Connect with us

Република

Условна казна за Љупчо Горгиевски – пресуда за величење на Ванчо Михајлов

sud

БИТОЛА – Основниот суд во Битола донесе пресуда со која Љупчо Горгиевски, претседателот на згаснатиот бугарски културен клуб „Иван Михајлов“, е осуден на една година условна казна затвор, со рок од две години услов во кој не смее да го повтори кривичното дело.

Случајот против Горгиевски беше инициран од Основното јавно обвинителство Битола поради јавни објави со кои, според обвинението, се величел ликот и делото на контроверзниот водач на ВМРО, Иван Михајлов, а со тоа се ширела национална и расна омраза и се негирала посебноста на македонскиот народ.

Веста за пресудата ја објави самиот Горгиевски на Фејсбук страницата на клубот, наведувајќи дека „оваа реченица нема законски товар, туку симболична вредност“ и дека „државата може да изрече казни, но не може да ја гони совеста“.

Во текот на судењето, Горгиевски тврдеше дека не е виновен и дека единствено изразува лична и национална припадност, идентификувајќи се како Бугарин со двојно државјанство. Како сведок во негова корист се појави и поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, кој јавно ја поддржа неговата позиција.

Обвинителката Оливера Нечаковска, која го водеше случајот, побара осудителна пресуда, посочувајќи дека под превезот на слобода на говор, Горгиевски преку интернет објави ширел омраза кон припадниците на еврејската заедница и особено кон македонскиот народ.

Како доказ беше приложено и мислењето на Институтот за национална историја, во кое се вели дека Иван Михајлов е негативна личност во македонската и европската историја, со врски со фашистичките режими, и дека неговото величење претставува пропагирање на екстремистички идеи.

Пресудата доаѓа во чувствителен момент во односите меѓу Скопје и Софија. Министерството за надворешни работи на Бугарија уште пред изрекувањето на казната објави соопштение со кое порача дека исходот од случајот ќе биде индикатор за односот на македонските власти кон правата на Бугарите во земјата.

Со оваа пресуда се затвора двегодишниот процес, но реакциите допрва се очекуваат, и во домашната, и во меѓународната јавност.

Advertisement

Република

Утре голем дел од Тетово и околината без електрична енергија

Голем дел од Тетово и неколку околни населени места утре (25 декември) ќе останат без електрична енергија поради планирани прекини во снабдувањето, информираат надлежните служби.

Според најавата, прекините ќе се реализираат во периодот од 06:00 до 07:00 часот, а ќе бидат опфатени повеќе локации во градот Тетово, како и населбите и селата Жилче, Гургурница, Озормиште, Селдарево, Сиричино, Требош и Шемшево.

Во Тетово, без струја ќе бидат делови од градот, вклучувајќи објекти во населбите Поток и Дреновец, околината на болницата, улиците Сандански и 29 Ноември, централното градско подрачје, Горна чаршија, кај Културниот дом, Гимназијата, Ленин, блок 70, како и објекти во близина на Комерцијална банка и Малиот хидроенергетски центар.

Од надлежната институција апелираат до граѓаните навремено да ги прилагодат своите активности и да имаат разбирање, посочувајќи дека прекините се неопходни заради одржување и подобрување на електроенергетската мрежа.

Continue Reading

Република

Невзат Бејта го отвори изборниот штаб во Гостивар: „Градот ќе се води чесно и транспарентно“

Коалицијата Вреди вчеравечер го отвори својот изборен штаб во Гостивар, со што официјално ја започна кампањата за повторените избори за градоначалник на 11 јануари.

Кандидатот на коалицијата, Невзат Бејта, пред присутните ги презентираше проектите од својата програма, со кои планира да ја добие довербата на граѓаните. „Имаме конкретни проекти за Гостивар во наредните четири години – отворање на главниот булевар, изградба на алтернативен пат што ќе ја поврзе Форино со Гостивар и со тоа ќе се намали сообраќајниот хаос, особено за време на доаѓањето на иселениците, и многу други“, истакна Бејта.

Во обраќањето, Бејта изнесе критики кон досегашната локална власт, обвинувајќи ја за злоупотреби и неефикасно работење: „Денес еден квадратен метар асфалт или бекатон чини од 100 до 200 евра, фирми блиски до власта добиваат стотици илјади евра, а работите не се извршени како што треба. Општинскиот долг е над 30 милиони евра, додека наплатата од комуналните такси и градежните дозволи изнесува околу 27 милиони евра за осум години, без јасна отчетност. На 11 јануари ќе се стави крај на оваа лоша пракса, ќе се врати чесната и транспарентна работа во служба на граѓаните, а секој кој злоупотребувал ќе сноси одговорност“.

Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека Бејта има капацитет и менаџерски способности да води Гостивар и да донесе позитивни промени и подобри услови за граѓаните. На настанот говореше и претседателот на централниот штаб, Аднан Азизи, кој подвлече дека граѓаните заслужуваат стабилност и докажана рака, а не политички експерименти.

Локалниот изборен штаб на Вреди во Гостивар за повторените избори ќе го предводи Бахар Шабани.

Continue Reading

Република

Трговските објекти на Широк Сокак во Битола ќе работаат во недела и празници

Битола, продолжува да ја зацврстува својата позиција како врвна туристичка дестинација, нудејќи им на посетителите незаборавно искуство низ вековната историја и автентичната архитектура.
Култното шеталиште Широк Сокак, со својот уникатен спој на староградски шарм и модерна енергија, останува главната точка на интерес за секој турист.

За да се овозможи целосно уживање во убавините на градот, Општина Битола во соработка со Министерството за култура и туризам, а согласно законската регулатива, воведува новини кои дополнително ќе ја зголемат неговата привлечност и функционалност.

Со цел да се одговори на потребите на бројните туристички групи кои го посетуваат градот за време на викендите и празниците, се овозможува непречена работа на трговските објекти во најфреквентните зони, дефинирани како туристичко-културолошка атракција.

Ова значи дека сите трговски објекти лоцирани на Широк Сокак сега ќе можат да ги услужуваат посетителите и во недела и за време на празници, нудејќи им можност за купување и на автентични сувенири во секое време.

Оваа потреба е поддржана со законските регулативи и известувањата од Министерството за култура и туризам, според кои Широк Сокак и Старата битолска чаршија се дефинирани како значајни туристичко-културолошки атракции. Како дел од заштитеното старо градско јадро, овие локации имаат статус на туристички места од висок ранг, што овозможува исклучоци во трговската дејност во корист на развојот на локалниот туризам.

„Битола не е само град на историјата, туку и град кој живее за своите гости. Со овозможувањето на работата во недела и празници на Широк Сокак, се создаваат услови за комплетно туристичко доживување кое доликува на еден модерен европски центар.“

Преку овие чекори, Општина Битола ја потврдува својата посветеност кон промоција на културното наследство и создавање на гостопримлива средина која ги привлекува туристите од целиот свет, правејќи го секој престој во градот исполнет и содржаен.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг