„Србија се крена и ќе стои неуморно“ – студентски протести во над 30 градови со барање за избори

Во повеќе од 30 градови низ Србија, синоќа се одржаа синхронизирани студентски протести на кои беше прочитан заеднички говор со јасна порака: бараат предвремени парламентарни избори и враќање на демократската одговорност.

Во говорот, студентите нагласија дека овој момент претставува историска пресвртница за земјата и дека протестите не се само младинска реакција, туку движење на разумот, достоинството и отпорот кон неправдата.

„Повеќе од шест месеци бараме вистина и правда. Го покренавме најголемиот бран студентски демонстрации во Европа во последните 50 години и ги одржавме најмасовните протестни собири во историјата на Србија“, беше прочитано на протестите.

Студентите истакнаа дека преку мирен отпор и институционални канали досега не добиле соодветен одговор, туку се соочиле со „навреди, закани, малтретирање и манипулации“.

„Не е ова само студентски протест, туку протест на сите граѓани кои чувствуваат дека се изиграни, понижени и замолчени. Оние што не се слушаат имаат право да викаат“, порачаа организаторите.

Еден од клучните сегменти од говорот беше и најава за граѓанска непослушност низ целата земја.

„Ќе бидеме пред институциите, министерствата, пред телевизиите што молчат. Ќе ги вознемируваме лагите, неправдата и корупцијата – не граѓаните“, се вели во пораката.

Според студентите, системот е толку длабоко корумпиран што не е способен да ги исполни нивните барања.

„Бараме избори. Гласот на младите не е само врева – тој е бран кој може да иницира промени, да го врати достоинството и да ја разбуди надежта во правдата и слободата. Демократијата не смее да остане само празно ветување“, беше пораката што одекна од север до југ на Србија.