Connect with us

Свет

Џеј Ди Венс: Мојата порака до Европа – Америка не сака континент вазал

„Не мислам дека ако Европа е понезависна тоа е лошо за Соединетите Држави – тоа е добро за Соединетите Држави“, вели американскиот потпретседател

Има барем еден мејнстрим европски политичар чиј фан е Џеј Ди Венс: иконскиот француски повоен лидер Шарл де Гол.

Во интервју за британската веб-страница за вести и мислење UnHerd, американскиот потпретседател рече дека Де Гол – кој го предводеше францускиот отпор во Втората светска војна против нацистите и беше претседател од 1959 до 1969 година – има право кога станува збор за европската воена независност.

Де Гол „ги сакаше Соединетите Американски Држави“, рече Венс, „но [тој] го препозна она што јас секако го препознавам, дека не е во интерес на Европа и не е во интерес на Америка, Европа да биде постојан безбедносен вазал на Соединетите Држави“.

Коментарите на Венс пристигнуваат додека администрацијата на претседателот Доналд Трамп постојано ги прозива европските престолнини поради нивното претерано потпирање на американската воена моќ за сопствена одбрана, додека постојано навестува дека САД нема да им помогнат на сојузниците во НАТО кои не инвестираат во сопствената безбедност. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, исто така, предупреди дека американското воено присуство во Европа не е „вечно“.

Трамп сака земјите од НАТО да потрошат 5 отсто од својот БДП на одбраната – што е нагло зголемување од сегашната цел на Алијансата од 2 отсто, која треба да се зголеми на самитот во Хаг ова лето.

„Не мислам дека ако Европа е понезависна тоа е лошо за Соединетите Држави – тоа е добро за Соединетите Држави“, рече Венс. „Само навраќање низ историјата, мислам – искрено – Британците и Французите беа секако во право во нивните несогласувања со Ајзенхауер за Суецкиот канал“.

Во 1950-те, американскиот лидер Двајт Ајзенхауер ги принуди Лондон и Париз, пред Де Гол да стане претседател, да се повлечат од воената интервенција за да ја вратат контролата врз Суецкиот канал од Египет, што беше клучно за економските и колонијалните интереси на земјите.

Со исклучок на Британија, Франција и Полска, „повеќето европски нации немаат војска што може да обезбеди нивна разумна одбрана“, тврди Венс. „Реалноста е – тоа е безусловно да се каже, но исто така е точно – дека целата безбедносна инфраструктура на Европа, за целиот мој живот, беше субвенционирана од Соединетите Американски Држави“.

Де Гол, чие размислување го обликуваше Суец, честопати предупредуваше дека Европејците треба да бидат понезависни од САД и работеше на тоа да ја направи француската војска поавтономна, вклучително и со развивање нуклеарно оружје и моќна одбранбена индустрија. Тој инспирираше децениски притисок за она што сегашниот француски претседател Емануел Макрон сега го нарекува „стратешка автономија“.

Венс исто така размислуваше за европскиот одговор на американската инвазија на Ирак во 2003 година, која според него се претвори во „стратешка катастрофа“.

Додека САД се подготвуваа да го нападнат Ирак во 2003 година, многу европски нации, вклучително и Франција и Германија, се спротивставија на упадот, додека Британија ги поддржа САД.

Тој рече дека „многу европски нации беа во право“ што се сомневаа во војната во Ирак и тврди со скудни докази дека Европа можеше да ја запре доколку „бише малку понезависна и малку поподготвена да застане“.

Потпретседателот – кој претходно започна жестоки напади на стариот континент поради миграцијата и слободата на говорот – се обиде да ублажи дел од неговите критики нагласувајќи ја својата „љубов“ кон Европа.

„Ги сакам европските луѓе. Повеќепати реков дека мислам оти не можете да ја одделите американската култура од европската култура“, рече тој. „Ние сме во многу нешта производ на филозофии, теологии и, се разбира, моделите на миграција што излегоа од Европа што ги лансираа Соединетите Американски Држави“.

Но, додаде Венс, „европските лидери радикално недоволно инвестираа во безбедноста и тоа мора да се промени“.

Тој, исто така, повторно испрати отровни стрели кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, што е најновиот чин во војната на зборови меѓу двајцата политичари, која започна со нивната остра размена на Овалната соба во февруари, кога Венс го обвини Зеленски за „непочитување“.

Во интервју за американската информативна програма „60 минути“ во неделата, Зеленски го обвини потпретседателот дека „некако ја оправдувал“ руската инвазија и станал плен на дезинформациите на Москва.

Венс возврати, велејќи дека „некако еапсурдно Зеленски да ѝ каже на [американската] влада, која моментално ја држи целата негова влада и воените напори заедно, дека некако сме на страната на Русите“.

Тој, исто така, повтори дел од неговите критики на европските лидери за миграцијата и интеграцијата, велејќи дека „европското население продолжува да повикува за поразумни економски и миграциски политики, а лидерите на Европа продолжуваат да минуваат низ овие избори и продолжуваат да им нудат на европските народи спротивното од она за што се чини дека гласале“.

Тој, исто така, повика на посилна Европа, велејќи: „Не сакам Европејците да прават се што ќе им кажат Американците. Мислам дека тоа не е во нивен интерес, ниту мислам дека е во наш интерес“.

Advertisement

Свет

Лекарите во Англија стапија во петдневен штрајк

Лекарите во Англија денес започнаа петдневен штрајк поради несогласувања околу платите и условите за работа, јавува Ројтерс.

Станува збор за помладите болнички лекари, познати како „жители“, кои тврдат дека нивните плати во последните години значително се намалиле и дека работат под зголемен притисок и во тешки услови.

Владата, од своја страна, соопшти дека нема фискален простор за значителни покачувања на платите и дека штрајковите се неодговорни, нагласувајќи ја потребата за заштита на здравствениот систем и пациентите.

Continue Reading

Свет

Вашингтон најавува нов притисок врз Москва преку енергетски санкции

САД подготвуваат нов пакет санкции насочени кон рускиот енергетски сектор, со цел дополнително да го зголемат притисокот врз Москва доколку рускиот претседател Владимир Путин одбие да прифати можен мировен договор со Украина, објавуваат странски медиуми повикувајќи се на информирани извори.

Според истите извори, меѓу мерките што се разгледуваат е и таргетирање на бродовите од руската флота на нафтени танкери, како и санкционирање на трговците и посредниците кои учествуваат во олеснување на трансакциите поврзани со извозот на руска нафта.

Изворите наведуваат дека станува збор за опции кои сè уште се во фаза на разгледување, а конечната одлука ќе зависи од развојот на дипломатските напори поврзани со војната во Украина.

Според најавите, новите санкции би можеле да бидат објавени уште во текот на оваа недела.

Continue Reading

Свет

Мелони: Европа губи време поради внатрешна слабост и бавни одлуки

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека Европската Унија се соочува со сериозни предизвици, предупредувајќи дека најголемата закана за Унијата не доаѓа однадвор, туку од нејзината сопствена неодлучност и неспособност навреме да носи клучни одлуки.

Говорејќи пред пратениците во Долниот дом на италијанскиот парламент, Мелони нагласи дека актуелниот геополитички момент бара прагматичен пристап, ослободен од идеолошки догматизам. Според неа, токму таквиот пристап е неопходен за соодветен одговор на новата безбедносна стратегија на Соединетите Американски Држави.

„Бесмислено и штетно е да се напаѓаат имагинарни непријатели. Вистинскиот проблем е нашата неспособност да изнаоѓаме конкретни и одржливи решенија“, истакна Мелони во пресрет на претстојниот Самит на ЕУ.

Премиерката се осврна и на прашањето за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина, оценувајќи дека станува збор за сложен процес кој мора да биде заснован на цврста и правно издржлива основа. Таа ја повтори поддршката на Италија за Украина и ставот дека Русија треба да ги сноси трошоците за војната, но додаде дека Москва поставува, како што рече, „неразумни“ услови во рамките на мировните напори поддржани од САД.

Мелони упати критики и до предлог-буџетот на Европската комисија за периодот 2028–2034 година, оценувајќи дека во сегашната форма е неприфатлив за Италија. Таа посочи дека документот предвидува зголемени финансиски придонеси, но намалени средства за политики кои се од клучно значење за земјата, како заедничката земјоделска и кохезиската политика.

„Нема да прифатиме да плаќаме повеќе, а да добиваме помалку“, порача италијанската премиерка.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг