Connect with us

Македонија

Обвинителството побара доживотен затвор за обвинетите за убиството на Вања и Панче

На второто рочиште од завршните зборови во судењето за двојното убиство што ја потресе јавноста – на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес – обвинителството побара максимална казна: доживотен затвор за сите клучни обвинети.

Првообвинетиот во случајот, Љупчо Палевски – Палчо, се товари дека ги организирал и извршил киднапирањата и убиствата на Жежовски на 22 ноември, а на Вања пет дена подоцна. Обвинителките побараа најстрога санкција за него.

Иста казна – доживотен затвор – беше побарана и за Велибор Манев и Боре Видевски од Велес, како и за Влатко Кешишев од Штип, кои според обвинението биле директно инволвирани во извршувањето на делото.

Казна и за таткото на Вања

Посебно внимание привлече улогата на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој според обвинителниот акт, му дојавил на Палевски кога неговата ќерка ќе биде сама, без сестра ѝ, на пат кон училиште – што овозможило нејзино киднапирање и барање откуп од нејзината мајка. За него, обвинителството побара соодветна затворска казна.

Поддршка за кривичниот прогон и барања за отштета

Мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, преку својата адвокатка, официјално се приклучи кон кривичниот прогон против сите обвинети – вклучително и против нејзиниот поранешен сопруг Александар. Исто така, и ќерките на убиениот Панче Жежовски изразија поддршка на обвинителството и поднесоа побарување за нематеријална отштета – за душевната болка и трајната загуба што ја претрпеле.

Судењето продолжува со излагањата на одбраната, а јавноста со внимание го следи процесот, очекувајќи пресуда што ќе донесе правда за загубените животи и ќе испрати силна порака против насилството.

Advertisement

Македонија

Обвинени директор и управител: Комунален отпад ја загрозувал животната средина во Скопје

По спроведена истрага, Основното јавно обвинителство Скопје подигна обвинение против две лица, кои се обвинети дека заеднички извршиле сериозно кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад, казниво по член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Според наодите од истрагата, во текот на октомври годинава обвинетите, со сериозни пропусти во вршењето надзор врз собирањето, транспортот и управувањето со отпадот, создале реална опасност од значително загадување на почвата, воздухот и водата, како и ризик по здравјето и животот на граѓаните и уништување на растителниот и животинскиот свет во поголем обем.

Првиот обвинет, како вршител на должност директор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, постапувал спротивно на Статутот на претпријатието, Законот за комунални дејности и одлуките на Управниот одбор. Тој не ја спроведувал деловната политика, не ги извршувал своите основни надлежности, не ги следел и анализирал плановите и договорните обврски и не преземал мерки за нивна реализација. Дополнително, не обезбедил соодветна заштита на животната средина и не се грижел комуналните услуги да се вршат континуирано, квалитетно и со исправна опрема и инфраструктура, иако тоа му било законска обврска како раководител на јавно претпријатие.

Заедно со вториот обвинет – управител за отпад (подгрупа 5), вработен во областа на комуналните дејности и носител на уверение за положен стручен испит за управување со отпад издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање – тие, според обвинителството, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и Законот за управување со отпад. Наместо да преземат мерки за заштита на околината, тие не ги спроведувале плановите и програмите за управување со комуналниот отпад на територијата на Град Скопје.

Како директна последица на нивното постапување, редовното собирање и транспорт на безопасен комунален отпад не било извршувано, ниту била побарана измена на Оперативниот план и програмата. Со тоа, обвинетите овозможиле формирање диви депонии на јавни и сообраќајни површини, при што отпадот се одлагал околу и во непосредна близина на садовите за собирање.

Со оглед дека доказната постапка е целосно завршена и дека обвинетите повеќе немаат можност да влијаат врз истрагата, јавниот обвинител предложи притворот да им биде заменет со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување во суд, како и привремено одземање на патната исправа или забрана за нејзино издавање.

За обвинетиот управител со отпад, кој и понатаму е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството предложи и дополнителна мерка, со цел спречување на понатамошно загрозување на јавниот интерес и животната средина.

Continue Reading

Македонија

Изборот за вршител на функцијата државен јавен обвинител одложен

Советот на јавни обвинители денеска не успеа да избере вршител на должноста државен јавен обвинител, откако пропадна итната седница поради отсуство на еден од членовите. Од Советот уверуваат дека станувало збор за оправдано отсуство.

„Седницата на Советот на јавните обвинители, закажана за 18 декември 2025 година во 11 часот, по предлог на член на Советот, а поради оправдано отсуство на еден од членовите, се одложува за 22 декември 2025 година, понеделник, со почеток во 11 часот“, соопштија од Советот.

Изборот на в.д. државен обвинител требаше да се реализира по итна постапка, откако досегашниот државен обвинител Љупчо Коцевски завчера поднесе неотповиклива оставка во Собранието. Оставката дојде токму на денот кога пратениците требаше да го разгледуваат предлогот за негово разрешување, поднесен од Владата.

По заминувањето на Коцевски, Собранието е обврзано во најкраток можен рок да распише оглас за избор на нов државен обвинител. До тогаш, функцијата ја врши вршител на должност, кој се избира од редот на републичките јавни обвинители, а го именува Советот на јавни обвинители.

Continue Reading

Македонија

Ревизијата откри: СДСМ и ДУИ скрија 2 милиони евра во Лотарија на Македонија

Скандалот во Лотарија на Македонија, за што ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека милиони евра на граѓаните завршиле во рацете на кадри на ДУИ, додека СДСМ молчело и ги прикривало злоупотребите.

Според извештајот на Државниот завод за ревизија, додека институцијата беше под контрола на лица од СДСМ и ДУИ, се случиле сериозни финансиски неправилности, вклучувајќи злоупотреба на два милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ посочува дека одговорните лица – Перпарим Бајрами и Артан Груби – ги фалсификувале и прикривале парите на граѓаните, додека владејачката партија ѝ давала „зелен сигнал“ на ова.

„Јавноста заслужува да знае каде завршиле овие пари и зошто првичниот криминал помина неказнето“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата истакнува дека ова е само врвот на ледената санка, со оглед на долгогодишните злоупотреби во Лотарија и другите државни институции.

Во соопштението се наведува дека СДСМ и ДУИ систематски ги уништувале претпријатијата, празнеле буџети и го ограбувале народот, а со заминувањето на обвинителот Љупчо Коцевски, сега е време за одговорност и казнување на сторителите.

ВМРО-ДПМНЕ повикува на итна проверка на сите трансакции и на јасен одговор кон граѓаните за тоа како и каде завршиле парите од Лотарија.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг