Connect with us

Македонија

Зорица Ѓорчевска, мајката на Вања, преку писмо до судот моли за правда

Зорица Ѓорчевска, мајка на убиената 14-годишна Вања, на денешното судско рочиште на кое се даваа завршните зборови, преку својот адвокат испрати писмо до судот, кое не беше прочитано до крај. Судечкиот судија Ивица Стефановски не дозволи писмото да се дочита до крај, бидејќи како што рече не се однесува на имотно-правното побарување за кое требаше да се произнесат оштетените, меѓу кои и мајката на Вања, Зорица.

Во писмото меѓу другото, Зорица Ѓорчевска вели дека сега моли за правда. Правда за Вања. Во емотивното писмо објаснува дека судскиот процес не ѝ дава мир и се чувствува како секој ден да си ја погребува својата ќерка.

„Овој судски процес не ми дава мир. Тоа е мојот секојдневен пекол. Ја буди траумата, тагата и ја врти лентата на болката одново и одново, како секој ден да ја погребувам Вања. Но, јас морам да бидам дел од процесот, не од избор, туку од нужност. Морам да сум дел од процесот заради Вања, но и заради сите мајки. Вечерта кога ме однесоа за последен пат да си го видам своето мртво дете, низ плач му реков на инспекторот: ‘Немојте да дозволите ова да се случи на друго дете’“, пишува меѓу другото Ѓорчевска.

Целата содржина на писмото на својот фејсбук профил го објави Маја Мартиновска со чија дозвола МКД.мк писмото го објавува во целост без никаква интервенција.

Почитуван Суде,

„Се обраќам до Вас не само како мајка на Вања, туку како човек кој живее со најтешка и необјаснива болка.

Скоро една година, целата јавност внимателно го следи овој макотрпен судски процес. Сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина за делата што им се ставаат на товар. Во текот на процесот, беа презентирани низа материјални докази и сведоштва. Секојдневно и насекаде слушаме различни теории на заговор, одбрани базирани на наводни политички прогони, местенки, безбројни приговори… Но, за жал, еден факт останува непобитен – Вања ја нема. Ја киднапирале и ја однеле. Ја убиле безмилосно, на најбрутален начин. Детето мое. Кога ќе слушневме за некој немил настан низ светот, на двете мои ќерки им велев дека вакви работи во Македонија кај нас не се случуваат. Далечни ми беа. Но се случи. И тоа токму мене, на моето најмило. И не смее да се повтори. Ниеден родител не смее да го доживее тоа што јас го доживеав – да го испрати детето во училиште и по една недела да го најде во мртовечки сандак.

Вања не е само број на жртва. Вања беше живот – со очи, со глас, со планови. Таа беше ќерка, сестра, внука, братучетка, другарка. Имаше 14 години и како секоја деветоодделенка се радуваше на долгоочекуваната полуматура. Правеше планови за зимување и летување со другарчињата од одделението и подготвувајќи се за новите предизвици со кои требаше да се соочи во средно училиште – жалеше за разделбата од соучениците од основното училиште. Вања сакаше да гледа стари филмови од 70-тите и 80тите. Ги знаеше знамињата и главните градови – буквално на сите држави во светот. Кога ќе ја заинтересираше некоја тема, ја проучуваше детално, наоѓајќи одговор за секое прашање. Ја сакаше историјата, а најмногу сакаше да го проучува холокаусот – не можеше да разбере како е можно да се случи такво зло на толку луѓе. Секое утро со музика се подготвуваше за на училиште. И тоа утро – последното утро, стана, си ја пушти омилената песна и потпевнувајќи, се подготви на училиште. Ја испратив до врата и и реков „се слушаме, мама, подоцна”. Тоа беше последен пат да ја видам.

Вања не ја дочека полуматурата. Не ги дочека ниту патувањата со соучениците, не дочека ниту да ги искуси предизвиците на средното училиште, на новите другарства, на првата љубов, на создавањето на свое семејство и остварување на личните амбиции…Цела генерација на деца, соученици на Вања, доживеаа силна траума од нејзината насилна смрт. Долгоочекуваната полуматурата ја дочекаа во солзи, без волја да се забавуваат без својата другарка.

Вања остави зад себе шокирани и скршени родители, роднини, братучеди, а пред сѐ – сестра која не знае како да го продолжи својот живот без неа. Двете растеа со верба дека што и да се случи, ќе се имаат една со друга. Детето кое го одгледував со љубов, со грижа, со соништа. И тие соништа – сите до еден – се одземени. Со ладнокрвност. Со злоба. Со нечовечност. Мината е година и пол. Но, јас ја живеам таа кобна недела секој ден. Како може некој да покаже сила врз живот што допрва започнувал?

Овој судски процес не ми дава мир. Тоа е мојот секојдневен пекол. Ја буди траумата, тагата и ја врти лентата на болката одново и одново, како секој ден да ја погребувам Вања. Но, јас морам да бидам дел од процесот, не од избор, туку од нужност. Морам да сум дел од процесот заради Вања, но и заради сите мајки. Дали злото ќе добие казна што ја заслужува или ќе испратиме порака дека животот на дете не тежи ништо?

Почитуван Суде, вечерта кога ме однесоа за последен пат да си го видам своето мртво дете, низ плач му реков на инспекторот: „Немојте да дозволите ова да се случи на друго дете”. Сега, го упатувам истиот апел и до вас – во оваа судница не се суди само за убиството на Вања – тука се суди за правото на секое дете во оваа држава да живее. Да расте. Да сонува. Да не дозволите ова да се случи повторно! Вакво злосторство не смее да се толерира. Не смее веќе родители да плачат и да молат за правда. А јас сега молам за правда. Правда за Вања. Ви благодарам”.

Advertisement

Македонија

Стабилно време со магла до понеделник, дожд од вторник

До понеделник се очекува стабилно и претежно тивко време низ земјава, со појава на магла во утринските часови и зголемена облачност на некои места.

Утре, 18 декември, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека претпладне на одредени места ќе се појави магла. Ветарот ќе биде слаб и променлив.

Во Скопје се очекува слично време, со претежно тивко време и појава на магла во котлинските делови претпладне.

Стабилното време ќе се задржи до понеделник, а од вторник се најавуваат локални врнежи од дожд.

Continue Reading

Македонија

Над 40 државни институции преминаа на електронско управување со документи

Повеќе од 40 институции во државата веќе го користат националниот Документ менаџмент систем (ДМС), што овозможува побрзи и поефикасни услуги за граѓаните, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во изјава за медиумите.

Според него, поврзувањето на институциите и општините преку единствен дигитален систем претставува суштинска реформа во функционирањето на државната администрација, со фокус на поедноставени и подостапни јавни услуги.

Андоновски информираше дека за само четири месеци е двојно зголемен бројот на институции кои користат електронска архива и електронски систем за управување со документи. Дополнително, преку државната платформа за интероперабилност, само во ноември биле реализирани 2,6 милиони трансакции, што претставува значителен раст во однос на просекот во текот на 2024 година.

Министерот посочи и дека за 20 проценти е зголемен бројот на институции и компании приклучени на платформата за интероперабилност, што директно придонесува за намалување на административните процедури и потребата граѓаните да доставуваат документи од една до друга институција.

„Овие резултати значат помалку хартија, помалку чекање и помалку простор за корупција. Дигиталната трансформација не ја третираме како ИТ-проект, туку како реформа во корист на граѓаните, со јасни и фер процедури“, истакна Андоновски.

Тој додаде дека целта е институциите да функционираат брзо, разбирливо и еднакво за сите, а Министерството за дигитална трансформација останува посветено принципот „граѓаните на прво место“ да стане стандард во работењето на државата преку конкретни и мерливи резултати.

Continue Reading

Македонија

Собранието ги усвои клучните закони за проектот „Безбеден град“

Собранието во рамки на попладневниот дел на 76. седница без расправа ги донесе измените и дополнувањата на повеќе закони кои се дел од пакетот потребен за целосно функционирање на системот „Безбеден град“. Со 65 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, пратениците усвоија измени на Законот за извршување на санкциите, Законот за полиција, Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека законот е дел од шесте законски измени кои обезбедуваат имплементација на еден од најзначајните проекти во историјата на Македонија, кој започна пред неколку недели и практично ќе стартува од 1 февруари.

Законот за прекршоци, исто така дел од пакетот, воведува посебна постапка за прекршоци констатирани со технички средства и уреди за снимање, вклучително електронска достава преку текстуални пораки или е-пошта, 50% намалување на глобата при доброволно плаќање во рок од осум дена, како и автоматско суспендирање на возачката дозвола по акумулирање на три забрани во четири години. Пратеничката Моника Трајанова од ВМРО-ДПМНЕ објасни дека измените ќе го зголемат ефектот на превенцијата, ќе намалат административни трошоци и ќе ја зголемат ефикасноста на постапките.

Стојановски додаде дека законите овозможуваат одземање на возило на несовесни возачи, како и подобрување на процесот на издавање возачки дозволи, со зголемена транспарентност и контрола врз членовите на комисијата која ги доделува дозволите.

Во рамки на истата седница, пратениците го усвоија и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, исто така по скратена постапка, со што се овозможува поефикасно реализирање на инфраструктурни и други јавни проекти.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг