Свет
Џеј Ди Венс: Мојата порака до Европа – Америка не сака континент вазал
„Не мислам дека ако Европа е понезависна тоа е лошо за Соединетите Држави – тоа е добро за Соединетите Држави“, вели американскиот потпретседател
Има барем еден мејнстрим европски политичар чиј фан е Џеј Ди Венс: иконскиот француски повоен лидер Шарл де Гол.
Во интервју за британската веб-страница за вести и мислење UnHerd, американскиот потпретседател рече дека Де Гол – кој го предводеше францускиот отпор во Втората светска војна против нацистите и беше претседател од 1959 до 1969 година – има право кога станува збор за европската воена независност.
Де Гол „ги сакаше Соединетите Американски Држави“, рече Венс, „но [тој] го препозна она што јас секако го препознавам, дека не е во интерес на Европа и не е во интерес на Америка, Европа да биде постојан безбедносен вазал на Соединетите Држави“.
Коментарите на Венс пристигнуваат додека администрацијата на претседателот Доналд Трамп постојано ги прозива европските престолнини поради нивното претерано потпирање на американската воена моќ за сопствена одбрана, додека постојано навестува дека САД нема да им помогнат на сојузниците во НАТО кои не инвестираат во сопствената безбедност. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, исто така, предупреди дека американското воено присуство во Европа не е „вечно“.
Трамп сака земјите од НАТО да потрошат 5 отсто од својот БДП на одбраната – што е нагло зголемување од сегашната цел на Алијансата од 2 отсто, која треба да се зголеми на самитот во Хаг ова лето.
„Не мислам дека ако Европа е понезависна тоа е лошо за Соединетите Држави – тоа е добро за Соединетите Држави“, рече Венс. „Само навраќање низ историјата, мислам – искрено – Британците и Французите беа секако во право во нивните несогласувања со Ајзенхауер за Суецкиот канал“.
Во 1950-те, американскиот лидер Двајт Ајзенхауер ги принуди Лондон и Париз, пред Де Гол да стане претседател, да се повлечат од воената интервенција за да ја вратат контролата врз Суецкиот канал од Египет, што беше клучно за економските и колонијалните интереси на земјите.
Со исклучок на Британија, Франција и Полска, „повеќето европски нации немаат војска што може да обезбеди нивна разумна одбрана“, тврди Венс. „Реалноста е – тоа е безусловно да се каже, но исто така е точно – дека целата безбедносна инфраструктура на Европа, за целиот мој живот, беше субвенционирана од Соединетите Американски Држави“.
Де Гол, чие размислување го обликуваше Суец, честопати предупредуваше дека Европејците треба да бидат понезависни од САД и работеше на тоа да ја направи француската војска поавтономна, вклучително и со развивање нуклеарно оружје и моќна одбранбена индустрија. Тој инспирираше децениски притисок за она што сегашниот француски претседател Емануел Макрон сега го нарекува „стратешка автономија“.
Венс исто така размислуваше за европскиот одговор на американската инвазија на Ирак во 2003 година, која според него се претвори во „стратешка катастрофа“.
Додека САД се подготвуваа да го нападнат Ирак во 2003 година, многу европски нации, вклучително и Франција и Германија, се спротивставија на упадот, додека Британија ги поддржа САД.
Тој рече дека „многу европски нации беа во право“ што се сомневаа во војната во Ирак и тврди со скудни докази дека Европа можеше да ја запре доколку „бише малку понезависна и малку поподготвена да застане“.
Потпретседателот – кој претходно започна жестоки напади на стариот континент поради миграцијата и слободата на говорот – се обиде да ублажи дел од неговите критики нагласувајќи ја својата „љубов“ кон Европа.
„Ги сакам европските луѓе. Повеќепати реков дека мислам оти не можете да ја одделите американската култура од европската култура“, рече тој. „Ние сме во многу нешта производ на филозофии, теологии и, се разбира, моделите на миграција што излегоа од Европа што ги лансираа Соединетите Американски Држави“.
Но, додаде Венс, „европските лидери радикално недоволно инвестираа во безбедноста и тоа мора да се промени“.
Тој, исто така, повторно испрати отровни стрели кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, што е најновиот чин во војната на зборови меѓу двајцата политичари, која започна со нивната остра размена на Овалната соба во февруари, кога Венс го обвини Зеленски за „непочитување“.
Во интервју за американската информативна програма „60 минути“ во неделата, Зеленски го обвини потпретседателот дека „некако ја оправдувал“ руската инвазија и станал плен на дезинформациите на Москва.
Венс возврати, велејќи дека „некако еапсурдно Зеленски да ѝ каже на [американската] влада, која моментално ја држи целата негова влада и воените напори заедно, дека некако сме на страната на Русите“.
Тој, исто така, повтори дел од неговите критики на европските лидери за миграцијата и интеграцијата, велејќи дека „европското население продолжува да повикува за поразумни економски и миграциски политики, а лидерите на Европа продолжуваат да минуваат низ овие избори и продолжуваат да им нудат на европските народи спротивното од она за што се чини дека гласале“.
Тој, исто така, повика на посилна Европа, велејќи: „Не сакам Европејците да прават се што ќе им кажат Американците. Мислам дека тоа не е во нивен интерес, ниту мислам дека е во наш интерес“.
Свет
Финска ги загрева градовите со отпадна топлина од сервери и дата-центри
Финска развива иновативен модел за централно греење, користејќи отпадна топлина од подземни центри за податоци сместени во поранешни засолништа од бомби и напуштени рудници, на длабочина од 30 до 100 метри. Серверите кои работат непрекинато 24 часа дневно создаваат огромни количества топлина, која наместо да се губи, се собира и се насочува директно во градските системи за греење.
Според технолошката компанија Entangle Tech, еден ваков центар за податоци ќе обезбедува греење за околу 40.000 домови во Еспоо, вториот по големина град во земјата. Во Хелсинки, пак, објект на „Мајкрософт“ веќе загрева цела урбана област, со што се заштедуваат околу 400.000 тони CO₂ годишно и се намалуваат трошоците за греење за 60 проценти. Отпадната топлина моментално покрива околу 10 проценти од вкупните потреби за греење на главниот град.
Традиционалните центри за податоци трошат огромни средства за ладење, при што топлината се ослободува во атмосферата. Финскиот модел ги решава двата проблема истовремено – ладењето и греењето. Подземната поставеност овозможува природно ладење преку гранитната карпа, високо ниво на безбедност и ефикасно собирање на топлина, која преку топла вода со температура од 75 до 85 степени Целзиусови се пренесува низ цевки директно до радијаторите во домовите.
„Буквално ги загреваме домовите со Netflix стримови и обработка на е-пошта. Ова е вистинска мајсторска класа за одржливост“, велат од Entangle Tech.
Градоначалникот на Еспоо, Каи Миканен, најави дека нов кластер на центри за податоци на „Мајкрософт“ наскоро ќе биде поврзан со градската мрежа за централно греење, со цел целосно елиминирање на локалните јаглеродни емисии до 2030 година.
„Блумберг њуз“ наведува дека вакви решенија веќе се применуваат и во други земји со постудена клима, како Шведска, каде отпадната топлина од дата-центри се пренесува преку подземни цевки за загревање на околните населби. Според проценките, ваквиот систем би можел да обезбеди греење за околу 100.000 домови.
Научници од Универзитетот Алто и Техничкиот истражувачки центар на Финска истражуваат како идните национални центри за податоци можат целосно да се интегрираат во општинските системи за греење и да придонесат за значително намалување на емисиите на јаглерод.
Плановите предвидуваат до 2030 година изградба на центри за податоци со капацитет од 100 MW и 21 MW во Еспоо и Сејнејоки. Според анализите, топлината од постројката во Еспоо би можела целосно да го замени јагленот, додека во Сејнејоки делумно би се укинал тресетот – едно од горивата со највисок јаглероден интензитет.
Експертите нагласуваат дека за целосно искористување на потенцијалот е неопходно склучување долгорочни договори меѓу центрите за податоци и компаниите за греење, со што би се обезбедило стабилно и трајно намалување на емисиите на CO₂.
Свет
Советник на Путин: Русија може да ја повлече војската од Донбас
Висок функционер на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека руската полиција и Националната гарда ќе продолжат да го следат Донбас и да обезбедуваат ред дури и ако мировниот договор стави крај на речиси четиригодишната војна на Русија против Украина.
Ушаков ја потенцира амбицијата на Москва да задржи присуство во индустриски важниот регион по завршувањето на конфликтот, што веројатно ќе биде отфрлено од Украина, додека преговорите предводени од САД продолжуваат без јасен напредок.
Во меѓувреме, украинските сили повторно освоија неколку населби во близина на Купјанск, во североисточната Харковска област, по неколкумесечна операција за враќање на териториите под нивна контрола. Претходно, рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека украинските сили се опколени, обидувајќи се да ја прикаже Русија како страна што преговара од позиција на сила.
Ушаков истакна дека прекин на огнот ќе биде одобрен само по повлекувањето на украинските сили од фронтот и дека е возможно по завршувањето на војната во Донбас да нема воени сили, туку само полиција, Национална гарда и други служби за одржување на редот.
Американските преговарачи продолжуваат да ги усогласуваат барањата на двете страни, додека претседателот Доналд Трамп инсистира на брз крај на конфликтот. Клучното прашање останува кој ќе ја контролира територијата освоена од руските сили, додека Русија тврди дека Донбас е нејзина територија без разлика на исходот од мировните преговори.
Свет
САД ја укинаа економската блокада, Белорусија ги ослободи опозициските лидери
Белорусија ослободи 123 политички затвореници, меѓу кои и истакнатата опозициска активистка Марија Колесникова и добитникот на Нобелова награда за мир, Алеш Бјалацки. Овој чекор следеше по договорот со Соединетите Американски Држави за укинување на санкциите врз земјата, пренесува Би-Би-Си.
Ослободувањето се случи по преговорите во Минск со Џон Кол, специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Белорусија. Како дел од договорот, САД се обврзаа да ги укинат санкциите врз извозот на поташ, кој е клучна компонента за белоруската индустрија за ѓубрива.
Марија Колесникова помина пет години во затвор, голем дел од времето во самица. Нејзината сестра Татјана ја потврди веста откако успеа да разговара со неа преку видео повик.
Се очекува групата ослободени затвореници наскоро да пристигне во Вилнус, каде што голем број граѓани веќе се собираат пред американската амбасада за да ги пречекаат.
Трендинг
-
Македонија2 days agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Црна Хроника2 days agoПретрес во тетовско, пронајдени дрога, оружје и муниција, приведени две лица
-
Црна Хроника1 day agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Црна Хроника4 days agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Црна Хроника7 days agoОбид за кражба завршил со пожар во Брвеница – Полицијата со детали
-
Балкан6 days agoДрама во Србија: БМВ се заби во камион, возачот со цигара тврди: „Не знам, ме удри камион“ (ВИДЕО)
-
Црна Хроника5 hours agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Република3 days agoПо децении најави, Тетово конечно добива Саат кула















