Има ли живот после смртта? Еве што велат последните научни истражувања

Има ли живот после смртта? Научниците го проучуваат исчезнувањето на „биосветлината“ кај живите организми

Истражување открива дека животот навистина е светлина – која згаснува во моментот на смртта

Научници од Универзитетот во Калгари и Националниот истражувачки совет на Канада објавија резултати од необично истражување кое го отвора прашањето: дали животот навистина „свети“ – и што се случува со таа светлина кога настапува смртта?

Преку експерименти спроведени на глодари и растенија, истражувачите утврдиле физички докази за постоење на ултраслаба фотонска емисија, позната како биофотони, која драстично се намалува веднаш по смртта. Според тимот предводен од физичарот Вахид Салари, овие емисии – кои потекнуваат од метаболички активности во живите клетки – можеби се своевиден биолошки „одраз“ на здравјето и виталноста.

Биофотоните претставуваат слаба светлина што ја емитираат живите организми во видливиот спектар (од 200 до 1.000 нанометри) како резултат на хемиски процеси, посебно хемилуминисценција. Овој феномен е документиран уште од минатиот век, но сè уште предизвикува контроверзии – делумно поради сличноста со паранаучни поими како аурата.

Клучниот фактор за емисијата на оваа светлина, според научниците, се реактивните видови на кислород што клетките ги создаваат во услови на стрес – како што се токсини, висока температура, инфективни агенси или недостаток на хранливи материи. Присуството на водород пероксид, на пример, може да предизвика хемиски реакции во липидите и протеините, при што електроните емитуваат фотони при враќање во својата стабилна состојба.

Живи и мртви глодари под „светлината“ на науката

За да ја потврдат својата хипотеза, истражувачите извршиле мерења на ултраслабата светлина кај четири живи глодари. Животните биле поставени поединечно во затемнета кутија и снимани еден час со специјални камери и фотозасилувачи. Потоа биле хуманo еутаназирани, но телата биле задржани на истата температура за да не влијае топлината како променлива, и повторно снимани во текот на уште еден час.

Резултатите покажале значителен пад во фотонската емисија по смртта, со што научниците добиле недвосмислени податоци дека живите клетки навистина испуштаат светлина – која згаснува по нивната смрт.

И растенијата „светат“ кога се повредени

Идентична постапка била применета и на листови од два растителни видови: Arabidopsis thaliana и Heptapleurum arboricola. По изложување на физички оштетувања и хемиски агенси, повредените делови на растенијата емитувале зголемено количество биофотони. Според истражувачите, „оштетените делови беа значително посветли од неповредените низ целиот 16-часовен период на снимање“.

Овие наоди отвораат можност за развој на нови, неинвазивни методи за следење на клеточниот стрес и здравје – не само кај луѓето, туку и кај животни, растенија, па дури и бактерии. Практичната примена може да биде значајна во медицината, биотехнологијата и земјоделството.

Животот како светлина што згаснува

Иако оваа „биолошка светлина“ не е доволно силна за да биде видлива со човечко око, истражувањето сугерира дека биофотонската емисија може да стане корисен индикатор за клеточниот интегритет и животната активност.

Студијата е објавена во реномираното научно списание The Journal of Physical Chemistry Letters, а научната заедница продолжува со дебата за тоа какви подлабоки импликации може да има ова откритие – не само за нашето разбирање на животот, туку и на смртта.