Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара од Киев да ѝ го препушти управувањето со стратешкиот гасовод кој преку Украина го пренесува рускиот гас кон Европската Унија, објави новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со текот на преговорите.
Овој услов се наоѓа во најновиот нацрт-договор за експлоатација на минерални суровини, со кој Вашингтон врши притисок врз украинските власти. Според информациите, САД инсистираат нивната државна Меѓународна финансиска развојна корпорација да добие контрола врз гасоводот што го поврзува рускиот град Суджа со украинскиот град Ужгород, кој се наоѓа на границата со Словачка, на влезот во ЕУ.
Станува збор за клучна енергетска артерија, изградена во советско време, која сè уште се смета за значаен дел од енергетската инфраструктура на регионот.
Меѓутоа, протокот на гас низ гасоводот е стопиран од почетокот на годинава, бидејќи Киев одби да го продолжи договорот за транзит со руската компанија „Гаспром“. Претходно, и Русија и Украина остваруваа значителни приходи од транзитните такси – дури и за време на првите години од воениот конфликт.
Вчера во Вашингтон се одржаа нови преговори меѓу американски и украински претставници, при што се разгледуваше поширок договор со кој САД би добиле пристап и до украинските минерални богатства, особено ретките земни минерали. Преговорите, според изворите, се одвиваат во „многу антагонистичка“ атмосфера.
Според Ројтерс, причината за тоа се „максималистичките барања“ од страна на администрацијата на Трамп, кои се дел од новиот предлог-договор доставен до Киев минатиот месец. Украина, која го одби првиот предлог на состанокот во Белата куќа кон крајот на февруари, ангажираше американско-британска адвокатска канцеларија за поддршка при преговорите.
Новата верзија на договорот предвидува САД да добијат приоритетен пристап до украинските рудници, а Киев би бил обврзан да ги префрла сите приходи од експлоатацијата на природните ресурси во заеднички инвестициски фонд. Меѓутоа, документот не содржи никакви конкретни безбедносни гаранции за Украина – нешто што за власта на претседателот Володимир Зеленски претставува врвен приоритет.
