Connect with us

Република

Коњановски најавува трансформација на Битола со нов спортски комплекс

Предлогот за нов урбанистички план во Нова Битола, кој предвидува изградба на мултифункционален спортски комплекс и формирање на нов реонски центар, не доби поддршка од дел од советниците во Советот на Општина Битола. И покрај тоа што планот е усогласен со Генералниот урбанистички план и нуди содржини од јавен интерес, советниците на СДСМ и Поинаку гласаа против, што го отвори прашањето дали политиката ја потиснува развојната агенда на градот.

Градоначалникот Тони Коњановски изјави дека со новиот ДУП за блокот Запад 08.01 се предвидува целосна трансформација на просторот во Нова Битола, каде на површина од над 15 хектари, сега под ниви, би се изградиле спортски и социјални објекти, како и нова сообраќајна инфраструктура. Планот опфаќа спортски комплекс со капацитет од околу 5.000 гледачи, основно училиште, детска градинка, старски дом, објекти за колективно домување и големи површини за зелени површини и рекреација.

„Ова не е само спортски објект, туку нова урбана точка која ги обединува сите потреби на еден современ реонски центар. Планот е изработен со сите стандарди и усогласен со сите релевантни студии, а земјиштето е во доминантна државна сопственост“, рече Коњановски.

Градоначалникот потенцираше дека експропријацијата, каде што е потребна, ќе се спроведе во согласност со Законот за експропријација и со надоместок врз основа на пазарната вредност. Потсети и на претходни примери како улиците „Железничка“ и „8-ми Септември“, кои преку експропријација значително го подобрија урбаниот развој на Битола.

Од опозицијата засега нема конкретна аргументација зошто не го поддржаа планот, но од локалната самоуправа порачуваат дека „блокирањето на планови кои носат реални придобивки за граѓаните е политички чекор на штета на јавниот интерес“.

Изработувач на планот е Јавното претпријатие за урбанистичко планирање – Битола, со лиценца издадена од Министерството за транспорт, кое според член 70 од Законот за урбанистичко планирање има ингеренции за подготовка на вакви планови. Од претпријатието потенцираат дека целокупниот процес е транспарентен и базиран на над 10 стручни студии, вклучително и анализа од Архитектонскиот факултет за потенцијалот на овој дел од градот како нов јавен и функционален центар.

Коњановски најави дека нема да отстапи од развојните планови и дека општината ќе продолжи со напори за реализација на овој капитален проект. „Нова Битола и Битола заслужуваат вакви инвестиции. Ова не е политичко, туку прашање на визија, стручност и одговорност кон иднината на нашиот град“, изјави тој.

Република

Хумана новогодишна акција: Дедо Мраз пристигна на мотор кај децата од „Кочо Рацин“ во Битола

Моторџиите од МК Конзули Битола денеска организираа хумана новогодишна посета во Ресурсниот центар Кочо Рацин во Битола, носејќи го Дедо Мраз на мотор за да им подели пакетчиња на децата.

Настанот помина во празнична атмосфера, исполнета со детска радост, насмевки и искрена возбуда. Од МК „Конзули“ истакнаа дека ваквите моменти се потсетник на вистинската смисла на празниците – хуманост, споделување и грижа за најмладите.

Тие упатија благодарност до вработените во ресурсниот центар за топлиот пречек и посветеноста што секојдневно ја вложуваат во грижата и образованието на децата, најавувајќи дека и во иднина ќе продолжат со вакви хуманитарни активности.

Извор: Апла.мк

Continue Reading

Република

Проданоски: Наставата на мајчин турски јазик е темел на културниот идентитет и соживотот

По повод Денот на наставата на турски јазик, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, упати искрени честитки до сите наставници, ученици и образовни работници кои ја негуваат и унапредуваат наставата на мајчин турски јазик.

Тој упати посебни честитки до колективот и учениците од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во село Канатларци, каде што успешно се реализира настава на турски јазик и со голема посветеност се негува јазикот како значаен дел од културниот идентитет.

Проданоски ја истакна важноста од негувањето на мајчиниот јазик и почитувањето на повеќекултурните вредности, нагласувајќи дека мајчиниот јазик е нераскинлив дел од идентитетот, традицијата и културното наследство на секој народ, а неговото почитување придонесува за меѓусебно разбирање, почит и пријателство во мултикултурно општество.

Општина Прилеп, како што беше нагласено, ќе продолжи посветено да ги негува повеќекултурните вредности и да го чува културниот идентитет на сите заедници, вклучително и на турската заедница, со цел создавање подобри услови за изучување и унапредување на наставата на мајчин турски јазик.

Continue Reading

Република

Коњановски: Мерките за младите мора да станат конкретни политики и буџетски приоритети

Во Битола денеска се одржа четвртата средба на Регионалната платформа за млади, на која учествуваа граѓански организации и градоначалници од Пелагонискиот регион. На настанот се обратија претседателката на Про Локал Емилиа Ѓероска, амбасадорот на Швајцарија во Македонија Кристоф Зомер, како и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Во рамки на дискусијата за младински политики по мерка на младите, беше отворена дебата за предизвиците и потребите на младите во областите на социјалната заштита, образованието, спортот, младинското учество и јавниот превоз во Пелагонискиот регион.

Градоначалникот Коњановски истакна дека локалните самоуправи се соочуваат со бројни ограничувања при имплементацијата на младинските политики, но нагласи дека токму регионалната соработка овозможува поефикасен пристап.

„Сите сме свесни дека младинските политики не се едноставни за имплементација поради ограничени финансиски и човечки ресурси и различни реалности меѓу општините. Затоа Регионалната платформа за млади има посебна вредност – ни овозможува заеднички да ги адресираме предизвиците, преку размена на искуства и креирање применливи мерки за целиот регион“, рече Коњановски.

Тој додаде дека анализите и предлог-мерките за образованието, социјалната заштита, младинското учество, спортот и јавниот превоз се клучни за иднината на младите и нивната одлука дали ќе останат во своите општини и ќе имаат доверба во институциите.

„Наша обврска е овие мерки да не останат само препораки, туку да ги преточиме во конкретни политики, одлуки и буџетски приоритети“, потенцираше градоначалникот.

На форумот се говореше и за нееднаквите можности за младите во руралните во споредба со урбаните општини, како и за првичните наоди од националната проценка на влијанието на Законот за младинско учество и младински политики. Беа отворени и прашања поврзани со улогата на младинските организации и националните стратешки насоки за подобрување на положбата на младите.

Настанот беше организиран од Про Локал, а проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика Мобилитас.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг