Центарите за податоци ќе ја “проголтаат” струјата: До 2030 тројно зголемена потрошувачка поради вештачката интелигенција

Побарувачката за електрична енергија во центрите за обработка на податоци ќе се зголеми повеќе од двојно до 2030 година, достигнувајќи околу 945 терават-часови (TWh) – што е еквивалентно на целокупната потрошувачка на електрична енергија на Јапонија, објави денес Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Причината за овој експоненцијален пораст е растечката употреба на вештачка интелигенција, која ќе предизвика четирикратно зголемување на нејзината потрошувачка на електрична енергија до крајот на деценијата. Само во САД, центрите за податоци наскоро ќе бидат одговорни за речиси половина од вкупниот раст на побарувачката за електрична енергија.

Проекциите покажуваат дека до 2030 година, САД ќе користат повеќе струја за процесирање податоци отколку за сите енергетски интензивни индустрии заедно – вклучувајќи челик, алуминиум, цемент и хемиска индустрија.

Според ИЕА, во развиените земји центрите за податоци ќе бидат одговорни за повеќе од 20% од зголемената потрошувачка на електрична енергија. Денес, еден ваков центар троши исто онолку електрична енергија колку 100.000 домаќинства, јавува Еуроњуз.

Експертите предупредуваат дека овој тренд бара итна акција за зголемување на енергетската ефикасност и интегрирање на одржливи извори на енергија во дигиталната инфраструктура.