Connect with us

Свет

Асад со тајни летови ја испразнил Сирија: Пари, злато, но и нешто многу повредно

Бегството на Башар ал-Асад: богатството под заштита на Русија, а тој – на тајна локација

Поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, на 8 декември тајно ја напуштил земјата, ставајќи крај на своето 24-годишно владеење. Според извештај на Reuters, Асад во соработка со најблиските соработници ги префрлил своето богатство и чувствителни документи во Русија, каде што рускиот претседател Владимир Путин му одобрил политички азил.

Четири лета – и целиот имот префрлен

Операцијата била внимателно надгледувана од Јасар Ибрахим, долгогодишен економски советник на Асад. Тој изнајмил приватен авион „Embraer Legacy 600“ кој четири пати летал од Дамаск преку Обединетите Арапски Емирати до Москва. Пренесувани се кеш, злато, уметнички дела и електронски уреди со чувствителни информации.

Секоја тура носела црни, необележани торби со најмалку половина милион долари во кеш, скапоцени скулптури, слики, документи, лаптопи и хард-дискови. Податоците содржеле информации за т.н. „Група“ – интерна мрежа на фирми поврзани со Асад кои оперирале во телекомуникации, енергетика, банкарство и недвижности.

Последниот лет – непосредно пред падот

Финалниот лет започнал од руската воена база Хмејмим, веднаш пред влезот на бунтовничките сили во Дамаск. Во последните денови од својата власт, движењата на Асад биле толку тајни, што дури и најблиските членови на семејството не знаеле каде се наоѓа.

Дипломатски сенки

Подготовките траеле неколку дена. На 6 декември, додека бунтовничката група Хајат Тахрир ал-Шам напредувала кон главниот град, авионот првпат слетал на меѓународниот аеродром во Дамаск, кој бил обезбеден од елитни единици на сириската Разузнавачка служба и Републиканската гарда. Првото полетување било со кеш и вредности, а веќе следниот ден се вратил по документи и дигитални уреди со финансиски и корпоративни податоци, вклучувајќи офшор сметки и партнерства.

Интересен детал е и присуството на возила со ознаки на амбасадата на Обединетите Арапски Емирати на аеродромот, што навестува евентуално учество на странски дипломатски канали во операцијата.

Заминување во сенка

На 8 декември, додека бунтовниците пристигнувале пред портите на Дамаск, Асад се повлекол во Латакија – приморски бастион на режимот – и истиот ден, со руска логистичка поддршка, ја напуштил Сирија.

Според Reuters, денес, неговото богатство и информациите се под строга руска заштита, додека самиот Асад се наоѓа на тајна локација под надзор на Москва. Меѓународната заедница внимателно ја следи ситуацијата, а Сирија повторно се соочува со неизвесност и политички пресвртници.

Advertisement

Свет

Силна експлозија во Франција – петмина повредени

Силна експлозија ја погоди приземјето на една помала зграда во градот Тревос, во близина на Лион, вечерва околу 18 часот, при што пет лица се повредени, објави „Фигаро“.

Експлозијата предизвикала делумно уривање на фасадата на зградата, а спасувачките екипи брзо интервенирале. Жртвите добиле медицинска помош на лице место, додека педесет пожарникари со 36 возила и медицински служби биле мобилизирани за да им пружат помош на повредените.

Како мерка на претпазливост, средното училиште лоцирано во непосредна близина било веднаш евакуирано. Локалните власти започнаа истрага за да се утврди точната причина за експлозијата.

Continue Reading

Свет

Фолксваген стави крај на автомобилското производство во Дрезден

Фабриката на Фолксваген во Дрезден, позната како „Транспарентна фабрика“, ќе ја прекине производството на автомобили, а последното возило ќе излезе од производната лента во вторник, објави „Фајненшел тајмс“.

Одлуката е дел од стратегијата на германскиот производител за намалување на трошоците и оптимизација на работењето во Германија. Компанијата минатата година најави намалување на бројот на вработени за 35.000, а финансиските предизвици се делумно резултат на намалената побарувачка на кинескиот пазар и промените во американската трговска политика, пренесува Seebiz.

Идната улога на фабриката ќе биде иновациски кампус кој ќе ги обедини ресурси на VW групацијата, сојузната покраина Саксонија и Техничкиот универзитет во Дрезден (TU Dresden). Просторот ќе се фокусира на развој на вештачка интелигенција, роботика, микроелектроника и дизајн на чипови, при што универзитетот ќе заземе речиси половина од објектот.

Фолксваген и TU Dresden планираат заеднички инвестиции од над 50 милиони евра (58,3 милиони долари) во следните седум години, со цел да се поттикнат иновациите и истражувањето во високотехнолошки области.

Continue Reading

Свет

САД ѝ поставија услов на Украина за мир

Американските мировни посредници ѝ порачале на Украина дека како дел од можен договор за завршување на војната ќе мора да се согласи на повлекување на своите сили од источниот дел на Донецката област, изјави функционер запознаен со разговорите одржани во Берлин.

Според изворите, кои зборувале под услов на анонимност по завршувањето на вториот ден преговори меѓу украинските и американските претставници, Киев побарал продолжување на дискусиите, бидејќи и понатаму постојат сериозни несогласувања околу територијалните прашања.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин одржа средби со американскиот изасланик Стив Виткоф, Џаред Кушнер – зет на американскиот претседател Доналд Трамп, како и со повеќе европски лидери. Иако Украина е под зголемен притисок од администрацијата на Трамп да направи отстапки кон Русија, официјален Киев во јавноста настапи со умерен оптимизам.

Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, изјави дека разговорите биле конструктивни и дека е постигнат одреден напредок, нагласувајќи ја улогата на американскиот тим во обидите за наоѓање трајно мировно решение.

Клучните точки на преговорите остануваат статусот на украинската територија и можноста за членство во НАТО. Украина сигнализираше дека е подготвена да се откаже од амбицијата за влез во Алијансата, доколку добие цврсти и обврзувачки безбедносни гаранции од Западот. Сепак, не е јасно дали е постигнат напредок по ова прашање и дали разговорите можат да доведат до прекин на огнот прифатлив и за Москва.

Од Кремљ порачаа дека барањето Украина да не стане членка на НАТО е клучен услов за било каков мировен договор, додавајќи дека Русија очекува дополнителни информации од САД по берлинските разговори.

Во меѓувреме, анкетите во Украина покажуваат дека мнозинството граѓани се подготвени за договор што би ја замрзнал сегашната линија на фронтот, но силно се спротивставуваат на отстапување територии без јасни безбедносни гаранции.

Преговорите во Берлин се одвиваат во рамки на чувствителна дипломатска недела за Европа, во која лидерите на ЕУ, НАТО и клучните европски држави се обидуваат да најдат заеднички пристап кон поддршката на Украина и можните патишта кон мир.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг