Изгоре познат ресторан во Центар, се истражува дали пожарот бил подметнат

Во раните утрински часови денеска, околу 03 часот, во скопскиот Центар изби пожар кој целосно зафати угостителски објект на улицата „50-та Дивизија“, во непосредна близина на Клиничкиот центар. Станува збор за познат ресторан, кој бил целосно опожарен.

Пожарот бил локализиран и изгаснат од страна на екипа на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. За среќа, при интервенцијата не се регистрирани повредени лица.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека е извршен увид од страна на увидна екипа на СВР Скопје, а според првичните информации постојат сомнежи дека пожарот можеби бил подметнат. Се работи на утврдување на причините за избувнување на огнената стихија.

Полицијата продолжува со истрагата.