Connect with us

Македонија

Министрите за економија издавале лиценци на дискотеката „Пулс“ врз основа на непотполна документација

Тимот на јавни обвинители којшто ја води истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ги прибавил сите издадени лиценци за работа на објектот од 2012 година сѐ до денот на кривично-правниот настан и според увидот во предметите немало ниту една со целосна документација, посочи вечерва државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Како што истакна Коцевски во интервју за Телма телевизија, Министерството за економија, кое што е надлежно за издавање на лиценци за работа, требало да ја цени сета документација која што е неопходна за да биде издадена лиценцата за работа, бидејќи, како што рече, во конкретниот случај министрите издавале лиценци врз основа на непотполна документација.

„Сите лиценци, иако се издавани, немале потполна законска документација. Министрите издавале лиценци врз основа на непотполна документација. Од Дирекцијата за заштита и спасување немало елаборати и правилна документација на која би можел министерот да издаде лиценца. Тука се надоврзува градежништво, документи од локалната самоуправа и тн. Сите потребни документи за издавање на лиценца министерот требало да ги цени и да издаде лиценца. Од увидот во предметите за издавање на лиценца, јавните обвинители увидоа дека во сите предмети нема потполна и законита документација“, рече Коцевски.

За актуелниот министер за економија, појасни дека не е опфатен во истрагата, бидејќи немало ниту еден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за издавање нова лиценца.

„Министерот за економија е надлежен за издавање на лиценци. Тоа што немало надзор е задача на другите институции. Министерот нема задача да проверува дали во моментот на лице место има или нема лиценца. Во конкретниот случај до министерот нема стигнато никаква документација за издавање на лиценци, затоа не може да биде одговорен“, рече Коцевски.

Прашан конкретно кој член од законот го прекршиле осомничените министри за економија, обвинителот рече дека биле повредени членови на повеќе закони и подзаконски акти и дека во оваа фаза не може да открие, бидејќи, вели, се работи за предистражна постапка.

„Освен Законот за угостителска дејност, тука имаме и Закон за инспекциски надзор којшто не се почитува, Законот за заштита и спасување, понатаму имаме проценка на ризик, потоа има планови во однос на начинот на функционирање за издавање на тие лиценци. Сета документација требало да е прибрана и врз основа на таа документација, министерот дава лиценца. Во конкретниот случај, за сите лиценци нема целосна документација. Сите осомничени министри за економија не ги почитувале законите, односно издале лиценци кои немале потполна документација“, рече Коцевски.

Додаде дека во последните 10 години не е вршен инспекциски надзор на ниту едно кабаре на територија на државата. Во врска со конкретниот случај, Коцевски потенцираше дека објектот во Кочани не бил познат само на полицијата, туку и на целиот град и локалната самоуправа.

„Објектот „Пулс“ не бил познат само на полицијата, бил познат на целиот град. Бил познат и на локалната самоуправа, бил познат и на сите надлежни институции кои што требало да функционираат. Што значи дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот“, рече Коцевски.

За двајцата поранешни директори на ДПИ кои од претходно се истражуваат, обвинителот вели проверките продолжуваат поради што нивниот мандат се врзува со период кога клубот работел со фалсификуваната лиценца. Коцевски вели дека не мора да значи доколку некој бил директор на Државниот пазарен инспекторат дека има и директна одговорност, што не било случај и за Дирекцијата за заштита и спасување, бидејќи, како што рече, таму има суштински прописи при проучување на одговорност и можна инволвираност токму кај раководната структура.

„Не мора да значи дека ако бил директор има и директна одговорност, за разлика од Дирекцијата за заштита и спасување, каде има суштински прописи при проучување на одговорност и можна инволвираност на лица од оваа институција, токму кај раководната структура на самата институција, за разлика од ДПИ. Она што имале должност да го преземат и да воспостават е систем на ефективна контрола и надзор, којшто е нарушен во секоја смисла“, нагласи Коцевски.

Advertisement

Македонија

Македонските деца сè порано пробуваат цигари и алкохол: Првата цигара на 9 години, алкохол на 13

Резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје, покажуваат загрижувачки тренд кај македонските ученици – дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првиот контакт со алкохол најчесто се случува околу 13 години.

Истражувањето било спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици и укажува и на значителен пораст на употребата на електронски цигари. Повеќе од една четвртина од учениците пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.

Алкохолот останува најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Речиси третина од учениците првпат консумирале алкохол на 13 години или помлади.

Иако помал обем се регистрира и употреба на седативи без рецепт, канабис и коцкање, овие појави се особено присутни кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.

Од Министерството за образование и наука информираат дека училиштата веќе спроведуваат програми за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и изборен предмет за здравствена писменост. Институтот за јавно здравје нагласува дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобрување на политиките и заштита на здравјето на младите.

Continue Reading

Македонија

АХВ засилено ги контролира детските новогодишни пакетчиња: дел од нив повлечени поради неточни декларации

Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за да ја провери безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Контролите беа извршени во магацини за пакување, маркетите и продавниците кои ги пласираат овие производи.

Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите и непотполни декларации, инспекциските служби издадоа 4 решенија за повлекување на пакетчиња од промет. Дополнително, двајца оператори со храна добија наредби за ставање на комплетни збирни декларации на пакетчињата.

Од спроведените 262 инспекциски надзори, не се изречени парични казни и не е поништена ниту една храна како небезбедна. Во споредба со ланската сезона, кога беа утврдени сериозни неправилности како погрешни ознаки, истечен рок на употреба и промени во својствата на производите, годинава се забележани само минимални недоследности кај операторите.

АХВ најавува дека контролните активности ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се осигура безбедноста на детските пакетчиња.

Continue Reading

Македонија

Итни мерки против аерозагадувањето активирани и во Скопје

По Кичево и Струмица, од денеска итните мерки за справување со аерозагадувањето се активираат и во Скопје, откако мерните станици регистрираа надминување на дозволените концентрации на штетни честички во повеќе скопски општини. Зголемената магла дополнително ја влошува состојбата, а високи нивоа на загаденост се забележани и во други градови низ државата.

Министерството за животна средина и просторно планирање ги активираше протоколите за заштита на јавното здравје, со посебен фокус на заштита на најранливите категории граѓани.

Согласно владините мерки, работодавците имаат обврска да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, како и лицата кои прележале миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.

Лекарите, особено пулмолозите, апелираат граѓаните да го ограничат престојот на отворено на минимум, доколку нема итна потреба. Според нив, најкритични се раните утрински и доцните вечерни часови, кога концентрациите на загадувачки честички се највисоки. Доколку е неопходно движење, се препорачува користење на јавен превоз наместо сопствени возила.

Надлежните институции ги повикуваат граѓаните редовно да ги следат препораките и официјалните соопштенија сè додека трае епизодата на загаден воздух.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг