Дигитална лична карта и возачка дозвола – нова апликација наскоро достапна за граѓаните
Граѓаните наскоро ќе можат да ги носат своите лични документи – лична карта и возачка дозвола – во дигитален формат преку нова мобилна апликација што ја развива Министерството за дигитална трансформација. Ова го најави министерот Стефан Андоновски во интервју за „360 степени“, опишувајќи ја како македонска верзија на Google Wallet или Apple Wallet.
Што ќе овозможува „дигиталниот паричник“?
Новата апликација, позната како „дигитален паричник“, ќе им овозможи на граѓаните да се легитимираат со електронски документи и да пристапат до најбараните јавни услуги. Во втората фаза од проектот се планира воведување на дигитален потпис и целосна биометриска верификација.
Проектот се реализира во партнерство со Министерството за дигитална трансформација на Украина и европската програма „Дигитална Европа“, преку која е обезбеден грант од над еден милион евра.
Иако иницијалниот почеток беше планиран за јануари 2025 година, поради административни процедури во ЕУ, лансирањето е поместено за јуни 2025. Според министерот Андоновски, веќе е подготвена модел-верзија на апликацијата.
Промоција на Дигиталниот самит во октомври
Тест-верзијата на апликацијата ќе биде промовирана на Дигиталниот самит во Скопје, кој ќе се одржи на 1 и 2 октомври. Првите корисници ќе можат да ја симнат и тестираат бесплатно, благодарение на обезбедениот грант.
Во подоцнежните фази, со воведување на напредни функционалности како биометриски потпис, можно е да се воведат симболични трошоци за користење на некои услуги.
Нов закон за сајбер безбедност
Паралелно со развојот на апликацијата, Министерството за дигитална трансформација подготвува и нов закон за сајбер безбедност. Законот ќе овозможи поефикасна заштита од хакерски напади и предвидува формирање на:
Национален координативен совет,
Сектор за сајбер безбедност при Министерството,
Владина единица за брз одговор при инциденти.
