Connect with us

Економија

Европа ќе инвестира 240 милијарди евра во нуклеарна енергија до 2050 година

Додека Германија официјално се откажа од нуклеарната енергија, сè повеќе европски држави – како на исток, така и на запад од континентот – остануваат посветени на нејзината улога во енергетската иднина или пак планираат нејзина реинтеграција. Европската комисија ја гледа нуклеарната енергија како клучен елемент во процесот на енергетска транзиција и проценува дека за нејзина експанзија до 2050 година ќе бидат потребни инвестиции над 240 милијарди евра.

Овие средства ќе бидат насочени кон продолжување на работниот век на постојните нуклеарни централи, како и кон изградба на нови, големи реактори. Покрај тоа, се предвидуваат инвестиции во развој на мали модуларни реактори, како и во долгорочни проекти за нуклеарна фузија. Реализацијата на овие планови ќе бара комбинација од јавни и приватни извори на финансирање.

Држави како Франција и Белгија веќе во голема мера се потпираат на нуклеарната енергија како главен извор на електрична енергија, додека Полска планира изградба на својата прва нуклеарна електрана до 2028 година. Нуклеарната енергија се смета за извор со ниска емисија на јаглерод диоксид, но сè уште предизвикува дебати поради потенцијалните ризици и прашањата за безбедноста.

Секоја членка на ЕУ има право самостојно да го дефинира својот енергетски микс. Така, Германија во април 2023 година ги исклучи своите последни нуклеарни електрани. Сепак, според прогнозите на Европската комисија, до 2040 година повеќе од 90% од електричната енергија во ЕУ ќе потекнува од извори со ниска или никаква емисија на јаглерод диоксид – при што доминантни ќе бидат обновливите извори како ветерот и сонцето, но нуклеарната енергија ќе продолжи да игра значајна улога.

Комисијата потенцира дека сите технологии со ниска или нулта емисија се од суштинско значење за постигнување на климатските цели. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатата година ја нагласи важноста на проширување на нуклеарниот сектор, повикувајќи се на глобалната политичка нестабилност и руската агресија врз Украина.

Безбедноста и одговорното управување со нуклеарниот отпад остануваат приоритет. Во Брисел истакнуваат дека инфраструктурата за складирање на радиоактивен отпад и истрошено нуклеарно гориво мора значително да се унапреди за да се гарантираат највисоки стандарди за заштита и безбедност.

Advertisement

Економија

Шведскиот мебелски гигант ја затвори вратата: ИКЕА засега не доаѓа на македонскиот пазар

Интер ИКЕА Груп, глобалниот франшизер на брендот ИКЕА, соопшти дека во моментов не постојат конкретни планови за отворање продавници во Македонија, со што ги демантираше информациите што неодамна се појавија во дел од домашните медиуми за можен влез на компанијата на пазарот.

Од групацијата нагласуваат дека постојано ги анализираат можностите за проширување на ИКЕА концептот, како на постојните така и на нови пазари, со цел да бидат поблиску до што поголем број потрошувачи. Сепак, како што наведуваат, до овој момент не е донесена одлука за инвестирање и отворање продажни капацитети во Северна Македонија.

„Интер ИКЕА Груп континуирано ги разгледува можностите за раст, но заклучно со денес нема планови за отворање ИКЕА во Северна Македонија“, соопшти компанијата во официјална изјава.

Во регионот, ИКЕА веќе има воспоставена мрежа на продавници и е присутна во Хрватска, Словенија, Србија, Романија, Бугарија и Грција, што на македонските потрошувачи им овозможува пристап до брендот преку соседните пазари.

Continue Reading

Економија

Вашингтон гради рударска офанзива за критични минерали, Македонија останува на маргините

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува серија, како што ги нарекува, „историски договори“ со домашниот рударски сектор, со цел значително зголемување на производството на критични минерали неопходни за одбраната, високите технологии и енергетската транзиција. Извори блиски до Белата куќа наведуваат дека фокусот е ставен на зајакнување на домашните капацитети и намалување на зависноста од странски пазари, пред сè од Кина.

Во рамки на оваа стратегија, финансиска поддршка веќе добија компании како MP Materials, Lithium Americas и Trilogy Metals. Преку овие инвестиции, САД настојуваат да воспостават посилна контрола врз синџирите на снабдување со литиум, ретки земни елементи и други стратешки суровини кои се клучни за модерната индустрија.

„Целта е Соединетите Држави да не зависат од противници или од странски субјекти кога станува збор за критичните минерали и синџирите на снабдување“, изјави Џарод Аген, извршен директор на Националниот совет за енергетика при Белата куќа. Според него, во првата година од мандатот на Трамп се создадени услови за уште поголем инвестициски бран во рударството.

Аген најави дека администрацијата планира интензивирање на рударските активности во Аљаска и Аризона, каде што се развиваат некои од најголемите рудници за бакар во светот. Бакарот во меѓувреме е ставен на листата на критични минерали, а одлуката на Трамп да го ограничи неговиот извоз и да ги зголеми државните резерви веќе има сериозно влијание врз глобалниот пазар.

На Лондонската берза на метали, цената на бакарот достигна речиси 12.000 долари за тон, поттикната од загриженоста за слабото снабдување и растечката побарувачка, вклучително и од секторот на вештачката интелигенција. Од почетокот на годината, бакарот поскапе за околу 35 проценти, а аналитичарите прогнозираат недостиг од над 120.000 тони годинава и уште поголем дефицит во 2026 година.

Побарувачката дополнително се зголемува поради глобалните инвестиции во електропреносните мрежи и забрзаната енергетска транзиција, каде бакарот е незаменлив материјал за ветерници, соларни панели и електрични возила.

Наспроти овие глобални трендови, Македонија останува на маргините на рударската мапа. Геолошките истражувања укажуваат на значителни резерви на бакар, што е потврдено и во нацрт-Стратегијата за минерални суровини изработена од МАНУ. Сепак, повеќе најавени инвестиции, како оние во Кожуф и Казандол, останаа нереализирани.

Во моментов, единствена активна инвестиција во рудник за бакар е проектот во Иловица, иако инвеститорот во минатото јавно укажуваше на проблеми со правната сигурност. Во услови кога големите светски економии агресивно инвестираат во стратешки минерали, Македонија сè уште нема јасен и функционален модел како да ги искористи сопствените ресурси.

Continue Reading

Економија

Бакарот на чекор до нов рекорд: Берзите бележат најсилен раст по финансиската криза

Цената на бакарот продолжува со силен нагорен тренд и се доближува до историското ниво од 12.000 долари за тон, заокружувајќи една исклучително турбулентна година на светските берзи. Пазарните движења се одвиваат во услови на засилени геополитички тензии, но и рекордна побарувачка за индустриски метали.

Податоците од Лондонската берза на метали покажуваат дека бакарот е на пат да го оствари најголемиот годишен раст од 2009 година наваму, што дополнително го зголемува интересот кај инвеститорите и индустриските потрошувачи.

Аналитичарите посочуваат дека растот е резултат на повеќе фактори. Глобалната понуда е ограничена, залихите се на ниско ниво, а рударското производство не успева да одговори на зголемената побарувачка. Истовремено, трговските тензии и неизвесноста на меѓународните пазари поттикнуваат забрзано купување на суровини.

Дополнителен притисок врз цената создава и забрзаната енергетска транзиција. Бакарот е еден од клучните метали за електричните возила, обновливите извори на енергија и модерната електроинфраструктура, што го прави незаменлив во процесот на декарбонизација.

Инвеститорите остануваат оптимисти и сметаат дека светската економија допрва влегува во долгорочен „супер-циклус“ на побарувачка на бакар, поттикнат од зелените политики и технолошките промени кои во голема мера зависат од овој метал.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг