Горниот дом на Парламентот на Босна и Херцеговина, познат како Дом на народите, денеска едногласно ги усвои измените на Законот за служба во вооружените сили. Со овие измени, максималната возраст за професионална воена служба се зголемува од 40 на 45 години, под услов војниците да ги исполнуваат психофизичките барања и потребите на службата.
Законот беше разгледан на вонредна седница и предложен од делегатот Џемал Смаиќ. Во образложението, Смаиќ нагласи дека вооружените сили на БиХ се соочуваат со сериозен недостиг на персонал, поради што продолжувањето на старосната граница е неопходно за одржување на оперативните способности на армијата.
Според него, оваа мерка ќе овозможи подобра искористеност на постојниот кадар и ќе придонесе за стабилноста на одбранбениот систем. Новите измени овозможуваат подолг професионален ангажман на војниците, без да се менуваат строгите стандарди за физичка и психичка подготвеност.