Connect with us

Македонија

Вреди ќе ги преземе испразнетите фотелји на Алијансата

Сè помали се шансите крилото на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари да остане на „Илинденска“, па во тој случај испразнетите министерски, заменик-министерски и директорски места премиерот Христијан Мицкоски при реконструкцијата на Владата ќе ги пополнува со функционери од владиниот партнер Вреди

Следната недела се очекува да биде решавачка за судбината на Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари во Владата, брифираат владини извори за „Слободен печат“. Сè помали се шансите Алијансата да остане на „Илинденска“, па во тој случај испразнетите министерски, заменик-министерски и директорски места премиерот Христијан Мицкоски при реконструкцијата на Владата ќе ги пополнува со функционери од владиниот партнер Вреди. Пред целосната разврска на „сагата Таравари“ и во Владата и со ДУИ, се очекува уште еден обид за помирувачка средба меѓу АА и Вреди, иако веќе речиси ни самите не веруваат дека тоа е можно. Паралелно се „пребројуваат“ и пратениците кој на чија страна ќе застане.

Касами: Можеби ќе треба само еден ден

На скорешна разврска упатува и Билал Касами, еден од лидерите на Вреди, кој на Таравари му предвидува дека му остануваат само уште неколку денови во Владата.

– Ќе видиме колку време ќе биде потребно, можеби еден ден – вели Касами.

Тој вели дека со премиерот се договориле за времето и динамиката на активностите што ќе се преземат во наредните денови.

– Но, она што е важно е дека ние рековме дека нема соработка со ДУИ и во Владата и за ова се договоривме со премиерот. Секако ќе има конкретни акции во овој поглед во наредните денови – рече Касами.

Таравари и по средбата со Мицкоски рече дека уште не е решено дали ќе излезе од Владата и конечно сфати дека на две столчиња не може да седи.

– На два стола не можеме да седиме. Пред два дена имав конструктивен разговор со премиерот Мицкоски, тој кажа и јас кажав што мислам, и останавме на став да продолжиме со разговорите – рече Таравари.

Тој оцени дека евентуалното напуштање на Владата нема да предизвика парламентарна криза, ниту дека ќе влијае врз стабилноста на Владата.

– Не може да дојде до парламентарна криза, бидејќи има бројки. И без нас има 73, што е мнозинство. Може да се случи и некој пратеник од „Фронтот“ да влезе во Владата, па сметам дека нашето излегување нема да биде проблем за делување на Владата. Нашата интенција и тенденција не е да предизвикаме политичка криза – рече Таравари.

За евентуална соработка со Вреди, Таравари вели дека не останало простор за да се преговара и дека сега се концентрирани на локалните избори.

– Алијанса за Албанците, како и секоја друга партија, сака да освои повеќе општини. Одлуките ги носиме автономно, во органите на партијата, и ќе решиме како понатаму. Токму сега, кога шансите за преговори со Вреди се на нула, сакаме да донесеме рационални одлуки кои ќе бидат во корист на државата и, секако, за партијата – рече Таравари.

Откако речиси е извесно дека Мицкоски ќе му се заблагодари на Таравари за учеството во владината коалиција, битката сега се води за пратеничките мандати на петте пратеници на АА. Вреди отворено му ја покажа вратата на Таравари, но не и на пратениците на АА, кои ги смета и за свои „зашто мандатите ги добиле како коалиција“, па ги кани да останат заедно. Неформалниот координатор на пратеничката група на Вреди, Беким Ќоку, веќе изјави дека и натаму соработуваат со петтемина пратеници на АА.

– Нашиот политички субјект сега има деветмина пратеници, но нормално дека се добредојдени и други пратеници. Ние продолжуваме да имаме добри односи со пратениците на АА, бидејќи бевме заедно, дел од една група, сме воделе заедничка битка во Парламентот, а и претходно. Пратениците што се на мислење да се продолжи со борбата против корупцијата, криминалот и црните листи, се добредојдени да ја продолжат битката против оваа криминогена структура – рече Ќоку.

Дилема е и дали вицепремиерот Арбен Фетаи, кој е преговарач со Вредиќе остане со Таравари, зашто и по превирањата тој останува жесток критичар на ДУИ и на секаква соработка со партијата на Ахмети.

– Верувам дека Алијанса за Албанците ќе остане верна на својот пат – патот на Арбен, на достоинство и храброст. И верувам дека, со заедничка волја, можеме да ја најдеме формулата за ослободување на секоја албанска општина од лошото владеење на ДУИ – порача на Фејсбук Фетаи.

Објавата на Фетаи, Касами ја оцени како различна од постапките на претседателот на АА.

– Се надеваме дека овој поинаков глас во Алијансата ќе биде силен. Би сакале AА да продолжи да биде дел од Вреди, дел од Владата, но во никој случај со елементи што соработувале и продолжуваат да соработуваат со Али Ахмети и ДУИ – изјави Касами.

Села чека извинување поради „лагите на Таравари“

Од друга страна, пак, лидерот на ДУИ Ахмети работи на проширување на Европскиот фронт токму со АА на Таравари. Според нашите информации, тешко дека ќе дојде до обединување на Алијансата предводена од Села со АА предводена од Таравари, но тенденцијата е двете крила на АА да бидат дел од Фронтот. Ахмети во седиштето на ДУИ вчера се сретна со Села. Прашан дали Таравари може да стане дел од Европски фронт, Села рече дека таа дилема треба да ја разјасни лично Таравари.

– Прво, дилемите нека ги разјасни самиот Таравари, потоа и јас ќе дадам одговор, бидејќи тој го менува ставот многу брзо, еднаш вака – еднаш така, не можеме да ги следиме неговите лаги – рече Села.

Според Села, Фронтот е отворен за секој што ја сфатил својата грешка и бара извинување.

– Европскиот фронт е жив организам и отворен за сите што бараат јавно извинување и ги разбрале грешките што ги направиле, но без да се направат овие работи, тешко е да се има каква било друга опција – изјави Села.

Генералниот секретар на АА од крилото на Таравари, Блерант Рамадани, во гостување на телевизијата 21  изјави дека се подготвени да се обединат со крилото на Села во секој момент. Рамадани додаде дека ова треба да се базира на волјата на активистите, кои, како што рече, „доколку барањето доаѓа од долу, верувам дека повисоките власти имаат обврска да го спроведат“.

Филипче не ја исклучува можноста за коалиција со ДУИ и со АА на Таравари

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче не ја исклучува можноста за коалиција со ДУИ и со АА на Таравари. Тој повтори дека коалицијата од 14 партии е веќе потврдена и се прават заеднички советнички листи и дека ќе почнат разговори со сите партии.

– Ќе разговараме со сите политички партии, меѓутоа принципите на коалиција значат дека коалиционите партнери прво треба да се почитуваат, да се целосно согласни околу програмите што ќе ги ветиме на граѓаните, односно да ги имплементираме научените лекции од претходните коалиции кои на некој начин го оштетија имиџот на СДСМ – рече Филипче.
За турбуленциите во владината коалиција Филипче оцени дека е само прашање на време кога таа коалиција ќе се распадне бидејќи, како што вели, се покажало дека суштински ништо не ги врзува.

Извор: Слободен Печат

Advertisement

Македонија

Македонците од Албанија и Кичево со заеднички чекор напред – потпишан меморандум за соработка

Значаен чекор кон зацврстување на културните и националните врски е направен денес во Кичево. Делегацијата на Здружението на Македонците од Албанија во Македонија „Зошто“, предводена од иницијативниот претседател Панди Јани, оствари клучна средба со градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски.

Кулминација на конструктивната средба беше свеченото потпишување на Меморандум за соработка, документ кој ги поставува цврстите темели за идна, плодна соработка!

„На средбата разменивме мислења по повеќе прашања, по што потпишавме Меморандум за соработка, со кој се поставуваат темели за заеднички активности и иницијативи насочени кон унапредување на културната размена, образовната поддршка и зајакнување на традицијата на македонскиот јазичен, културен и национален идентитет“, изјави за МИА, Панди Јани.

Ова не е изолиран настан. Само денови претходно, сличен историски документ беше потпишан и со градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски. Според Јани, со овие договори „се отвора ново поглавје во заедничкото делување за доброто на граѓаните“.

Целта е јасна: зајакнување на заедницата преку партнерства.

„Овие чекори, кои ќе ги продолжиме и со други градови, претставуваат силна потврда дека преку партнерства, дијалог и конкретни активности може да се создадат услови за подобра поддршка, развој и инклузија на Македонците по потекло од Албанија, како и на сите граѓани кои се дел од нашата заедница“, категорично оценува Јани.

Јани изрази длабока благодарност до градоначалниците Јовановски и Тозиевски за нивната доверба и поддршка, како и до посветениот тим на „Зошто“ кој несебично работи на оваа благородна мисија: чекор по чекор, да изгради посилна, обединета и активна заедница.

 Здружението „Зошто“ е основано на 25 септември 2024 година со Седиште во Ресен. Неговатам мисија е Афирмација на македонската култура и идентитет. Името е почит кон романот „Зошто“ на Стерјо Спасе, еден од најголемите писатели во Албанија со македонско потекло.

Continue Reading

Македонија

Тошковски откри кои прекршоци ќе бидат на удар на „Безбеден град“

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска истакна дека системот „Безбеден град“ ќе се спроведува со прецизно дефиниран праг на толеранција, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и јавниот простор, а не казнување по секоја цена.

Тошковски појасни дека системот ќе биде насочен кон препознавање и санкционирање на сериозни и опасни прекршоци, особено оние кои директно го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните. „Целта е да се воспостави ред и превенција, а не репресија без разум“, рече тој.

„Ќе има јасни правила, транспарентност и точно утврдени критериуми. Граѓаните ќе знаат што се санкционира и зошто. Системот нема да биде лов на прекршители, туку алатка за заштита на човечки животи“, нагласи министерот.

Проектот предвидува користење на современи технолошки решенија, вклучително камери и софтвер за следење на сообраќајот, со цел подобрување на контрола и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.

Министерството најави дека имплементацијата ќе се спроведува фазно, со претходна информираност на јавноста и соодветен период за прилагодување, за граѓаните да се запознаат со новиот систем и неговото функционирање.

Continue Reading

Македонија

Пораст на нивото на реките: Пчиња, Вардар, Треска и Црн Дрим со зголемен водостој

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) алармира за значително зголемување на водостоите кај клучните реки, надминувајќи го просекот за декември.

Реката Вардар, нашиот најголем воден пат, е видно „нарасната“ долж нејзиниот тек – од Јегуновце, преку Скопје и Велес, па сѐ до Демир Капија. Слична слика се бележи и на Пчиња кај Катлановска бања, Треска кај Македонски Брод, Црн Дрим кај Ложани и Сатеска кај Ботун.

Од друга страна пак, нивото на Брегалница кај Берово и Штип, Пчиња кај Пелинце и Црна Река кај Новаци, се под просечните декемвриски граници.

Во однос на природните езера, ситуацијата е стабилна и без отстапувања. Водостоите на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро се во рамки на просекот за овој период од годината, ветувајќи мирување и покрај раздвижениот речен систем.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг