Израел дозволи влез на гориво во Газа – но само за странските полски болници
Израелската војска соопшти дека во последните неколку недели одобрила ограничен влез на гориво во Појасот Газа, но исклучиво за потребите на полските болници управувани од странски медицински тимови, а не за цивилното палестинско население.
Во официјалното соопштение, објавено од страна на армијата, се наведува дека оваа одлука била донесена од израелските власти и дека целта е да се поддржат хуманитарни активности на теренот. Веста ја пренесе израелскиот весник The Times of Israel.
Сепак, претходно, Координаторот на израелското Министерство за одбрана за владините активности на палестинските територии (COGAT) негираше дека гориво воопшто било испратено во Појасот Газа.
Израел ја блокира доставата на хуманитарна помош за Појасот Газа од 2 март, по завршувањето на првата фаза од договорот за прекин на огнот и ослободување на заложници, кој стапи на сила на 19 јануари.
Според израелскиот план, поддржан од Соединетите Американски Држави, се предвидува постепено обновување на испораките на хуманитарна помош во наредните недели. Целта, според Израел, е да се спречи таа помош – особено храната и горивото – да заврши во рацете на палестинската милитантна група Хамас.
