Connect with us

Македонија

Димовски: Македонскиот идентитет не е европски изум, туку длабоко вкоренет процес

На социјалните мрежи поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, се осврнува на често наметнатите и, како што вели, манипулативни историски наративи што се користат за негирање на македонската национална самобитност. Според него, градењето на народниот идентитет и политичката нација не се идентични процеси, а поистоветувањето на двете служи за релативизирање на македонската посебност. Димовски повикува на сериозна интелектуална мобилизација и систематски одговор на надворешните и внатрешните обиди за разградување на македонскиот идентитет:

Градењето на народниот идентитет и формирањето на политичките нации се два фундаментално различни процеса, чија комплексност често се редуцира на поедноставени и наметнати историски наративи во контекст на Македонија.
Оваа симплификација создава впечаток на интелектуална инертност иинфериорност, културна подреденост или, пак, прекумерно влијание на туѓи перспективи врз сопствените наши процеси на формирање на македонската национална самобитност.

Наместо да се спротивставиме, ние често се вклопуваме во туѓи историски концепти и (не)вистини, прифаќајќи ги со наивност слична на детска фасцинација од бајка.
Народниот идентитет не е синоним за политичката нација.
Балканските народи, вклучително и Македонците, не чекале на вестите за Француската револуција за да почнат да ги негуваат своите јазици, традиции, митови и култури. Напротив, овие процеси се длабоко вкоренети во историјата, далеку пред модерната ера. Ниту бевме диви, ниту неписмени, а уште помалку зависни од европските револуции за да го осознаеме сопствениот идентитет.

Првиот наметнат манипулативен концепт е идејата дека градењето на нациите е исклучиво модерен феномен од 19 век. Оваа теза, иако делумно точна за политичките нации во Западна Европа, не може да се примени на балканскиот контекст.
Во Европа, политичките нации се формирале преку интеграција на различни етнички и културни идентитети под единствен државен апарат, често во рамките на католички монархии. На пример, италијанската нација, создадена во 19 век, обединила региони со толку различни јазици и култури што дијалектите во Сицилија и Пиемонт биле меѓусебно речиси неразбирливи. Спротивно на ова, балканските словенски народи, иако со одредени, но помали од италјанските, јазични и културни варијации, не поминале низ сличен процес на политичко обединување во 19 век. Обидот за создавање на југословенска нација во 20 век, било во форма на монархија или социјалистичка република, беше неуспешен обид за наметнување на европоцентричниот модел.

Вториот манипулативен концепт е изедначувањето на процесите на градење на политичките нации со развојот на националната народна самобитност. Оваа заблуда, често промовирана од соседните држави, служи за негација на македонската посебност. На пример, тврдењето дека македонската нација е создадена истовремено со македонската држава во 1944 година е дел од бугарските и грчките историски наративи, кои имаат за цел да го минимизираат значењето на македонскиот јазик и култура како посебен идентитет. Овие држави, формирани пред Македонија, често ја користат својата историска предност за да ги оправдаат своите геополитички аспирации, потпирајќи се на европоцентрични концепти за да го негираат македонскиот идентитет. За жал, македонската реакција на овие наративи е често пасивна, лишена од систематска и аргументирана контраофанзива.

Недостигот од сериозно спротивставување е евидентен. Напорите на поединци, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) или универзитетите, чиј академски ранг е разочарувачки дури и во регионален контекст, се ограничуваат на спорадични публикации, симпозиуми или академски дискусии без вистински општествено-политички одек.
Додека соседните држави инвестираат во научни центри и публикации за да ги зајакнат своите историски тези, македонските институции до сега ретко продуцираа конкурентни контранаративи. Паралелно, во нашата земјата се присутни различни домашни актери, од поранешни политичари кои промовираат туѓи историски концепти, преку сомнителни општествени структури што фаворизираат српски, грчки, бугарски или други регионални интереси и наративи, до финансиски фондации кои поддржуваат проекти со асимилаторски цели, како што се поддршка на верски објекти (од сите религии) или училишта со туѓи културни агенди.

За да се надмине ова, потребна е интелектуална и културна мобилизација. Македонија мора да развие проактивен пристап во афирмацијата на својот идентитет, преку инвестиции во образование, наука и меѓународна промоција. Само така може да се разбијат наметнатите стереотипи и да се зајакне позицијата на македонската нација и народ во глобалниот културен и политички пејзаж.

Потенцијалот на македонскиот народ е поголем од тој што можеме да го погледнеме и разбереме во контекст на денешната независна македонска држава. Наша обврска е да погледнеме и пошироко, и повисоко, и подлабоко, и да создадеме насока за ревитализација на македонската приказна во новиот век.

Македонија

Ледени утра ни претстојат: Температурите паѓаат до -8 степени

Македонија денеска е под влијание на влажен бран со облачно време и повремени врнежи од дожд, додека на планините врнежите ќе бидат од снег.

Од петок се очекува стабилизирање на времето, но со значителен пад на утринските температури. За време на викендот и во почетокот на следната недела утрата ќе бидат ведри, но многу студени, со температури кои насекаде ќе се спуштат под нулата.

Најниските утрински температури се предвидуваат во недела и понеделник, кога на места ќе достигнат и до -8 степени. Дневните температури кон крајот на периодот ќе бидат во благ пораст, достигнувајќи до 10 степени.

Continue Reading

Македонија

Тошковски сооошти дали ќе има толеранцијата на камерите „Сејф Сити“

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за „Топ Тема“ на Телма изјави дека камерите од системот „Сејф Сити“ ќе имаат исти отстапки како што се применуваат кај полициските радари.

Според министерот, за брзини до 100 км/ч ќе важи толеранција од 6 км/ч, за брзини над 100 км/ч – 8 км/ч, а за брзини над 200 км/ч – 12 км/ч.

Тошковски нагласи дека овие толеранции се однесуваат само на сообраќајни прекршоци, додека во случаи на кривични дела поврзани со сообраќајот, толеранција нема да се применува.

Continue Reading

Македонија

Сали и Хоџа нови министри: ВЛЕН најавува засилени реформи и европски курс

Со изборот на Беким Сали за прв вицепремиер и министер за европски прашања и Мухамет Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање, коалицијата ВЛЕН јасно го поставува правецот на своето делување – кон реформи, кон Европа и кон држава што работи во интерес на граѓаните.

Именувањето на Беким Сали претставува потврда за политички профил со интегритет, искуство и визија. Како пратеник, Сали важеше за еден од најактивните и најконструктивните гласови во Собранието, со иницирање и поддршка на конкретни законски решенија во интерес на граѓаните и унапредување на институционалните стандарди. Во новата улога како прв вицепремиер и министер за европски прашања, тој ја презема одговорноста за една од стратешките определби на ВЛЕН и на Владата – европскиот пат на државата. Со лидерство, професионалност и решителност, Сали ќе работи на интензивирање на реформите и враќање на довербата дека европската интеграција е реален, мерлив и неповратен процес.

Подеднакво значајно е и именувањето на Мухамет Хоџа на чело на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во период кога заштитата на животната средина, уредувањето на урбаниот простор и одржливиот развој се меѓу клучните предизвици, овој ресор бара сериозна работа, стручност и храбри одлуки. Од ВЛЕН истакнуваат дека веруваат оти Хоџа ќе го води секторот одговорно, ставајќи го јавниот интерес пред секоја друга сметка и носејќи политики што ќе ја заштитат животната средина, ќе го уредат просторот и ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните.

Според ВЛЕН, овие именувања јасно покажуваат дека коалицијата промовира кадри кои работат, а не само зборуваат, кои спроведуваат реформи, а не импровизираат, и кои државата ја гледаат како сервис за граѓаните, а не како партиска сопственост. Со Беким Сали и Мухамет Хоџа на овие клучни позиции, Владата добива нова енергија, јасна европска ориентација и капацитет за конкретни резултати.

Во соопштението, ВЛЕН повторува дека останува посветена на длабоки реформи, европска интеграција и градење институции кои работат со чесност, транспарентност и одговорност.

На крај, од коалицијата изразуваат почит и благодарност до досегашните министри Орхан Муртезани и Изет Меџити за нивниот значаен придонес, одговорното раководење и коректната соработка.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг