Connect with us

Македонија

ОВОЈ ВЕЛИГДЕН Е ПОРАЗЛИЧЕН Трагедијата во Кочани нѐ сплоти во тага за настраданите – да не ги заборавиме и оние кои се жртвуваа за да спасат туѓи животи

Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност, порача поглаварот г.г. Стефан во годинешното Велигденско послание.

Собрани со торжествена радост, соединети со вера во воскреснатиот Господ, денес го славиме најголемиот настан во историјата – Христовата победа над смртта! На овој Празник над празниците, во овој Ден на незаодната светлина, кога исчезнуваат сите граници меѓу земното и небесното, откако поклонички и смирено го изодивме патот на благословениот Велигденски пост, еве, радосно ја празнуваме победата на животот! Исправени во стамена послушност на Божјите заповеди и внурнати во несогледливите и неискажливи длабочини на Божјите тајни, денес повторно го осознаваме искупителниот дар на неизмерната Божја љубов, на вистинскиот и неминлив живот во кој Бог нè приведе од небитие, благоизволувајќи довека да сопостоиме со Него, порача архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

– Светата Црква учи дека Христовото искупително дело за спасението на човечкиот род, потполно и конечно се оствари преку Неговото тридневно воскресение. Сè што беше пророкувано и очекувано во Стариот Завет, кога се исполни времето[2], се оствари во Неговата личност и во Неговото дело: Господ се воплоти, доброволно се распна, се предаде на страдања и смрт, и воскресна во слава и величие. Затоа, со кој јазик да го искажеме и со кои зборови да го опишеме нашето благодарно ликување?! Со какви стихови долично да ја испееме највеличествената химна за Христовото воскресение?! Исправени во созерцание пред адскиот мрак кој се заканува да нè погуби, а восхитени од Христовото славно воскресение, го слушаме одекнувањето во нас на божествениот глас кој повикува: Врви по Мене! Оттаму на овој празник обилно се излева неискажлива радост, та на почетокот од воскресната богослужба, среде ноќта, пееме: „Пријдете, примете светлина од незаодливата Светлина, и прославете Го Христа Кој воскресна од мртвите!“ – рече г.г. Стефан.

Чудесната вест, додаде тој, објавена од ангелот во тишината на празниот гроб, дека Христос воскреснал, до денешен ден допира до сето создание и постојано донесува нова радост и нови надежи.

– А Бог, како бесконечен и совршен, немаше потреба од Воплотувањето. Победата над смртта со смрт, Тој не ја извојувал заради Себе, туку за да им дарува живот на оние во гробовите и да ги ослободи заробените од смртта. Па, Господ Христос ја поднесе жртвата не за Себеси, туку за нас да нè украси со венецот на победата и на животот!Бог го создаде светот добар, и за добро, и тој не почива во зло самиот по себе! Оддалеченоста на човекот од Бога е она што чини да се раѓа злото во светот. Затоа, историјата на човештвото изобилува со војни и зла, со освојувања и прогонства, со страдања, неправди и несреќи. Но, најважните војни и битки се оние коишто човекот ги води со себеси, преку личното покајание и враќање кон Бога. Оттаму, ако човекот успее да извојува победа врз самиот себеси, врз својата падната природа, тоа ќе значи дека ја добил и најважната битка во животот! Спасителот, Господ Исус Христос, го победил злото на Крстот, а оние коишто веруваат ја наследуваат таа победа, сораспнувајќи се со Него. Подвижничкото чување на Божјите заповеди значи човекот да се уподоби на Бога, за, како што вели светиот апостол Павле, да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, сообразувајќи се со Неговата смрт, та некако да го достигнам воскресението на мртвите – рече поглаварот.

Нема воскресение без распетие, како што нема ниту вистинска радост на која не ѝ претходеле горчливи солзи, додаде г.г. Стефан.

– Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега. Имено, во текот на овогодишниот предвелигденски период пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени во страшниот пожар во Кочани. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност. И во овој миг да се потсетиме и на оние коишто го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други животи. Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните, упатена од воскреснатиот Господ: Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели – рече г.г. Стефан.

Оваа година, додаде архиепископот, прославуваме 80 години од одржувањето на Првиот македонски Црковно-народен собор, одржан во Скопје, во 1945 година, на кој тогашните свештенослужители и народни претставници од слободна Македонија донеле Одлука со која го најавиле воскреснувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.

– Воедно, годинава нашата помесна Црква учествува и во сеправославното прославување на големиот јубилеј – 1700 години од Првиот вселенски собор, одржан во Никеја, во 325 година, а на кој Црквата ја победи ереста на аријанизмот, успевајќи да го запази учењето за Словото Божјо и, следствено, за вистинитоста на Неговото воплотување. Токму таа божествена вистина, пак, ни ја дава можноста за наше благодатно учество во Неговата природа[7] и за наше совоскреснување со Него! Затоа, честитајќи ви го Празникот над празниците – Велигден, посакуваме благословението Господово да завладее во секого од нас и во сиот свет. А за тоа потребно е, кога во овие велерадосни денови празнично едни со други ќе се поздравуваме со „Христос воскресна“ – „Навистина воскресна“, ние, од длабочината на нашите срца, да ја исповедаме верата дека Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ.  Така и да ја живееме нашата вера, исповедајќи: „Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век“! Амин! Честит Велигден! Христос воскресе! – рече поглаварот.

Advertisement

Македонија

Екс-правобранителот  Фехми Стафа приведен за мито – барал 100.000 евра, фатен со 50.000

Поранешен државен правобранител е уапсен поради сомнежи за примање мито, откако бил фатен со дел од побараната сума во негово поседување, соопштија надлежните истражни органи.

Според објавените информации, правобранителот се сомничи дека побарал мито од 100.000 евра во замена за поволно уредување на службени активности. При акцијата на полицијата, тој бил фатен додека држел 50.000 евра, што претставува дел од побараните средства.

Надлежните органи потврдуваат дека случајот е во фаза на истрага, а против екс-правобранителот ќе биде подготвена соодветна кривична пријава. При приведувањето биле обезбедени и други материјални докази што ќе бидат дел од доказната постапка.

Од истрагата информираат дека овој случај еден од повеќето што ги третираат злоупотребите на службената положба и корупцијата во јавните институции, со цел да се испрати јасна порака дека недозволиви практики нема да бидат толерирани.

Осомничениот е задржан во полициска станица, а во наредните денови обвинителството ќе се изјасни за понатамошните мерки и евентуални притворски предлози.

Continue Reading

Македонија

И следната недела со невообичаено високи температури за овој период

Невообичаено топлото време ќе продолжи и во текот на следната недела, најавуваат метеоролозите. Според прогнозите, температурите ќе останат значително над просекот за овој период од годината, со стабилни временски услови и без поголеми заладувања.

Во поголем дел од земјата се очекува претежно сончево време со умерена облачност, а дневните температури ќе се движат од двоцифрени вредности, што е нетипично за средината на зимската сезона. Утринските часови ќе бидат посвежи, но без појава на екстремно ниски температури.

Метеоролозите посочуваат дека ваквите временски услови се резултат на стабилна воздушна маса и отсуство на студени фронтови од север. Засега нема најави за значителни врнежи од снег или дожд, ниту за нагло влошување на времето.

Иако ваквото време е поволно за секојдневните активности, експертите предупредуваат дека долготрајните повисоки температури во зимскиот период можат да имаат влијание врз природата и земјоделството, особено врз вегетацијата.

Подетални и редовно ажурирани информации за временската состојба граѓаните можат да следат преку официјалните метеоролошки служби.

Continue Reading

Македонија

Мицкоски: Обвинителството да постапува против ширењето паника и страв за мигрантите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика Јавното обвинителство да преземе мерки против, како што рече, организираното ширење паника и страв во јавноста поврзано со мигрантското прашање.

Мицкоски изјави дека ваквите појави, кои според него доаѓаат од структури блиски до СДСМ, претставуваат сериозен проблем и форма на психолошко насилство врз граѓаните. Тој нагласи дека дезинформациите и алармантните пораки за наводни мигрантски сценарија создаваат несигурност и вознемиреност кај населението.

Според него, институциите треба да се фокусираат на утврдување одговорност за оние кои, без докази, шират страв и ја нарушуваат јавната стабилност. Мицкоски истакна дека безбедносните политики мора да се водат одговорно и транспарентно, без политички манипулации.

Тој додаде дека државата има обврска да ја штити безбедноста на граѓаните, но и да спречи злоупотреба на чувствителни теми за дневнополитички цели, нагласувајќи дека ширењето паника не смее да остане неказнето.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг