Првата недела од јуни 2025 година ќе остане запаметена како денот кога руската воена супериорност беше длабоко разнишана – и тоа не на фронтот, туку длабоко на сопствена територија. Спектакуларната операција на украинската тајна служба СБУ, со кодно име „Пајажинеста мрежа“, заврши со тежок пораз за Кремљ: уништени или оштетени над 40 руски воени авиони, вклучително и стратешки бомбардери и еден од ретките извидувачки авиони А-50.
Со оваа добро испланирана и тајна операција, подготвувана година и пол, Украина испрати порака до Москва: нема безбедна зона. Над 100 дронови, скриени во камиони во близина на неколку руски аеродроми, беа активирани истовремено и извршија прецизни удари. Штетата, според украинските власти, изнесува над 7 милијарди долари.
Уште пострашна за Путин е симболиката. Нападот дојде токму неколку часа пред почетокот на вториот круг мировни преговори во Истанбул, со што Киев покажа не само воена способност, туку и дипломатска пресметливост. Аналитичарите проценуваат дека целта на акцијата била да се засили преговарачката позиција на Украина или, пак, да се испровоцира Русија да ги прекине разговорите.
За рускиот претседател ова претставува сериозно понижување. Не само што загуби дел од воената флота која веќе не се произведува, туку и бидејќи нападот ја разоткри слабата и застарена противвоздушна одбрана на Русија. Сликите од уништени авиони и пепелишта на воени бази се сега достапни на интернет, а на социјалните мрежи операцијата се споредува со Перл Харбур.
Украина покажа дека е подготвена, модерна и технолошки иновативна војска. Русија, пак, остана затечена – без соодветен одговор и со уште една длабока пукнатина во митот за нејзината воена моќ. За Путин, ова не е само воен удар – ова е и пораз во перцепцијата.
