Connect with us

Свет

“Пајакова мрежа”: Зеленски откри детали за тајната операцијата која ќе остане запаметена во историјата

Операцијата „Пајакова мрежа“ на СБУ: Украина со удар што ќе остане запаметен во историјата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски откри нови детали за тајната операција „Пајакова мрежа“, изведена од страна на Службата за безбедност на Украина (СБУ), при што, според официјалните податоци, биле уништени над 40 руски стратешки авиони – резултат што, како што рече Зеленски, „ќе остане запишан во историските книги“.

Во објава на Телеграм, Зеленски наведе дека бил информиран од директорот на СБУ, генерал-потполковник Васил Малјук, за текот и резултатите од акцијата, која се подготвувала повеќе од 18 месеци. Операцијата била изведена целосно самостојно од украинската страна.

„Тоа беше историски успех за кој изразувам голема благодарност до СБУ“, изјави претседателот, додавајќи дека веќе дал наредба да се објават сите информации кои можат безбедно да се споделат со јавноста.

Оперативен штаб веднаш до седиштето на ФСБ

Зеленски откри дека операцијата, во која биле користени 117 дронови и исто толку оператори, била координирана од оперативна канцеларија сместена веднаш до зградата на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во еден од регионите на Русија.

„Нашите луѓе дејствуваа во неколку руски региони, во три временски зони. Сите се повлекоа од територијата пред акцијата и сега се безбедни – и тие, и оние кои им помагаа“, рече украинскиот претседател.

Според СБУ, нападот погодил околу 34% од руските стратешки носачи на крстосувачки ракети на главните воени аеродроми, со вкупна проценета штета од околу 7 милијарди американски долари.

Целта – руските стратешки бомбардери

Украински медиуми објавија дека меѓу уништените воздушни сили биле и бомбардери А-50, кои играат клучна улога во откривање системи за ПВО, наведување ракети и координација на руската авијација. Се проценува дека Русија има помалку од десет вакви авиони, а нивната цена изнесува околу 350 милиони долари за само еден примерок.

Меѓу погодените летала биле и тешките бомбардери Тупољев Ту-95, Ту-22 и Ту-160 – главните платформи од кои Русија испалува ракети врз украински цели. Особено Ту-95, иако датира од советската ера и првпат полетал во 1952 година, сè уште игра важна улога поради својата способност да носи до 16 крстосувачки ракети, вклучувајќи ги Х-55, Х-555, како и поновите Х-101 и Х-102.

Ту-22, пак, е познат по употребата на надзвучните ракети Х-22, кои достигнуваат брзина до 4.000 км/ч и се особено тешко пресретливи без американскиот „Патриот“ или европскиот систем SAMP/T.

Ту-160, најмодерниот и најголем оперативен стратешки бомбардер во светот, може да носи до 24 ракети и претставува клучна компонента на руската воздушна офанзива.

Зеленски: Ќе продолжиме со вакви акции

„Операцијата е резултат на проекти кои ги одобрив пред повеќе од година и пол. Овие резултати покажуваат дека Русија ја губи својата стратешка предност“, рече Зеленски, додавајќи дека Украина ќе продолжи со ваквите дејствија.

Тој предупреди и дека Русија подготвувала нов масовен напад, според украинските разузнавачки податоци, и ги повика граѓаните да не ги игнорираат воздушните аларми.

Во официјална изјава, руското Министерство за одбрана потврди дека неколку воени аеродроми биле цел на напад со дронови, обвинувајќи го „киевскиот режим“ за нападите.

Advertisement

Свет

Орбан предупредува: Украина падне ли, Унгарија ризикува катастрофа

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека евентуален колапс на Украина би имал сериозни и негативни последици за Унгарија, нагласувајќи дека Будимпешта има силен интерес да спречи такво сценарио. Пораката ја испрати за време на говор во Сегед, во рамки на неговата предизборна турнеја, пренесува Euronews.

„Не треба да се залажуваме – падот на Украина би бил катастрофа за Унгарија. Тоа не е во наш интерес и мора да направиме сè што можеме за да не се случи“, порача Орбан пред своите поддржувачи, ставајќи акцент на надворешната политика.

Својот став тој го илустрираше со споредба од секојдневниот живот, посочувајќи дека вредноста и стабилноста на една држава, како и кај земјиштето, не зависат само од нејзината состојба, туку и од состојбата на соседите и од тоа кој живее таму.

Орбан истакна дека Украина во голема мера зависи од Унгарија во енергетскиот сектор, наведувајќи дека 44 отсто од електричната енергија и 56 отсто од природниот гас што ги користи доаѓаат преку Унгарија, при што значителен дел од тие ресурси имаат руско потекло. Овие податоци унгарските власти ги користат и како аргумент против критиките за блиските односи со Русија.

Говорејќи за војната, Орбан повтори контроверзен став, оценувајќи дека е „тешко да се каже кој кого нападнал“, што е во спротивност со доминантниот меѓународен став за руската инвазија врз Украина. Тој, исто така, оцени дека испраќањето воена помош за Киев само го продолжува конфликтот и, според него, не придонесува за интересите на Украина.

Continue Reading

Свет

Убиен висок руски офицер: Безбедносните служби на терен

Смртта на генералoт Фанил Сарваров во Москва претставува „ужасно и брутално убиство“, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој нагласи дека руските безбедносни служби ќе преземат сè што е неопходно во рамки на истрагата за случајот, пренесува РИА Новости.

Според Руски истражен комитет, Сарваров, кој бил началник на одделот за оперативна обука на Генералштабот на руските вооружени сили, бил тешко повреден кога експлозивна направа поставена под неговиот автомобил детонирала порано денес во Москва. Генералот им подлегнал на повредите на пат кон болница.

Во исто време, Песков ги отфрли тврдењата дека Русија наводно планира обнова на сферите на влијание на поранешниот Советски Сојуз. Тој реагираше на извештај на Ројтерс, кој се повикува на американски разузнавачки извори и тврди дека рускиот претседател Владимир Путин има планови за проширување на руското влијание во Источна Европа.

„Не знаеме колку се веродостојни тие информации. Дури и ако постојат такви извештаи, станува збор за погрешни претпоставки и заклучоци на разузнавачки служби. Тоа апсолутно не е точно“, изјави Песков.

Continue Reading

Свет

Силни дождови и поплави во Франција – сообраќајот во колапс

Силно невреме го зафати југот на Франција, предизвикувајќи поплави, евакуации и сериозни нарушувања во сообраќајот. Околу 40 лица беа евакуирани во Монпелје, каде што поројните дождови доведоа до затворање на голем број улици, а трамвај заглави во надојдена вода.

Пет департмани, меѓу кои и Еро, се под портокалова временска тревога поради обилни врнежи и ризик од поплави. „Во тек се безбедносни интервенции“, соопшти префектурата на Еро за BFM.

Најпогодени се Монпелје, Сен Жак де Вед и Вилнев ле Маглон. Градските власти во Монпелје информираа дека се затворени парковите, гробиштата, зоолошката градина и божиќниот пазар, додека јавниот превоз и сообраќајот се значително отежнати.

За само еден час наврнале околу 40 милиметри дожд, а во последните шест часа количината достигнала и до 75 милиметри. Метеоролозите предупредуваат дека во долината Монпелје во наредните часови може да наврнат и до 120 милиметри дожд.

Во неделата особено тешко беше погодена општината Ларошет, каде што реката се излеа од коритото и достигна ниво од осум метри. И реката Еро е под портокалово предупредување поради зголемен водостој, со висок ризик од прелевање во секторот Агде.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат максимално претпазливи, да се држат подалеку од водотеци, брегови и мостови, да ги избегнуваат поплавените патишта и да не влегуваат во подруми и подземни паркинзи, како и да го ограничат движењето.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг