Connect with us

Економија

(ВИДЕО) Краварската фарма на ЗК Пелагонија со над 1000 грла – гигант во млекопроизводството по европски стандарди

Published

on

Земјоделскиот Kомбинат Пелагонија е водечка компанија во рамките на агробизнисот во државата и најголемиот производител на храна во земјава. Располага со 16 000 хектари земјоделско земјиште, а во склоп на комбинатот се кравараска и овчарска фарма, потоа рибник, фабрика за добиточна храна, центар за семепроизводство и биогасна централа.

Говедарството во ЗК Пелагонија е организирано во две фарми. Едната фарма се наоѓа во Новаци, а другата во Породин каде говедата се одгледуваат со слободено движење.

Ја посетивме фармата во Новаци, најголемата фарма не само на Балканот, најголема и во овој дел на Европа. Со изградена инфраструктура, со современи објекти, исполнети услови за благосостојба на животните, најнова модерна технологија и високо млечни крави од расата Холштајн како круна на инвестицијата и лидерската позиција во млекопроизводството.

Не пречека менаџерот на сточарско производство – Челеби Абдиу, чија енергија и желба за работа се препознава веднаш. Последните години и бројките во развојот на фармата го потврдува ова.

-Краварската фарма во Новаци која е во состав на ЗК Пелагонија има 1040 крави од кои 850 молзни со просек 28 литри по грло. Нашата интенција е да се зголеми тој просек до 30 литри по грло, што не е недостижно затоа што сме имале над 30 литри и сега пролетва се надеваме дека ќе го постигнеме тој просек. Имаме одличен тим на професионалци секој во својот дел и работиме тимски се во интерес на развој на фармата- вели Челеби.

Покрај набавката на холштајн високопродуктивни крави и јуници, во говедарските фарми посебен  акцент се става на почитување на сите стандарди и се посветува особено внимание на хигиената, правилната и висококвалитетна исхрана, а се со цел  добивање на врвно млеко по европски стандарди.

-Постојана работа, континуирана работа е она што не карактеризира како тим. Многу фактори влијаат, еден мозаик кој треба перфектно да се состави за да се види целата слика, почнувајќи од исхрана, услови за сместување, примена на технологија која во нашата фарма е на високо ниво, вложувано во инфраструктура, применета напредна технологија, поседуваме услови кои ретко фарма може да се пофали. Во нашите говедарски фарми, каде се почитуваат стандарди и се посветува особено внимание на хигиената, со помош на правилната и висококвалитетна комбинација на исхрана, добиваме врвно и здраво млеко по европски стандарди – вели земјоделскиот инжинер, Игор Петровски.

Во рамките на ЗК Пелагонија ад Битола работи и Фабриката за добиточна храна лоцирана во село Радобор,  во која се произведуваат концентрати за сите категории на говеда.

– Под раководство на висококвалификувани технолози и најсовремена производна линија , производството на концентратите во најголем дел се прави од сопствените земјоделски производи, по пропишани рецептури кои ги задоволуваат сите потребни стандари. Целиот процес на производство претставуваа една интегрирана целина, од растително производство, пченка, јачмен, соја …Во фабриката за добиточна храна се подготвува концентрираниот дел и се доставува во фармата за употреба. Исто и кабастиот дел го снабдуваме од нашите парцели – вели Петровски.

Кравите ги затекнавме, како што велат вработените на „попладневна дремка“, но затоа менџментот будно ги следи сите процеси во текот на производството, преку системот на следење на секое грло добиток во фармите.

-Во однос на применетата технологија во процесот на производството, работиме со напредна програма која ги интегрира сите животни во фармата, од раѓањето па до напуштање од фармата. Се следи нивното производство, нивната лактација во текот на производството. Во однос на здравствената заштита, ветеринарната заштита на животните, имаме ветеринари и техничари кои се важни во производството. Како фарма со организирано масивно производство најважен дел е превентивата, доследно се почитува календарот на вакцинација. Во однос на осеменувањето исто така професионално се применуваат најновите технологии. – вели Петровски.

Времето кога се молазат кравите е точно утврдено, а самиот процес на молзење е на најмодерен начин и во строго контролирани услови. Сите овие исполнети услови во краварската фарма на ЗК Пелагонија, од високо млечната раса, условите на одгледување, хигиената, превентивата, квалитетната добиточна храна како и ангажманот на вработените го дава посакуваат ефект – производство на најквалитетно домашно млеко кое ги надминува и европските високи стандарди. Целото производство на млеко се пласира во Млекарницата „Здравје“ каде понатаму се произведуваат висококвалитетни млечни производи. За квалитетот на млекото најдобро можат да кажат од млекарницата која има привилегија да го преработува најдоброто млеко од македонија.

-ЗК Пелагонија е најголемата краварска фарма во овој дел од Европа. Најсовремена и најдобра фарма за сурово млеко, подобра фарма од неа нема. Тие испорачуваат резултати кои лесно можат да се утврдат и се видливи. Европската берза го квалификува млекото на одредени параметри, и вие може да видите каде сте со млекото што го произведувате, во која линија се движите од тие европски просеци и параметри. За илустрација, по хемиските параметри просекот во ЕУ во земјите, како Холандија е 3,43 % протеини и 4,2 маснотии. ЗК Пелагонија просекот на годишно ниво е над 4.4 % маст и 3,55 протеин. Она што ЗК Пелагонија го има во протеинот, некои го нема ни во маст. Пикот на протеинот некогаш достигнува и до 3,8 % и што е уште поважно секоја година имаат повторливост. Тоа значи дека имаат повторливост на постапките и на производството. И нас ни е многу полесно да произведуваме и испорачаме таков производ на Европските пазари. ЗК Пелагонија е професионален конгломерат и гордост на целата држава кога станува збор за производство на домашно млеко и треба да се поддржи ваквото производство и од страна на државата – вели Златко Најдовски – Извршен директор на Млекара ЗДРАВЈЕ.

На неизбежната тема – субвенционирање на сточарското производство, ставот на Најдовски е многу јасен. Ако сакаме зголемување на домашното производство на млеко, мора да се тргне лимитот во висината на субвенционирање кој сега постои за големите фарми.

-Она што треба да се направи е да се тргнат лимитите на државната поддршка која се дава по субјект. Ако се оди на зголемување на домашното производство на млеко, тоа секако може само со големите фарми кои можат да ги исполнат стандардите на производство. Такви фарми во државата имаме 20 и да ги прашате тие сточари сите ќе ви кажат колку големи инвестиции се потребни од набавка на високомлечни грла добиток до изгрдаба на фарма. Тоа се милионски инвестиции, во евра. Денеска една крава во зависност од расата е од 2.500-3.000 евра. Ако ви е изградена фармата вам ви треба по 2.500 евра за една крава па нагоре за да се овозможат условите за одгледување. И сега рачунајте вие ако имате 500 крави , колку треба да се инвестира. Инвестициите се преголеми за сами да можат да ги исполнат, а при тоа да бидат конкурентни на пазарот. За да се подобри ефикасноста и продуктивноста треба извонреден концепт на фарма кој треба да е скоро безгрешен и подеднаков како една фарма во Холандија, Англија, Франција. Таму е веќе униформност и ако не се постигне тоа ниво, повторно нема да бидете ефикасни и конкурентни. Од тој аспект, доколку се стимулира млекопроизводството, големите фарми треба секогаш да имаат предност – дециден е Најдовски.

Според она што го видовме и слушнавме од посетата на говедарската фарма на ЗК Пелагонија во Новаци, можеме да заклучиме само едно, а тоа е важноста од постоењето и функционирањето на ваква современа фарма во нашата држава која може сериозно да го повлече напред целиот сектор. Ова треба да го види државата и да ја зголеми поддршката, само така субвенциите ќе имаат развоен ефект преку зголеменото домашно производство на млеко, зголемен извоз на млечни производи, влез на девизи и намалување на трговскиот дефицит.

Економија

Дневен извештај за тргувањето на Македонската берза – 16.04.2025

Published

on

Скопје, 16 април 2025 година – Македонската берза го заврши денешното тргување со вкупен промет од 33.591.290 денари. Индексот МБИ10 забележа благ пад од 0,07%, достигнувајќи вредност од 10.271,88 поени.

Динамика на тргување и пазарни движења

Денешниот ден беше обележан со солидна активност на официјалниот пазар, предводена од тргувањата со акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол. И покрај релативно високиот вкупен промет, индексот МБИ10 бележи мало повлекување, под влијание на неколку падови кај клучни хартии од вредност.

Најтргувани акции

1. Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – промет од 16.689.570 денари, последна цена 28.600 денари, пад од -0,36%

2. Алкалоид АД Скопје (ALK) – промет од 11.707.860 денари, последна цена 27.349 денари, пад од -0,14%

3. Макпетрол АД Скопје (MPT) – промет од 1.867.500 денари, последна цена 103.750 денари, пораст од +1,13%

Најголеми добитници

1. Макпетрол АД Скопје (MPT) – пораст од +1,13%, последна цена 103.750 денари

2. Стопанска банка АД Скопје (STB) – пораст од +0,95%, последна цена 2.390 денари

Најголеми губитници

1. ТТК Банка АД Скопје (TTK) – пад од -2,97%, последна цена 1.795 денари

2. Реплек АД Скопје (RPRK) – пад од -2,04%, последна цена 15.701 денари

3. Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – пад од -0,36%, последна цена 28.600 денари

Обврзнички пазар

Индексот ОМБ остана непроменет на ниво од 124,40 поени. Не беа регистрирани нови трансакции со државни или корпоративни обврзници, а активноста на обврзничкиот пазар остана стабилна.

Тргувањето на 16 април 2025 донесе балансирано движење на пазарот со висока активност кај водечките акции. И покрај тоа што индексот МБИ10 бележи благ пад, акциите на Макпетрол и Стопанска банка прикажаа позитивен тренд. Денешната динамика укажува на селективно инвестирање и внимателен оптимизам кај учесниците на пазарот. 

Овој извештај е подготвен врз основа на официјалните податоци од Македонска берза, а е изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје.

Continue Reading

Економија

Холандската компанија ASML од која зависи целиот дигитален свет 

Published

on

ASML Holding N.V., холандската компанија што стои зад најнапредната технологија за производство на чипови, објави финансиски резултати за првиот квартал од 2025 година. Како единствен производител во светот на EUV (екстремна ултравиолетова) литографска опрема, ASML игра клучна улога во глобалната полупроводничка индустрија. Без нејзините машини, не би можело да се произведат најсофистицираните чипови што ги користат смартфоните, суперкомпјутерите, уредите со вештачка интелигенција и многу други модерни технологии.

Во првите три месеци од 2025, компанијата оствари приходи од €6.75 милијарди, што е речиси исто ниво како истиот квартал лани, и нето добивка од €1.22 милијарди, што претставува пад од околу 37% во однос на претходната година. Добивката по акција (EPS) достигна €3.03, што е под ланскиот резултат од €4.96. Бруто маргинатаизнесуваше 51.0%, со благо подобрување во однос на Q1 2024 (50.6%).

Клучниот сигнал од извештајот е поврзан со новите нарачки, кои изнесуваат €3.6 милијарди, што е под очекувањата на аналитичарите од €4.5 милијарди. Дел од причините за ова се поврзани со претпазливоста на клиентите и влијанието на трговските ограничувања, особено кон кинескиот пазар. ASML во извештајот го наведува “тајмингот на инвестициите” кај клиентите како фактор што доведува до волатилност на нарачките по квартали.

И покрај тоа, компанијата не ја менува својата прогноза за целата година, очекувајќи приходи меѓу €30 и €35 милијарди, со бруто маргина во опсег од 51% до 53%. За вториот квартал, се предвидуваат приходи од €7.2 до €7.7 милијарди, при што ASML продолжува со инвестиции во развој на High-NA EUV технологијата и проширување на производствените капацитети, со R&D буџет од над €1 милијарда само во овој квартал.

ASML останува стратешки играч во глобалната технолошка индустрија – компанија чија технологија е основа за иднината на дигиталниот развој. Иако се појавуваат краткорочни пазарни предизвици, структурната побарувачка за чипови – особено оние поврзани со AI, автомобилска електроника и напредни мобилни уреди – и понатаму се силна поддршка за долгорочната позиција на компанијата.

Continue Reading

Економија

Трамп воведува царини до 245 отсто за Кина!

Published

on

Царинската војна меѓу САД и Кина се заострува.

Белата куќа објави дека Кина би можела да се соочи со царина од дури 245 отсто за извозот во САД.

Ова е највисоката царинска стапка досега потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп. Со таа извршна наредба се најави истрага за ризиците по националната безбедност на САД поради зависноста од увоз на преработени критични минерали и сродни производи.

Како одговор на прашањето за изјавата на Белата куќа во која се тврди дека Кина сега се соочува со царини до 245 отсто на американскиот увоз како резултат на нејзината одмазда, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, во средата изјави дека „конкретни бројки за даночната стапка треба да се побараат од американската страна“.

Лин на брифингот со новинарите во средата рече дека Кина постојано го изразувала својот сериозен став по однос на тарифното прашање, објави „Глобал Тајмс“.

„Тарифната војна беше иницирана од САД. Кина ги презеде неопходните контрамерки за да ги заштити своите легитимни права и интереси, како и меѓународната правичност и правда, што е сосема разумно и легално. Тарифните и трговските војни немаат победници. Кина не сака да ги води овие војни, но не се плаши од нив“, рече Лил.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк