Саботната вечер во скопската општина Чаир завршила со крвопролевање, хоспитализации и сомнителен пронајдок – двајца браќа се избодени со остар предмет при обид да спречат пресметка, а увидна екипа на СВР Скопје на местото на настанот пронашла и бела прашкаста материја, која е испратена на анализа.
Инцидентот се случил околу 21:45 часот пред фитнес клуб во Чаир, кога 38-годишниот И.А. и неговиот 32-годишен брат А.А. се обиделе да ги раздалечат тројцата мажи кои се тепале. Наместо да смируваат, самите биле нападнати и прободени.
„На 1 јуни 2025 година, во 22:00 часот, од Градската општа болница ‘Св. Наум Охридски’ во Скопје беше пријавено дека кај нив со убодни рани е донесен И.А. (38). Неговото повредување, како и на неговиот брат, се случило при обид да спречат физичка пресметка“, информира МВР.
И.А. бил хоспитализиран во ГОБ „Св. Наум Охридски“, додека А.А. бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Дополнителен пресврт во случајот се случил кога во болницата се појавил и 25-годишниот Б.Р. од Скопје, кој изјавил дека бил нападнат од А.А., додека пак браќата тврдат дека напаѓачи биле Б.С. и А.С.
Увидната екипа на СВР Скопје на местото на настанот пронашла бела прашкаста материја, која е испратена на понатамошна анализа, со што случајот добива и дополнителна димензија.
МВР соопшти дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, идентификација на сите инволвирани и утврдување на точните мотиви.
