Connect with us

Економија

Купувачите наместо да шетаат по маркети, ќе ги гледаат цените на интернет, но надвор од системот ќе останат маалските продавници

Објавата колку чинат производите на интернет ќе донесе поголема транспарентност и отчетност во работењето на маркетите, но времето ќе покаже дали ќе влијае и врз намалувањето на цените. Микротрговците остануваат надвор од ваквиот информативен систем зашто немаат капацитет за тековно ажурирање на цените.

Одредбата трговците секојдневно да ги објавуваат цените на производите што ги продаваат на нивните веб-страници ќе обезбеди поголема транспарентност, но прашање е дали значително ќе ги намали цените. Според купувачите, ќе им заштеди време за шетање по маркетите, за продавачите ова се само дополнителни обврски и ангажирање на работна сила која ќе се занимава со интернет-страницата и ажурирањето, а државата пак, во ова гледа скратување на можностите за манипулација на граѓаните од трговците и на подолг рок стабилизирање на цените. 

Изгор цени во некои од малите продавници, особено на овошјето и зеленчукот

– Има маркети кои и досега ги објавуваа цените на дел од производите, меѓутоа, на оние што тие мислеа дека е важно да ги објават, а не на сите. Сега ќе имаме прегледност на целиот асортиман. Но, надвор од мрежата остануваат голем дел од микромаркетите кои ги имаме речиси сите во наша близина, односно маалските колонијали кои нема да ги објавуваат цените, а оттаму купуваме барем половина од производите кога немаме време да одиме по маркети – ни рекоа повеќе граѓани со кои разговаравме низ колонијалите. 

Некои од нив сведочат дека има маалски продавници кои набавуваат храна од поголемите маркети и потоа ги продаваат по многу повисоки цени. 

– Најчесто кај нив купуваат повозрасни лица кои немаат сила да одат по големите маркети. Не сите, но има и такви продавници во кои бананите што на пазар се продаваат по 65 денари, тие ги нудат по 90 денари. Лимоните на пазар се 55 денари, а кај нив 90. Откако им наложија барем да ги изложат цените во маркетот, ситуацијата се подобри. Но, за зеленчукот и овошјето немаат изложени цени и има драстични разлики. Исто така, почнаа да отсуствуваат и фискалните сметки. На три-четири трансакции дали ќе ви дадат една фискална сметка – велат купувачи. 

Малите бизниси ќе бидат неконкурентни без објава на цени на интернет

Сопствениците на маалските колонијали кои ги контактиравме не сакаат јавно да зборуваат, но велат дека моменталните состојби се наклонети кон големите маркети и ќе доведат до згаснување на микробизнисите. 

– Ние не можеме да стасаме да ги објавиме цените на рафтовите во маркетите и секојдневно да ги менуваме зашто секој ден има нови промени, а не пак да објавуваме цени на интернет. Во маркетите сме по еден до двајца вработени. За да одржуваме такви веб-страници, ќе ни требаат уште по двајца вработени, а одвај вадиме плата и за еден. На овој начин уште еднаш сме неконкурентни – вели сопственик на маалски колонијал од Прилеп. 

Разлика меѓу микротрговец и трговец на мало

Според Законот за трговски друштва, доколку маркетот брои до десет вработени и во секоја од последните две пресметковни години или во правата од работењето остварил бруто-приход до 50.000 евра во денарска противвредност, спаѓа во категоријата на микротрговец. Тие немаат обврска да ги објавуваат секојдневно цените на производите што ги продаваат на интернет-страница како што налагаат сегашните измени на Законот за заштита на потрошувачите. Одредбата важи за трговците на мало, средно и на големо. Маркетите на мало се оние што задоволуваат еден од трите критериуми: вработени од 50 работници, па нагоре, годишниот приход да им е до 2.000.000 евра или просечната вредност (на почетокот и на крајот од пресметковната година) на вкупните средства (во активата) да е помала од 2.000.000 евра. 

– Практиката за објавување на цените на веб-страниците на маркетите ќе придонесе за поголема транспарентност и полесна споредливост од страна на купувачите. На овој начин купувачите би имале поголем увид врз движењето на цените, споредба на цена/квалитет, можности за користење акциски попусти и сл. За разлика од големите синџири на маркети кои поседуваат доволна информатичка и логистичка поддршка, дискутабилно е воведувањето на оваа практика кај малите продавници кои немаат свои веб-страници, ниту капацитет за тековно ажурирање на цените – вели Димитар Николоски, професор на Економскиот факултет при УКЛО во Прилеп. 

Ристески: Транспарентноста ќе ги стабилизира цените на подолг период 

Заменик-министерот за економија Марјан Ристески вели дека системот со објава на цените е израелски, а веќе е спроведен во Италија, Франција и Хрватска. Тој смета дека покажува голем успех во нормализирањето и стабилизирањето на цените на подолг период, односно да може пазарната економија правилно да ги формулира цените. 

– Со носењето на измената се постигнуваат три главни цели: прво, се зголемува транспарентноста во работењето на трговците, второ, се овозможува фер конкуренција меѓу трговците на мало и големо и трето и најважно, лесен пристап на граѓаните до цените на сите маркети и ќе можат да се информираат и да одлучат во кој маркет ќе ги трошат парите преку споредба на цените. Граѓанинот ќе може да одлучи каде ќе купува некој производ. Има маркети што работат со поголеми маржи, кои имаат повисоки цени и има хард дисконти, маркети кои работат со поголем обрт и помали маржи. Секој може да одбира и со ова граѓаните градат и култура на купување – вели Ристески. 

Измените во Законот стапуваат во сила на почетокот од април, а од нив се изземени микротрговците и трговците поединци.

Advertisement

Економија

Народната банка со нова веб-апликација: споредувајте кредити и депозити побрзо и полесно

Граѓаните од денеска можат побрзо и поедноставно да ја споредат понудата на банките и штедилниците преку новата веб-апликација на Народната банка. Оваа дигитална алатка е дизајнирана да овозможи транспарентен и лесно достапен увид во каматните стапки и условите за кредити и депозити за физички лица.

Со неколку клика, корисниците можат да изберат вид на кредит или депозит, да ги споредат каматните стапки и надоместоците, да применуваат различни филтри според износ, рок или тип на финансиски производ, и да добијат клучни информации за секоја понуда на едно место. На овој начин, граѓаните можат да донесуваат финансиски одлуки врз основа на реални и ажурирани податоци, прилагодени на нивните лични потреби.

„Со оваа апликација, Народната банка внесува нов, модерен и практичен начин за споредување на финансиските понуди, што ја зголемува транспарентноста и ја јакне финансиската писменост кај граѓаните“, велат од Народната банка. Податоците се доставуваат директно од банките и штедилниците, кои се одговорни за нивната точност и редовно ажурирање.

Проектот е поддржан од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ ДФ) и реализиран со финансиска помош од Европската Унија, со што дополнително се потврдува значењето на дигиталните алатки за зголемување на довербата во финансискиот систем.

Народната банка најавува дека ќе продолжи со инвестиции во дигитални решенија кои ја промовираат заштитата на потрошувачите, финансиската едукација и транспарентноста на пазарот.

Continue Reading

Економија

МБИ10 со пад од 0,19%, вкупен промет над 87 милиони денари

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

На трговската сесија од 25 декември 2025 година, индексот МБИ10 бележи пад од 0,19%, спуштајќи се на 10.054,94 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 129,44 поени. Вкупниот промет на берзата изнесуваше 87,38 милиони денари, со зголемена активност кај Комерцијална банка, Алкалоид и НЛБ Банка, кои го предводеа пазарот по ликвидност и обем на тргување.

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 5.555.080 денари

● Алкалоид АД Скопје (ALK) – 4.449.000 денари

● АЛТА Банка АД Битола (ALTA) – 73.421.100 денари (вклучува блок-зделка)

Топ добитници

● АЛТА Банка АД Битола (ALTA) +2,08%

● Универзална Инвестициска Банка АД Скопје (UIB) +2,76%

Топ губитници

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) –0,10%

● Макпетрол АД Скопје (MPT) –0,17%

● Стопанска банка АД Скопје (STB) –2,20%

Обврзнички пазар

Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници, при што индексот ОМБ остана стабилен на 129,44 поени. Цените на државните обврзници од сериите Денационализација 15–23 останаа непроменети, во опсег од 90 до 95 евра по обврзница.

На берзанската сесија од 25 декември 2025 година, активноста беше зголемена, со вкупен промет од 87,38 милиони денари, поттикнат од големата блок-зделка со акциите на АЛТА Банка. Индексот МБИ10 забележа благ пад од 0,19%, под влијание на негативните движења кај Комерцијална банка и Алкалоид, додека АЛТА Банка и Универзална Инвестициска Банка беа меѓу добитниците. Обврзничкиот пазар остана неактивен, со стабилен индекс ОМБ и непроменети котации на државните хартии од вредност.

Continue Reading

Економија

Божиновска: Кризната состојба е превентивна – ЕСМ ги има спроведено набавките по планот

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска изјави дека воведената кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија е резултат на ненадејните околности и има превентивен карактер, нагласувајќи дека АД ЕСМ ги спровело сите набавки согласно планот. Таа посочи дека штрајкот на земјоделците во Грција, кој трае со денови, не можел однапред да се предвиди.

Одговарајќи на пратеничко прашање, Божиновска истакна дека иако АД ЕСМ е под надлежност на Владата и Министерството, институцијата нема директни ингеренции врз штрајкот и снабдувањето со енергенси од странство, но како одговорна Влада е донесена одлука за воведување кризна состојба во траење од седум дена.

Пратеничката од ДУИ, Рина Ајдари, оцени дека не се работи за енергетска, туку за „криза на неодговорности“, прашувајќи зошто навреме не биле преземени мерки за заштита на граѓаните од ценовен шок поради поскапувањето на струјата.

Божиновска одговори дека Владата без надомест ќе ги стави на располагање државните резерви на мазут и ќе му овозможи на АД ЕСМ да ги користи, со цел непречено производство на електрична енергија додека трае штрајкот во Грција, а по неговото завршување резервите повторно да се надополнат.

Во однос на цената на електричната енергија, министерката нагласи дека таа е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика. И покрај тоа што според Реформската агенда државата треба да субвенционира 75 проценти од износот, таа рече дека Владата обезбедува 100 проценти поддршка за граѓаните.

„Цените на пазарот се над 100 евра, а ние обезбедуваме струја по цена од 65 евра за да нема ценовни шокови. Околу 70 проценти од граѓаните се во првиот блок. Иако инфлацијата е околу 4 проценти, поскапувањето на струјата изнесува само 2,25 проценти“, изјави Божиновска.

Таа информираше и дека со новиот Закон за енергетика, кој е целосно усогласен со европското законодавство, првпат се воведува концептот на енергетска сиромаштија. Предвидени се финансиска помош и дополнителни мерки за заштита на ранливите категории, вклучително и забрана за исклучување од електрична енергија во текот на зимските месеци.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг