источните делови каде се очекуваат пообилни количини, локално над 25 литри на метар квадратен. Планинските предели ќе бидат побелени со снег, а слаб до умерен јужен ветер ќе го движи воздухот.

Во Скопје денот ќе биде облачен, со повремени дождови и слаб југоисточен ветер.

Утре времето ќе биде променливо облачно, со локални врнежи, најчесто во источните региони. На повисоките места и планините дождот ќе се претвора во снег. Попладне времето ќе се стабилизира, а ветерот ќе се смени во слаб до умерен северен. Главниот град ќе го доживее утрото со краткотраен дожд, но подоцна облаците ќе се расчистат.

Скијачките центри веќе се покриени со снежна покривка, која ќе се зголемува во наредните денови благодарение на врнежите од снег. Метеоролозите предупредуваат дека околу и по Нова година Балканот и Македонија ќе бидат зафатени од вистинска зимска офанзива – пообилен снег, пониски температури и вистински зимски услови за сите љубители на студените денови.

Continue Reading

Македонија

Ледени утра ни претстојат: Температурите паѓаат до -8 степени

Македонија денеска е под влијание на влажен бран со облачно време и повремени врнежи од дожд, додека на планините врнежите ќе бидат од снег.

Од петок се очекува стабилизирање на времето, но со значителен пад на утринските температури. За време на викендот и во почетокот на следната недела утрата ќе бидат ведри, но многу студени, со температури кои насекаде ќе се спуштат под нулата.

Најниските утрински температури се предвидуваат во недела и понеделник, кога на места ќе достигнат и до -8 степени. Дневните температури кон крајот на периодот ќе бидат во благ пораст, достигнувајќи до 10 степени.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг