Connect with us

Економија

ОД СЕПТЕМВРИ ПЕНЗИИТЕ ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВААТ СПОРЕД СТАРАТА МЕТОДОЛОГИЈА Собранието донесе измени на Законот за пензиско осигурување

Published

on

Системската одредба на член 37 за усогласување на пензиите во периодот од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година беше донесена за да се реализира линеарното зголемување на пензиите од 5.000 денари и тоа 2.500 денари на 1 септември 2024 година и 1 март 2025 година.

Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидското осигурување со кои се става вон сила зголемувањето на пензиите со фиксен износ и од септември годинава се враќа старата методологија на пресметување на порастот на пензиите, односно според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50%.

Системската одредба на член 37 за усогласување на пензиите во периодот од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година беше донесена за да се реализира линеарното зголемување на пензиите од 5.000 денари и тоа 2.500 денари на 1 септември 2024 година и 1 март 2025 година.

Со измените се  уредува и еден од условите за именување на директорот, односно заменик директорот на Фондот, кој се однесува на поседување на уверение, сертификат и/или потврда со кои се докажува познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија.

Пратеничката на СДСМ Јованка Тренчевска забележа дека примателите на пензии кои го стекнале правото на пензија во државата, но пензијата им се исплаќа во друга држава се исклучуваат од можноста за усогласување на пензиите.

– Пензионери кои оствариле такво право се 9.981 лице и уште 2.000 кои во моментот се исклучени поради доставувањето потврда за живот. Вкупно околу 12.000. Најголем дел од нив, односно 5.737 лица се од Србија , во Косово има околу 1.000, а останатите се во други 30 држави. На сите заедничко им е што работеле во Македонија, плаќале придонеси и го оствариле правото на пензија во земјава. Тоа се лица кои согласно ратификуваните меѓународни договори оствариле право на пензија со збир на стаж во двете договорни страни односно во Македонија и земјата со која имаме потпишано договор за социјално осигурување и каде што им се исплаќаат пензиите –  истакна Тренчевска.

Со измените, нагласи таа, им се скратува можност за усогласување на пензиите не само сега во март, тука засекогаш.

– Се бришат како да не постојат од правото за усогласување на пензиите, а со тоа и нивниот раст. Ќе останат се додека ја примаат пензијата со вредноста која во овој момент ја добивале – рече Тренчевска.

Со измените забележа дека им се дава можност на државите со кои имаме потпишано договори за социјално осигурување истото да го направат и за наши граѓани кои работеле во некоја од нив, а своите пензионерски денови решиле да ги поминат, да се вратат во Македонија.

– Македонија има потпишано и ратификувано договори за социјално осигурување со сите земји во кои се исплаќаат пензиите на овие 12.000 граѓани. И во најголем дел од нив постои одредба со која се овозможува еднаков третман на граѓаните во двете земји на договорните страни, односно и дека при примената на правните прописи на една договорна страна ќе бидат изедначени државјаните од друга договорна страна, кои остваруваат одредено право согласно договорот, особено се истакнува во делот на пензиите – рече Тренчевска.

Пратеничката на ВМРО – ДПМНЕ, Ангелинка Петкова во реплика нагласи дека со измените се покачуваат пензиите на пензионерите за 2.500 денари и оти тоа е второ покачување од септември минатата година. Таа подвлече дека тоа што го ветувале и го исполнувале навраќајќи се на проектите реализирани во претходниот мандат на ВМРО – ДПМНЕ.

– А вие им ги намаливте пензиите. Пензиите беа под нивото на социјална помош. Од вкупно 320.000 пензионери, 170.000 имаа пензија под просечната, еднаква на социјална помош. 89.000 земаа пензија под 9.000 денари, затоа ви се случија протестите, пензионерите беа незадоволни – рече Петкова.

Економија

„Смедеревка“ медиуми, од Мрзенци

Published

on

Почитувани новинари и уредници, сите сте ми драги, но подрага ми е вистината. Кога споредувате номинални износи, треба тие да бидат од иста категорија. Така, во случајов, износот на минималната плата во Македонија што се користи во јавноста треба да се спореди со нето износот во соседна Бугарија, кој во моментов е 427 евра, а не 551 евро (ова е износ со вклучен персонален данок и придонеси за социјално осигурување).

Не поминаа десетина дена откако повеќето домашни медиуми наседнаа на првоаприлската шега дека, наводно, француски производители на вино од некојси газда Ѓоко од Мрзенци купувале вино од сортата „Смедеревка“, на што на францускиот пазар го продавале по 100 пати повисока цена. Фантастична маржа од 10.000%!

Никој не ја беше проверил веста што ја објави српскиот портал „Вино и Фино“ дали воопшто постои тој Ѓоко од Мрзенци, за да го искараат зошто дозволува, што би рекол претседателот Трамп, Французите да ја „соголуваат“ Македонија, слично како што се зборуваше дека во рамките на поранешната СФРЈ „паметните Словенци“ нè соголувале купувајќи евтино наше вино во цистерни, за подоцна да го продаваат по повеќекратно повисока цена во шишиња.

Или можеби помислиле дека портал чиешто име потсетува на „Храна и вино“ мора да ја зборува вистината.

Значи, по само десетина дена, повторно „самоубиство од заседа“! Цела дузина електронски портали, од кои некои имаат и печатени дневни изданија, објавија дека, ќе цитирам еден од нив: „Минималната плата во Македонија, која од март изнесува 24.379 денари или околу 396 евра, е за 155 евра пониска дури и од најниската минимална плата во Европската Унија – онаа во Бугарија, каде работниците добиваат 551 евро месечно.

Објавите се темелат на соопштение на Евростат, статистичка база на Европската Унија, за висината на минималната плата што се исплаќа во 22 од 27 земји членки на ЕУ од почетокот на 2025 година. Пет земји членки на ЕУ немаат со закон пропишана минимална плата.

Во спомнатото соопштение од само неколку страници убаво стои дека податоците се однесуваат на месечен износ на минимална БРУТО плата. Свесно или несвесно, а ова се повторува со години, при споредба на износот на минимална плата во нашата земја со други земји, износот на минимална плата во НЕТО износ се споредува со износот во БРУТО износ кај другите.

Се сеќавате дека пред неколку години истите овие медиуми се подбиваа со лапсусот на еден поранешен министер за финансии во владата на Република Македонија кој, иако статистичар по вокација, дури откако станал министер ја разбрал разликата бруто-нето, која, колку што се сеќавам, се однесуваше на прибраниот ДДВ во државната каса.

Сега е ред да појасниме за што станува збор. Прво, манипулацијата, како што реков, свесна или несвесна, сеедно, се користи за познатиот синдром „удирање од земја“ дека кај нас работите не чинат, а кај другите, особено кај соседите, тече мед и млеко.

Второ, постојано се потхранува наративот дека платите треба постојано да растат, без разлика на состојбата во економијата, продуктивноста и можностите на фирмите и на државниот буџет. Па безбели и новинарите се работници (медиумски) кои живеат од плата, па ако му се помогне на ССМ во борбата за повисоки плати, корист би имале и тие самите.

Почитувани новинари и уредници, сите сте ми драги, но подрага ми е вистината. Кога споредувате номинални износи, треба тие да бидат од иста категорија. Така, во случајов, износот на минималната плата во Македонија што се користи во јавноста треба да се спореди со нето износот во соседна Бугарија, кој во моментов е 427 евра, а не 551 евро (ова е износ со вклучен персонален данок и придонеси за социјално осигурување).

Произлегува дека минималната плата во Бугарија во моментов е за околу триесетина евра, или за 7,8% повисока во споредба со нашата минимална плата. Минатата годинаБугарија се најде под притисок на ЕУ која со директива побара од земјите членки износот на минимална плата да го зголемат до ниво од 50% од просечната плата во односната земја.

Со најновото зголемување, износот на минималната плата во однос на просечната кај нас достигна 59% и како таков е меѓу највисоките соодноси во светот!

Понатаму, не е на одмет да се потсетиме дека Бугарија има за 50% повисок БДП по глава на жител од Македонија. Но, тоа не е сè! Евростат во соопштението за минималната плата во земјите членки укажува дека номиналните износи не се вистинско мерило за разликите во животниот стандард. Тие разлики се намалуваат доколку се води сметка за куповната моќ на парите, или она што ние економистите го нарекуваме „паритет на куповни сили“.

Ова се должи на фактот што нивото на цени во помалку развиените земји е пониско од тоа во развиените. На друго место имам спомнато, а тоа го тврдам и во оваа прилика, дека мерено според куповната моќ на парите, минималната плата во Македонија е повисока од таа во Бугарија, која во случајов ја користиме за споредба.

Не мислам дека и со оваа интервенција ќе ги убедам сите медиуми кои не ја разбрале разликата меѓу бруто и нето дека не треба да споредуваат „баби и жаби“. Но, и оваа Сизифовска работа, за разлика од најголемиот број колеги економисти, ја разбирам како професионална должност.

А на медиумите заради кои е напишан овој текст, би им порачал да не бидат ниту „смедеревка“, но ниту „жилавка“ медиуми, кои постојано ќе наседнуваат на лажни вести и жилаво ќе пласираат невистини.

Трајко Славески

Continue Reading

Економија

Неделен извештај за тргувањето на Македонската берза – 07.04.2025 – 11.04.2025

Published

on

Скопје, 11 април 2025 година – Македонската берза го заврши тргувањето за периодот од 7 април до 11 април 2025 година со вкупен промет од 177.556.131 денари, реализиран преку 685 трансакции на официјалниот и редовниот пазар.

Динамика на тргување и пазарни движења

Најголем дел од тргувањето беше концентрирано во акциите на Комерцијална банка Скопје, Алкалоид, и Макпетрол, а неделата беше обележана со повеќе блок трансакции кај Комерцијална банка.

Најтргувани акции

1. Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 93.522.371 денари

2. Алкалоид АД Скопје (ALK) – 51.732.197 денари

3. Макпетрол АД Скопје (MPT) – 8.275.633 денари

Најголеми добитници на неделата

1. НЛБ Банка АД Скопје (TNB) – пораст од 4.33%, со последна цена од 58.299 денари

2. Алкалоид АД Скопје (ALK) – пораст од 4.21%, со последна цена од 27.500 денари

3. Универзална Инвестициска Банка (UIB) – пораст од 2.99%, со последна цена од 7.158 денари

Најголеми губитници на неделата

1. Макстил АД Скопје (STIL) – пад од 6.47%, со последна цена од 130 денари

2. Стопанска банка АД Скопје (STB) – пад од 3.66%, со последна цена од 2.500 денари 

3. ТТК Банка АД Скопје (TTK) – пад од 2.62%, со последна цена од 1.899 денари

Блок трансакции

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB)

○ 28.300 денари / акција – вкупно 8.857.900 денари

○ 28.800 денари / акција – вкупно 2.880.000 денари

Неделата 07.04.2025 – 11.04.2025 беше високо активна, особено кај големите банки и фармацевтскиот сектор. Најголеми добитници беа НЛБ Банка, Алкалоид и УИБ, додека Макстил и Стопанска банка Скопје беа под притисок на ценовен пад.
Овој извештај е подготвен врз основа на официјалните податоци од Македонска берза, а е изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје.

Continue Reading

Економија

Минимална плата од 500 евра?

Published

on

Минимална плата од 500 евра – само пуста желба или реалност?

Синдикатот „војува“ на неколку фронтови. Крајната цел е поголема плата за работниците коишто едвај врзуваат крај со крај, поради енормниот пораст на цените на храната.

Додека минималецот во Европа во некои земји рипна и над 2.000 евра, за македонските работници минимална плата од 500 евра сè уште е само пуста желба. И покрај упорните барања на Сојузот на синдикатите (ССМ) за пораст на минималната плата, како и за раст на сите плати за 6.000 денари, тешко оди битката за повисок стандард на најниско платените работници. Синдикатот „војува“ на неколку фронтови. Крајната цел е поголема плата за работниците коишто едвај врзуваат крај со крај, поради енормниот пораст на цените на храната.

Волја има – ќе има ли напредок во преговорите?

Првиот синдикалец Слободан Трендафилов деновиве седна на разговори со владини претставници и ги повтори барањата за зголемување на минималната плата на 500 евра, откако претходно Владата сама донесе одлука со која минималецот се зголеми за 1. 800 денари.

Од Владата порачаа дека ќе го прифатат секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите што ќе биде постигнат во рамки на економско-социјалниот дијалог. Најавите се дека во наредните денови треба да се утврди репрезентативноста на синдикатот и ќе почне со работа Економско-социјалниот совет.

денари, плата, пари

Зошто минималната плата треба да расте

Според Марјан Петрески од Фајнанс тинк, минималната плата треба да расте, бидејќи нејзината примарна функција е да го зачува животниот стандард на најниските приматели на плата. „Како процент од просечната плата веќе се доближува до 60 проценти и мислам дека е соодветна“, оцени деновиве Петрески.

„Кога зборуваме за минималната плата треба да внимаваме на два аспекта – што дополнителниот товар ќе значи за економијата и за оние што треба тие плати да ги исплаќаат или што ќе значи за буџетот ако тој товар се префрла таму. Вториот аспект е што поголемата маса на средства во економијата може да предизвика за цените, односно за инфлацијата. Во моментов движењата се поволни, во последниот месец имаме подобрување во смисла на намалување на цените и вкупно и особено кај храната и мислам дека политиките треба да бидат особено внимателни за таквиот тренд да не се наруши“, вели Петрески.

Каде има најмала, а каде најголема минимална плата?

Најновите податоци на Евростат покажуваат дека најниска минимална плата  во ЕУ  во јануари била исплатена во Бугарија – 551 евро, додека највисока во Луксембург – 2.638 евра. Минималната плата е законски утврдена во 22 од 27 земји-членки на ЕУ, а исклучок се само Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска.

Во десет земји минималната плата е пониска од 1.000 евра. Освен Бугарија, најдолу на листата се и Унгарија (707 €), Латвија (740 €), Романија (814 €), Словачка (816 €),  Грција (968 €) и Хрватска (970 €). Над 1.500 евра минимална плата исплаќаат Франција (1.802 €), Белгија (2.070 €), Германија (2.161 € бруто плата), Холандија (2.193 €), Ирска (2.282 €) и Луксембург (2.638 €).

Согласно законското усогласување, минималната нето плата во  Северна Македонија  изнесува 24.379 денари, односно 36.037 денари бруто плата.

Битка на неколку фронтови

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), минатиот месец на маса стави предлог заутврдување на минималната плата согласно законот, но и донесување на одлука со која минималната плата ќе се зголеми за дополнителни 6.000 денари. ССМ предложи работодавачите да бидат помогнати или субвенционирани за плаќање на придонесите за овие 6.000 денари во период до 12 месеци.

Работодавачите, пак, излегоа со свои аргументи зошто ваквиот предлог не е прифатлив. „Нашиот став е – ништо повеќе од законското усогласување на минималната плата, затоа што и на тој начин ќе бидеме со највисок однос на минималната во однос на просечната плата во ЕУ, кој е некаде околу 59 проценти. Европската директива им препорачува на земјите-членки тој однос да се движи околу 50 проценти, а ние дури во законот имаме уште една одредба, по инсистирање на синдикатот, дека не може да биде понизок од 57%. Сега сме над таа граница“, изјави неодамна за ДВ, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Во меѓувреме, покрај отпорот на работодавачите, ССМ се соочи и со синдикални поделби. Два од синдикатите се спротивставија на овие барања. „Работниците во Македонија немаат толку голем проблем со Владата, колку што имаат со останатите синдикати. Единствено ССМ ги истакна барањата на работниците, вклучително растот на минималната плата, растот на сите останати плати, како и почитувањето на општиот колективен договор за јавниот сектор и потребата од зголемување на платите во јавниот сектор за 12,6 проценти. Владата во овој момент не е против зголемувањето на минималната плата“, изјави деновиве првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов.

Пресметките на ССМ покажуваат дека минималната синдикална кошница рипна до 63.000 денари, со што граѓаните ниту со две и пол минимални плати не можат да ги покријат основните трошоци за живот. Владата, пак, скрои нова потрошувачка кошница во која нема да влезат трошоците за алкохол, цигари и летување во странство.

„Тоа го сметаме за луксуз. Исто така нема да има овошје кое не е карактеристично за одредена сезона во годината. Сето ќе биде врз база на релевантни податоци и релевантни цени на производи и податоци од повеќе маркети. Никој не го скратува правото на одмор, но, сепак одењето на одмор во странство не може да си го обезбеди секој граѓанин во земјава. Сметаме дека не е еден од податоците кој треба да влезат во пресметката на просечната потрошувачка кошничка“, изјави во петокот (11.04) заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.

По протестот на 2 април, синдикатите на 1 Мај повторно ќе излезат на улица и на Меѓународниот ден на трудот ќе ги повторат своите барања за пораст на минимална плата, како и за раст на сите плати во земјата.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк