Connect with us

Економија

МИЦКОСКИ СЕ СРЕТНА СО БИЗНИСМЕНИ ОД ДУБАИ И ОД ШАРЏА Се разговараше за инвестиции, трехнологија и трговија

Како што најави владината прес-служба, владиниот тим ќе престојува во ОАЕ до четврток, а предвидени се средби и со шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетел со Дубаи, потпретседател и премиер на ОАЕ, со претставници на развојниот холдинг на Абу Даби, со државната „Мубала“ инвестициска компанија, како и „Масдар“ државната енергетска компанија, и на неколку стопански комори

Премиерот Христијан Мицкоски во рамки на официјалниот посета на Обединетите Арапски Емирати денеска имаше средба со претседателите и раководствата на стопанските комори на Дубаи и на Шарџа.

Како што објави на социјалните мрежи Мицкоски, на средбата со раководниот тим на комората на Дубаи, разговарал за конкретни иницијативи кои можат да придонесат за зајакнување на економските врски, особено во делот на трговијата, инвестициите и технолошкиот развој.

„Имавме можност да размениме идеи за поддршка на претприемништвото и промоција на деловните потенцијали кои ги нудат нашите земји“, напиша Мицкоски.

За средбата во Стопанската комора на Шарџа, премиерот напиша дека средбата остави простор за натамошна соработка и нови заеднички чекори.

„Разговорот беше насочен кон создавање мостови на соработка помеѓу нашите економии, размена на добри практики и идентификување на можности за заеднички инвестиции и поддршка на приватниот сектор. Ваквите средби се клучни за зајакнување на билатералните односи и отворање нови перспективи за бизнис заедницата“, напиша Мицкоски.

Како што најави владината прес-служба, владиниот тим ќе престојува во ОАЕ до четврток, а предвидени се средби и со шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетел со Дубаи, потпретседател и премиер на ОАЕ, со претставници на развојниот холдинг на Абу Даби, со државната „Мубала“ инвестициска компанија, како и „Масдар“ државната енергетска компанија, и на неколку стопански комори, со цел разгледување на можности за соработка во инфраструктурни проекти, инвестиции во агро-бизнисот, обновливи извори на енергија, туризмот, иновации и современа технологија.

Во состав на делегацијата се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, како и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Гоце Димовски, националниот координатор за туризам Аккан Махмут и претставници на неколку државни институции.

Мицкоски, вчера, на првиот ден од посетата, се сретна со претседателот на ОАЕ и владетел на Емиратот Абу Даби, Шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан.

Advertisement

Економија

Царина без редици: Потврдите за долгови веќе не се чекаат лично

Хартиените потврди за царински долг, неопходни за упис и промени во Централниот регистар, заминуваат во историјата. Со револуционерен чекор, Централниот регистар (ЦР) отсега ги добива сите потребни податоци директно од Царинската управа (ЦУ) – електронски и во реално време, со само еден клик.

Оваа дигитална трансформација е огромен потег кон намалување на административниот товар. На заедничка прес-конференција, директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова, ја промовираа новината што ветува заштеда на време и ресурси за фирмите и граѓаните низ целата држава.

„На годишно ниво издававме меѓу седум и девет илјади хартиени потврди. Секое барање бараше од пет до десет дена за обработка – вистински административен маратон. Сега, граѓаните нема да мораат да патуваат до Скопје или да ангажираат скапи адвокати за да ја завршат оваа обврска“, истакна Николовски.

Тој е дециден: „Со овој чекор, јасно ја демонстрираме нашата посветеност за создавање подобри услови за водење бизнис, преку драстично намалување на бирократските процедури. Бизнисот нема време за чекање! Како институции, сме должни да работиме кон одржливо општество каде што економскиот раст е движен од зголемената ефикасност и довербата во системот.“

Дигитализацијата носи не само брзина, туку и сигурност. „Истовремено, овозможуваме безбедност, интегритет и точност на податоците, со што активно делуваме во насока на сузбивање на можни измами“, додаде Николовски.

Директорката на ЦР, Анита Стамнова, потврди дека е успешно завршена првата фаза од проектот – надградба на Едношалтерскиот систем за автоматско обезбедување на доказ за платени царински давачки во постапките за упис на промена – пренос на удел.

„Централниот регистар и Царинската управа остануваат посветени на трансформација на услугите, фокусирани на корисниците и нивните потреби, користејќи модерни дигитални технологии. Ги охрабруваме сите институции да продолжат со меѓусебна соработка за имплементација на поефикасни електронски услуги, односно за градење на функционален систем на јавни услуги како основа за враќање на довербата во институциите на нашата држава“, заклучи Стамнова.

Continue Reading

Економија

Министерката Божиновска: Енергетиката не смее да остане сектор со најмалку жени

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на конференцијата „Родовата еднаквост во фокусот на пристапувањето кон ЕУ: Патоказ за Северна Македонија“, одржана во Скопје во организација на Министерството за европски прашања и UN Women. Настанот обедини високи претставници на институциите, експерти и партнерски организации во заедничка цел – интегрирање на родовата еднаквост како централна компонента на европската интеграција.

Во своето воведно обраќање, министерката Божиновска истакна дека родовата рамноправност е темелна европска вредност и јасен услов за членство во ЕУ, но пред сè – е инвестиција во стабилноста, економскиот раст и одржливата иднина на државата.

„Европа јасно стави до знаење дека еднаквоста не е избор, туку стандард. А ние тој стандард го прифаќаме затоа што веруваме во држава без привилегирани и непривилегирани граѓани,“ нагласи министерката.

Таа потсети дека токму енергетиката – како стратешки сектор и политички столб на европската интеграција – останува област со најниско учество на жени, што не претставува само општествена неправда, туку и пречка за успешно водена зелена транзиција.

„Жените се најмалку застапени во техничките професии, енергетските иновации и лидерските позиции. Тоа е ограничување што мора да го надминеме ако сакаме модерна, европска и конкурентна економија, Рамноправноста не се случува сама од себе – таа се гради. Во сектор како енергетиката, каде жените често мора двојно да се докажуваат, моја обврска како лидер е да ја отворам вратата за други жени. Ако институциите создадат фер правила и јасни можности, талентот ќе се истакне,“ порача Божиновска.

Министерката го истакна и фактот дека Министерството за енергетика денес е институција со целосен родов баланс – 50% жени и 50% мажи – што, како што нагласи, е доказ дека институциите можат и мора да бидат двигател на еднаквоста.

Во обраќањето беше најавено дека принципите на еднаков третман, еднаква плата, недискриминација и родово вклучување ќе бидат интегрирани во сите клучни енергетски реформи.

Министерката ја поздрави соработката со UN Women и изработката на десетте родови GAP анализи, кои ќе бидат основа за нови мерки, статистички показатели и политики засновани на докази.

„Зелената транзиција нема да успее ако половина од населението остане надвор од процесот. Нашата обврска е да креираме систем кој е стабилен, европски и праведен – систем во кој секоја жена има пристап до образование, технологија, иновации и лидерски позиции во енергетиката, Европа не гради нов енергетски систем за да ја повтори неправдата од стариот. Европа гради систем во кој секој добива шанса да придонесе – и ние мора да бидеме дел од таа визија,“ подвлече Божиновска.

Конференцијата заврши со повик за засилена координација меѓу институциите, донаторите и граѓанскиот сектор, како и со заедничка оценка дека Северна Македонија има потенцијал да стане регионски лидер во создавањето инклузивна и родово еднаква зелена транзиција.

Continue Reading

Економија

МБИ10 бележи раст од 0,04%, обврзничкиот индекс ОМБ посилен за 0,55%

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

На трговската сесија од 11 декември 2025 година, индексот МБИ10 бележи раст од 0,04%, достигнувајќи ниво од 10.223,91 поени, додека индексот ОМБ се зголеми за 0,55%, на 129,44 поени. Вкупниот дневен промет изнесуваше 79,0 милиони денари, со зголемена активност и неколку поголеми блок-зделки. Најликвидни беа Комерцијална банка, Макпетрол и НЛБ Банка, кои придонесоа за најголем дел од вкупниот пазарен промет.

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 58.425.000 денари (вклучува блок-зделка)

● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 5.750.350 денари (вклучува блок-зделка)

● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) – 2.445.000 денари

Топ добитници

● Стопанска банка АД Скопје (STB) +1,98%

● Реплек АД Скопје (RPK) +0,19%

● Алкалоид АД Скопје (ALK) +0,18%

Топ губитници

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) –0,30%

● Гранит АД Скопје (GRN) –0,71%

● РЖ Услуги АД Скопје (RZU) –10,00%

Обврзнички пазар

На обврзничкиот пазар беше реализирана една трансакција со државната обврзница „Р. Македонија – денационализација 23“, по цена од 93 евра, во вредност од 112.840 денари. Сите останати државни и корпоративни обврзници останаа без промена во цените.

Тргувањето на Македонската берза на 11 декември 2025 година беше умерено активно, со доминација на банкарскиот сектор и присуство на неколку големи зделки. Индексот МБИ10 бележи минимален раст, при што Комерцијална банка, Макпетрол и НЛБ Банка беа најтргувани хартии од вредност. Најголем пораст имаше кај Стопанска банка, додека Комерцијална банка забележа благ пад. Обврзничкиот пазар беше ограничен по обем, но индексот ОМБ порасна за 0,55%, означувајќи стабилен крај на трговската сесија.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг