Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, соопшти дека Интерпол одбил да издаде налог за апсење за него и за претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ.
„Претседателот Александар Вучиќ штотуку ми се јави да ме извести дека добил известување од Дирекцијата на Интерпол дека жалбата на Србија е прифатена и дека Интерпол го одбил барањето на Судот на БиХ да издаде црвена потерница за мене и Стевандиќ. Благодарност до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за поддршката и јасната и принципиелна комуникација со Интерпол. Му благодарам на претседателот Орбан, како и на претседателите на сите други земји кои поднесоа жалба, разбирајќи ја политичката позадина на судскиот прогон на кој сум изложен“, напиша Додик на X.
Граничната полиција на БиХ истражува како Додик ја преминал границата
За потсетување, Судот на БиХ побара распишување меѓународна потерница за Додик и Стевандиќ откако тие ја преминаа државната граница додека по нив беше распишана внатрешна потерница. Судот на БиХ го поднесе барањето за меѓународна потерница до канцеларијата на Интерпол во Сараево.
Граничната полиција на БиХ истражува како Додик ја поминал границата, со оглед на тоа дека има информации дека делегацијата со ротациони светла го минала граничниот премин Рача, без задолжително застанување.
Претходно, Стевандиќ ја мина и државната граница, кој замина во Србија на денот на големите студентски блокади на 15 март. Тој по неколку дена се врати во БиХ, а на јавноста ѝ остана непознато како се вратил во земјава.
Тие двајца, заедно со премиерот на РС, Радован Вишковиќ, се осомничени во случајот на Обвинителството на БиХ, кој се однесува на кривичното дело нарушување на уставниот поредок.
Додик се врати во Република Српска
Медиумите од Република Српска јавија дека лидерот на босанските Срби Милорад Додик се вратил од Русија. Додик завчера во Москва беше примен од рускиот претседател Владимир Путин. Тој од Москва најави дека и покрај потерницата издадена по него од судството на Босна и Херцеговина, тој в сабота ќе се појави во Бања Лука, тврдејќи дека никој нема да го спречи во тоа.
„В сабота ќе бидам во Бања Лука на средба со раководството на РС“, изјави Додик за новинарите од медиумите на Република Српска кои го придружуваа за време на неговиот престој во Москва.
Додик со денови го криеше точното место на престој по заминувањето од Израел минатиот четврток, што поттикна бројни шпекулации за неговите планови откако Судот на БиХ му одреди притвор и издаде налог за негово апсење бидејќи одби да одговори на поканата на Обвинителството на БиХ за сослушување.
РТРС најави дека ќе го праша Додик за неговата средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за политичката ситуација во Република Српска и за најавената голема средба на раководството на Република Српска в сабота.
Сезонската работа во Хрватска станува се попопуларна меѓу Македонците, особено во туризмот и угостителството. Во 2024 година, повеќе од 10.000 наши граѓани заминале за сезонска работа во Хрватска.
Годинава, потребата од сезонски работници во туристичкиот сектор се проценува на околу 70.000 работни места. Најчесто се бараат готвачи, слаткари, келнери, велнес терапевти и други слични позиции.
Платите за сезонските работници во Хрватска зависат од секторот, позицијата и искуството. Според податоците за 2025 година, просечната месечна плата во Хрватска е околу 1.361 евра.
Позициите како собарки, помошници во кујна и келнери обично заработуваат меѓу 1.000 и 1.400 евра нето месечно во врвот на сезоната. Најплатени се позициите како готвачи и менаџери, кои можат да заработат од 1.500 до 2.000 евра месечно, во зависност од локацијата и нивото на искуство.
Зголемената побарувачка за работна сила, особено во туризмот и угостителството, натерала работодавците да понудат повисоки плати за да привлечат квалификувани работници.
Претседателот на ХДЗ и хрватски премиер Андреј Пленковиќ изјави дека е уверен оти ЕУ нема да воведе санкции за претставниците на Република Српска, а тоа нема да го направи ниту Хрватска.
-Ми се чини дека иницијативата за усвојување санкции на ниво на ЕУ нема да помине. Следејќи ги позициите на земјите-членки, тоа не е реално, изјави синоќа Пленковиќ во Мостар по средбата со претседателот на ХДЗ БиХ Драган Човиќ, пренесе агенцијата Срна.
Пленковиќ изјави дека Хрватска не е во иста позиција како некои земји од ЕУ.
-Ние сме првите соседи, Бањалука е буквално на час и половина од Загреб и од таа страна сакаме да испратиме смирувачки пораки кои ќе поттикнат дијалог, ќе ги вратат работите на вистинското место, а вистинското место е да се најдат решенија за иднината на БиХ меѓу политичките партии и институциите во БиХ, рече Пленковиќ.
Тој посочи дека се друго не е добро, бидејќи тоа би довело до поголеми тензии, забавување на европскиот пат и лоша економска состојба.
Пленковиќ истакна дека Босна и Херцеговина нема друг пат освен европскиот, кој ќе обезбеди хармонично функционирање на БиХ.
Во северна Грција ќе се изгради првиот тематски парк во светот посветен на Александар Велики, легендарниот крал и војсководец на античкото македонско кралство. Целта на проектот е да се поттикне туризмот во регионот.
Најавата беше објавена минатата недела на конференција за недвижности и туризам од страна на Григорис Аванидис, проектен менаџер во компанијата DreamWorkers, која се занимава со развој на тематски паркови.
„Александар Тематски Парк“ ќе се гради на површина од осум хектари, помеѓу Сера и Кавала, во близина на античкиот град Амфиполис – локација каде во 2014 година беше откриена гробницата Каста, едно од најзначајните археолошки откритија во 21 век.
Паркот ќе понуди комбинација од внатрешни и надворешни атракции прилагодени за целото семејство, кои ќе спојуваат интерактивно учење и забава. Деталите ќе бидат дополнително објавени во текот на годината, а изградбата се очекува да започне во 2026 година со предвидена инвестиција над 10 милиони евра.