Connect with us

Економија

„Смедеревка“ медиуми, од Мрзенци

Почитувани новинари и уредници, сите сте ми драги, но подрага ми е вистината. Кога споредувате номинални износи, треба тие да бидат од иста категорија. Така, во случајов, износот на минималната плата во Македонија што се користи во јавноста треба да се спореди со нето износот во соседна Бугарија, кој во моментов е 427 евра, а не 551 евро (ова е износ со вклучен персонален данок и придонеси за социјално осигурување).

Не поминаа десетина дена откако повеќето домашни медиуми наседнаа на првоаприлската шега дека, наводно, француски производители на вино од некојси газда Ѓоко од Мрзенци купувале вино од сортата „Смедеревка“, на што на францускиот пазар го продавале по 100 пати повисока цена. Фантастична маржа од 10.000%!

Никој не ја беше проверил веста што ја објави српскиот портал „Вино и Фино“ дали воопшто постои тој Ѓоко од Мрзенци, за да го искараат зошто дозволува, што би рекол претседателот Трамп, Французите да ја „соголуваат“ Македонија, слично како што се зборуваше дека во рамките на поранешната СФРЈ „паметните Словенци“ нè соголувале купувајќи евтино наше вино во цистерни, за подоцна да го продаваат по повеќекратно повисока цена во шишиња.

Или можеби помислиле дека портал чиешто име потсетува на „Храна и вино“ мора да ја зборува вистината.

Значи, по само десетина дена, повторно „самоубиство од заседа“! Цела дузина електронски портали, од кои некои имаат и печатени дневни изданија, објавија дека, ќе цитирам еден од нив: „Минималната плата во Македонија, која од март изнесува 24.379 денари или околу 396 евра, е за 155 евра пониска дури и од најниската минимална плата во Европската Унија – онаа во Бугарија, каде работниците добиваат 551 евро месечно.

Објавите се темелат на соопштение на Евростат, статистичка база на Европската Унија, за висината на минималната плата што се исплаќа во 22 од 27 земји членки на ЕУ од почетокот на 2025 година. Пет земји членки на ЕУ немаат со закон пропишана минимална плата.

Во спомнатото соопштение од само неколку страници убаво стои дека податоците се однесуваат на месечен износ на минимална БРУТО плата. Свесно или несвесно, а ова се повторува со години, при споредба на износот на минимална плата во нашата земја со други земји, износот на минимална плата во НЕТО износ се споредува со износот во БРУТО износ кај другите.

Се сеќавате дека пред неколку години истите овие медиуми се подбиваа со лапсусот на еден поранешен министер за финансии во владата на Република Македонија кој, иако статистичар по вокација, дури откако станал министер ја разбрал разликата бруто-нето, која, колку што се сеќавам, се однесуваше на прибраниот ДДВ во државната каса.

Сега е ред да појасниме за што станува збор. Прво, манипулацијата, како што реков, свесна или несвесна, сеедно, се користи за познатиот синдром „удирање од земја“ дека кај нас работите не чинат, а кај другите, особено кај соседите, тече мед и млеко.

Второ, постојано се потхранува наративот дека платите треба постојано да растат, без разлика на состојбата во економијата, продуктивноста и можностите на фирмите и на државниот буџет. Па безбели и новинарите се работници (медиумски) кои живеат од плата, па ако му се помогне на ССМ во борбата за повисоки плати, корист би имале и тие самите.

Почитувани новинари и уредници, сите сте ми драги, но подрага ми е вистината. Кога споредувате номинални износи, треба тие да бидат од иста категорија. Така, во случајов, износот на минималната плата во Македонија што се користи во јавноста треба да се спореди со нето износот во соседна Бугарија, кој во моментов е 427 евра, а не 551 евро (ова е износ со вклучен персонален данок и придонеси за социјално осигурување).

Произлегува дека минималната плата во Бугарија во моментов е за околу триесетина евра, или за 7,8% повисока во споредба со нашата минимална плата. Минатата годинаБугарија се најде под притисок на ЕУ која со директива побара од земјите членки износот на минимална плата да го зголемат до ниво од 50% од просечната плата во односната земја.

Со најновото зголемување, износот на минималната плата во однос на просечната кај нас достигна 59% и како таков е меѓу највисоките соодноси во светот!

Понатаму, не е на одмет да се потсетиме дека Бугарија има за 50% повисок БДП по глава на жител од Македонија. Но, тоа не е сè! Евростат во соопштението за минималната плата во земјите членки укажува дека номиналните износи не се вистинско мерило за разликите во животниот стандард. Тие разлики се намалуваат доколку се води сметка за куповната моќ на парите, или она што ние економистите го нарекуваме „паритет на куповни сили“.

Ова се должи на фактот што нивото на цени во помалку развиените земји е пониско од тоа во развиените. На друго место имам спомнато, а тоа го тврдам и во оваа прилика, дека мерено според куповната моќ на парите, минималната плата во Македонија е повисока од таа во Бугарија, која во случајов ја користиме за споредба.

Не мислам дека и со оваа интервенција ќе ги убедам сите медиуми кои не ја разбрале разликата меѓу бруто и нето дека не треба да споредуваат „баби и жаби“. Но, и оваа Сизифовска работа, за разлика од најголемиот број колеги економисти, ја разбирам како професионална должност.

А на медиумите заради кои е напишан овој текст, би им порачал да не бидат ниту „смедеревка“, но ниту „жилавка“ медиуми, кои постојано ќе наседнуваат на лажни вести и жилаво ќе пласираат невистини.

Трајко Славески

Advertisement

Економија

Бакарот и златото достигнаа историски високи цени

Цените на бакарот достигнаа историски рекорд на светските пазари. Во петокот, металот се тргуваше над 11.700 долари за тон, откако „Сити“ ја зголеми својата целна цена поради ограничената понуда. Иако во изминатата недела цената благо се намали, бакарот останува близу највисоките нивоа досега.

Покрај тоа, златото продолжува да ја привлекува вниманието на централните банки. Оваа година, златото за прв пат од 1996 година сочинува поголем дел од резервите на централните банки отколку американските државни обврзници. Од 2010 до 2021 година, централните банки купуваа просечно 473 тони злато годишно, додека во 2022 година набавките достигнаа рекордни 1.136 тони, а минатата година 1.045 тони.

Continue Reading

Економија

Кинескиот канал Солун–Дунав повторно актуелен: Македонија би била клучна транзитна точка

Кина повторно го разгледува амбициозниот план за изградба на воден канал кој би го поврзал Егејското Море со Дунав преку реките Вардар и Морава – проект што би можел драматично да го скрати транспортот на стоки од Азија кон Европа за околу 1.000 километри. Иницијативата, вредна околу 17 милијарди долари, се разгледува како дел од глобалната стратегија „Еден појас, еден пат“, пишува N1 БиХ.

Каналот би минувал низ Грција, Македонија, Косово и Србија, што го прави регионален проект од извонредно геостратешко значење. Воедно, завршувањето на ваквиот воден пат би претставувало силен удар за Турција, бидејќи голем дел од меѓународниот транспорт би се одвивал надвор од Босфорот и Дарданелите.

Според досегашните студии што ги изработи China Gezhouba Group, проектот е технички изводлив. Предложениот коридор би го поврзал Солун со Дунав преку Вардар и Морава, со потреба од значителни градежни интервенции, продлабочување на коритата и отворање нови канали, вклучително и делници во региони како Прешевската Долина.

Клучни аспекти на проектот:

Стратешка вредност: Каналот би овозможил алтернативен европски воден пат, со значително намалени трошоци и време на транспорт. Инфраструктура: Бара огромни инженерски зафати – проширување на постојните речни корита, нови канали и современи водени патишта. Регионална соработка: Кина води разговори со Србија, Косово, Македонија и Грција, но конечна согласност сè уште нема. Еколошки предизвици: Промените во природните речни текови и потенцијални дислокации на население се меѓу најконтроверзните прашања. Геополитика: Проектот би го зајакнал кинеското влијание на Балканот и би ја намалил улогата на Турција во регионалниот транспорт.

Концептот за водна врска меѓу Дунав и Егејското Море не е нов – идејата постои уште од 19 век. Во 1907 година американска инженерска комисија го разгледувала истиот проект, но војните и политичките кризи во Европа повеќепати го одложуваа.

Денес, Солун се смета за најлогична точка за влез во овој замислен воден коридор кон Централна Европа. Доколку планот се реализира, Грција би добила значајна логистичка предност, а Балканот би станал клучна раскрсница за копнен и воден транспорт меѓу Истокот и Европа.

Разговорите продолжуваат, а судбината на проектот зависи од политичката волја на балканските земји и геополитичката рамнотежа во регионот.

Извор: a1on.mk

Continue Reading

Економија

УЈП изрече забрани за работа на 113 фирми поради неиздавање фискални сметки

Секоја четврта контрола на Управата за јавни приходи открива дека даночните обврзници не издаваат фискални сметки. Од околу 4.000 спроведени контроли, изречени се повеќе од 2.500 казни, а кај 113 правни субјекти е изречена мерка забрана за вршење дејност.

„Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет“, информираат од УЈП.

Инспекциските служби утврдиле и други неправилности, меѓу кои неуплаќање на дневниот промет на банкарска сметка и неводење книга на дневни финансиски извештаи.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг