Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка. Во состав на делегацијата учествуваа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа. Во рамки на работната посета беше остварена билатерална средба со г-дин Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
Во рамки на посетата, делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.