Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) активно се вклучи во одбележувањето на Европската недела на спортот, настан под покровителство на Министерството за спорт. На штандот на ФФМ беа презентирани програмите и активностите што федерацијата ги спроведува со цел унапредување на спортот и промоција на здрави животни навики.
Посебно внимание беше посветено на #TakeCare програмата на УЕФА, која е насочена кон грижата за физичкото и менталното здравје на сите учесници во фудбалската игра – од играчи и тренери до судии и спортски работници. Програмата ги промовира здравата исхрана, физичката активност, менталната благосостојба и важноста на одмор и регенерација.
Присутните граѓани имаа можност да се информираат за мисијата и визијата на ФФМ, за поддршката на младинскиот спорт, како и за иницијативите насочени кон вклучување на пошироката заедница во спортски активности. Со своето учество, ФФМ уште еднаш го потврди својот ангажман во градењето здраво и активно општество преку спортот.
Пелистер го совлада Вардар: Победа што ја поттикнува надежта за спектакуларна сезона
Во атмосфера за паметење, пред преполната сала „Боро Чурлевски“, Еурофарм Пелистер го совлада вечниот ривал РК Вардар 1961 со убедливи 28-23 (13-10) во дербито на 16. коло од македонската Суперлига. Битолчани одиграа маестрален натпревар, носени од навивачката еуфорија и фантастичната форма на неколку поединци.
Најистакнат играч беше Богдан Радивојевиќ, кој одржа вистинска лекција по реализација. Десното крило постигна неверојатни 9 гола од 9 обиди, заслужено грабнувајќи ја титулата најефикасен и најдобар играч на мечот. До него, голманот Саид Хаидаридад, кој спушти рампа пред „вардарци“ со 12 одбрани. Капитенот Филип Кузмановски исто така имаше извонредна вечер, постигнувајќи шест погодоци.
Кај гостите од Скопје, прв стрелец беше Хориха со шест погодоци, но тоа не беше доволно да се скрши цврстата „зелено-бела“ одбрана.
И покрај поразот, РК Вардар 1961 ја задржува лидерската позиција во домашното првенство со 30 бода, но разликата се намали на само два бода. Пелистер сега има 28 поени, додека РК Охрид и Алкалоид си делат по 23 бода по 16 одиграни кола.
Во следното 17. коло, Еурофарм Пелистер го очекува пеколно гостување кај РК Охрид. Се очекува ракометна драма и возбудлив дуел во „Билјанини Извори“. Вардарци, пак, ќе имаат шанса за поправен пред домашната публика против Радовиш.
Ново партнерство на ФФМ и FANZEAL за проширување на дигиталните и комерцијалните можности
Фудбалската федерација на Македонија денеска ја претстави новата стратешка соработка со иновативната платформа FANZEAL, која претставува значаен чекор во дигиталната трансформација на македонскиот фудбал. На официјалниот настан присуствуваа претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и Горан Пандев и претставниците на FANZEAL, извршниот директор Самуел Арнал и Дејан Вељковиќ.
Соработката меѓу ФФМ и шведската компанија е потврда дека фудбалот и новите дигитални алатки заедно можат да создадат нови можности, нови начини на поврзување и ново ниво на поддршка од навивачите и комерцијалните партнери.
Првиот човек на нашиот фудбал, Масар Омерагиќ и Горан Пандев во своите обраќања ја истакнаа важноста на ова партнерство, потенцијалот за продлабочена интеракција со навивачите и новите можности за привлекување комерцијални партнери.
„Нашата цел е јасна, да создадеме ново ниво на интеракција со навивачите, да ја зголемиме видливоста на нашиот бренд и да го отвориме фудбалот за нови можности. FANZEAL токму тоа го овозможува, директна поврзаност со публиката, персонализирани содржини, дигитални алатки и платформа која им нуди повисока вредност и на навивачите и на нашите партнери.
Ова партнерство не е само технолошка новина. Тоа е стратегиска можност за зголемување на нашите комерцијални потенцијали. Со FANZEAL ја отвораме вратата за нови спонзори, за креативни кампањи, за подобра активација на постојните партнери и за нови брендови што сакаат да бидат дел од македонската фудбалска приказна“, истакна Омерагиќ.
Горан Пандев е избран да биде едно од заштитните лица на македонската платформа FANZEAL.
„FANZEAL е чекор напред. Платформа што ќе ја донесе репрезентацијата, лигите, клубовите и младите таленти да бидат поблиску до нашите навивачи. Платформата е простор за интеракција, за емоција, за нови содржини и нови партнерства кои ќе му помогнат на нашиот фудбал да расте. Верувам дека ова е почеток на една силна и позитивна приказна. Благодарен сум на ФФМ за довербата и на сите што работат да го придвижат македонскиот фудбал напред“.
Извршниот директор на FANZEAL, Самуел Арнал, истакна дека платформата е создадена да ги приближи навивачите до тимовите и играчите.
„Голема чест ни е што стануваме партнер на Фудбалската федерација на Македонија и што добиваме можност да придонесеме кон модернизацијата на фудбалското искуство во земјата. FANZEAL е создаден со цел да ги приближи навивачите до тимовите и играчите, да создаде нови можности за ангажман и да отвори простор за иновативни комерцијални модели. Веруваме дека со ФФМ можеме да изградиме платформа која не само што ќе ја унапреди комуникацијата со навивачите, туку и ќе им понуди значајна вредност на сегашните и идните партнери на федерацијата“, истакна Самуел Арнал.
„Соработката со ФФМ за нас претставува силна потврда дека во дигитална ера може да го подигнеме фудбалското искуство на повисоко ниво. FANZEAL ќе овозможи поблиска врска со навивачите и нови можности за брендовите кои сакаат да бидат дел од македонскиот фудбал“, рече Дејан Вељковиќ, поранешен фудбалер и фудбалски агент коj низа години е поврзан и со македонскиот фудбал.
Фудбалската федерација на Македонија официјално ја презентираше платформата FAN ZEAL пред своите постојни и потенцијални комерцијални партнери. На настанот беа претставени клучните функционалности на платформата и нејзиниот потенцијал за унапредување на навивачкото искуство, како и можностите за нови модели на комерцијална активација.
Фудбалската федерација на Македонија ја презентираше платформата FANZEAL пред своите постојни и потенцијални комерцијални партнери. На настанот беа претставени клучните функционалности на платформата и нејзиниот потенцијал за унапредување на навивачкото искуство, како и можностите за нови модели на комерцијална активација.
Меланија Грозданова блиску до Јувентус: Македонија добива ново фудбалско чудо
Постои силен и конкретен интерес од страна на италијанскиот гигант Јувентус за македонската тинејџерска ѕвезда, Меланија Грозданова. Веста, која експлозивно одекна откако ја објави реномираниот европски новинар Руди Галети, го става 16-годишниот балкански бисер во фокусот на европскиот фудбал.
Иако има само 16 години, Грозданова веќе е незаменлив стартер во сениорската репрезентација на Македонија. Нејзината храброст и смиреност на теренот, демонстрирани на највисоко ниво (како на двата неодамнешни меча против моќната Русија), се восхитувачки за играч на нејзина возраст. Селекторите и соиграчите веќе ја гледаат како играч кој прави разлика. Вотековната Сезона, постигна осум голови за Љуботен, покажувајќи неверојатна напаѓачка ефикасност. Мината Сезона заврши со импресивни 12 погодоци за Истатов.
Грозданова е експлозивно крило со дриблинг уметност и самоуверена игра во ситуации еден-на-еден. Нејзината физичка подготвеност и препознатлив стил на игра и прослава на головите веќе донесе споредби со легендарниот Кристијано Роналдо.
Но, таа не блеска само на клупско ниво, оваа есен, Меланија беше предводник на македонската У19 репрезентација, катапултирајќи ја во А-дивизијата на квалификациите за ЕП – подвиг што ја потврдува како најголемиот фудбалски талент што Македонија некогаш го имала.
Со височина, техничка извонредност, интелигенција на теренот и менталитет на вистински професионалец, Грозданова го има комплетниот профил за највисоко европско ниво. Не е ни чудо што Јувентус гледа во неа значајно име за нивниот долгорочен проект.
Ова е повеќе од трансфер приказна. Меланија Грозданова е денес една од најдобрите млади фудбалерки во Европа.