Connect with us

Економија

Потпишан договорот за изградба на гасниот интерконектор со Грција, најголемиот енергетски проект во изминатите 10 години

НОМАГАС АД Скопје денеска потпиша договор со кумановската фирма Рапид Билд Доо за изградба на гасниот интерконектор со Грција, на потегот од Гевгелија до Неготино во должина од 68 километри, со кој се предвидува целосно да биде готов во рок од 22 месеца и да биде ставен во функција во 2027 година.

Изградбата на интерконекторот е финансирана од Владата, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а чини 59,9 милиони евра или 12 милиони помалку од првичната цена на поништениот тендер.

-Со потпишувањето на договорот за изградба на македонскиот дел од гасниот интерконектор го означуваме почетокот на најголемата енергетска инвестиција во изминатите 10 години. Тој е израз на нашата заложба за енергетска безбедност, диверзификација на снабдувањето и заштита на интересите на граѓаните и економијата. Се работи за 68 километри модерна инфраструктура што ќе не поврзи со Грција, но многу поважно е дека ќе ја поврзе нашата земја со европските енергетски пазари и вредности. Со овој интерконектор отвораме врата за нови можности за граѓаните, за индустријата и за локалните самоуправи, рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска пред потпишувањето на договорот во просториите на Министерството.

Нагласи дека денешниот чин на потпишување докажува дека кога постои политичка волја, регионална доверба и професионална посветеност, резултатите се опипливи и реални.

– Проектот е плод на тесната соработка со нашите партнери од Европската комисија, ЕИБ и ЕБОР. Со нивна поддршка преку грантови, техничка помош и поволни заеми обезбедивме финансиска конструкција за реализација на овој проект. Со тоа конечно ќе имаме алтернативен влез за природен гас, ќе имаме поголема сигурност, повеќе извори и помала зависност од единствен снабдувач што се темели за вистинска енергетска независност, рече Божиновска и додаде дека природниот гас ќе придонесе за намалување на загадувањето и е чекор напред кон поздрава и поквалитетна животна средина.

Бјорн Габриел од ЕИБ рече дека изградбата на интерконекторот ќе придонесе за интеграција на земјава во европскиот енергетски пазар.

– ЕИБ ги финансира и грчкиот и македонскиот дел од гасниот интерконектор. За македонскиот дел финансираме 28,9 милиони евра. На тоа треба да се додадат грантовите од 2,5 милиони евра за техничката подготовка на проектот и 9,9 милиони евра од ЕУ. Мило ми е што денеска се потпишува договорот со македонска компанија изведувач што покажува дека и македонските компании може да бидат конкурентни во интернационалните проекти, рече Габриел.

Претставникот на ЕБОР Фатих Туркменоглу посочи дека станува збор за важен проект за енергетската инфраструктура во земјава и додаде дека е среќен што се дел од него. – Остануваме посветени да помогнеме и во идни вакви проекти, рече Туркменоглу.

Според извршниот директор на НОМАГАС АД Мухамед Елмази, со потпишувањето на договорот се формализира изградбата на еден од најважните проекти за енергетската иднина и стабилност како за нашата држава, така и за регионот. – Посебно е значајно што само за неколку месеци успеавме да ги комплетираме сите процедури за реализација на проектот, рече Елмази и додаде дека фактот што договорот се потпишува со домашна компанија укажува на капацитетот и понудата на домашниот пазар.

Тони Каранфиловски од Рапид Билд Доо рече дека не беше лесно да се дојде до моментот на потпишувањето на договорот, бидејќи имаше многу силна конкуренција од странство.

– Успеавме да ја добиеме работата зашто понудивме најниска цена. Можеме да ветиме дека ќе работиме многу, ќе работиме посветено и максимално ќе се фокусираме да завршиме квалитетно и навремено во рокот предвиден за градба. Тоа можеме да го ветиме денеска, а со работа на терен почнуваме веќе од утре иако веќе од претходно започнавме со разработка на предметот и прибирање на документација, рече Каранфиловски.

Во одговор на новинарско прашање посочи дека гаранција дека навреме ќе го реализираат проектот се веќе завршените и пуштени во работа четири магистрални гасоводи, од кои еден во Бугарија.

-Опремени сме, спремни сме и имаме се што е потребно за изведба во нашата компанија и си ја знаеме работата. Ризик за ненавремено завршување на проектот може да биде само ненавремената експропријација на некој дел од трасата, потенцира Каранфиловски.

Advertisement

Економија

Домашните компании добиваат нова инјекција: 14,2 милиони евра веќе стигнаа до Развојната банка

Министерството за финансии соопшти дека од Буџетот се извршени две нови исплати кон Развојната банка, во вредност од 305 и 568 милиони денари, односно вкупно 873 милиони денари, што изнесува околу 14,2 милиони евра.

Со овие трансакции, вкупната државна поддршка за домашната економија достигна 217,5 милиони евра, од вкупно планираните 250 милиони евра.

Средствата се обезбедени преку кредитна линија од унгарската Експорт-импорт банка, а целта е да се стимулира растот на домашните компании преку поволни услови за инвестирање и развој. Финансирањето се одобрува преку деловните банки, со каматна стапка од 1,95% годишно, рок на отплата до 15 години и грејс период до 3 години.

Министерството за финансии истакнува дека вкупниот буџет за поддршка на домашните компании изнесува 250 милиони евра, додека проценетата вредност на инвестицискиот циклус изнесува околу 300 милиони евра.

Continue Reading

Економија

Кина ја заострува трговската политика: воведува царини од 42,7% за избрани европски производи

kina

Пекинг најави воведување на привремени царини до 42,7% за млечните производи од Европската Унија, како дел од ескалација на трговскиот спор „очи за око“ со Брисел, предизвикан од европските мерки против кинеските електрични возила. Меѓу производите на кои ќе се применуваат новите давачки се млекото, сирењето и павлаката, соопшти кинеското Министерство за трговија.

Кинеското Министерство за трговија наведува дека воведувањето на постепено растечки царини е дел од стандардната рамка за истраги против трговски поволности, слична на онаа што ја применуваат ЕУ, САД и други големи економии. Истрагата ја испитала финансиската поддршка што европските производители ја добиваат преку Заедничката земјоделска политика на ЕУ, како и дополнителни субвенции од земјите-членки, за да утврди дали тие им овозможиле на извозниците да продаваат производи во Кина по вештачки ниски цени.

Врз основа на прелиминарните наоди, кинеските власти заклучиле дека субвенциите од ЕУ ја нарушиле конкуренцијата на кинескиот пазар. Компаниите што соработувале со истрагата ќе плаќаат пониска царина од 28,6%, додека оние што одбиле да соработуваат ќе бидат казнети со максимални 42,7%. Според експертите, ваквите повеќеслојни тарифни системи се вообичаени во случаите со антидампинг мерки и субвенции, но често се критикувани како политички мотивирани.

Оваа мерка е дел од пошироката трговска реторика меѓу Кина и ЕУ. Минатата недела, Пекинг објави царини до 19,8% за увоз на свинско месо од ЕУ, како контрамерка на европските тарифи за кинеските електрични возила. Кина ги обвини европските производители дека увезуваат евтини нуспроизводи и свинско месо, што негативно влијае на домашната индустрија.

Со ваквите чекори, трговската војна меѓу Кина и ЕУ се интензивира, при што економските санкции стануваат алатка за политички притисок, а домашните индустрии се ставени во центарот на меѓународните трговски конфликти.

Continue Reading

Економија

Цените на бензините се спуштаат, а дизелот го чува истото ниво

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) денеска објави нови малопродажни цени на нафтените деривати. ЕУРОСУПЕР БС – 95 од ноќеска ќе се продава по 70 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе чини 72 денари. Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поевтинува за цели два денара и ќе се продава за 63,5 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) останува непроменета на 64,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ, малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,028 денари за килограм и ќе изнесува 32,607 денари.

Според Комисијата, во просек малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат за 1,18 проценти. Референтните цени на светскиот пазар покажуваат дека бензините поевтинуваат за 2,899%, дизелот за 0,779%, а екстра лесното масло за 5,006%. Единствено мазутот бележи мало зголемување од 0,964%. Притоа, курсот на денарот во однос на доларот со претходната пресметка е понизок за 0,0166%.

РКЕ апелира до потрошувачите дека поевтинувањето на горивата ќе се одрази позитивно на трошоците за домаќинствата и транспортот.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг