Нетанјаху: Мојот син по вторпат мораше да ја откаже венчавката поради ракетните напади

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ја посети болницата „Сорока“ во Беер Шева, која беше погодена утрово од иранска ракета, и пред медиумите истакна дека целата нација ја чувствува тежината на тековниот конфликт.

„Целиот израелски народ ја плаќа цената. Се соочуваме со удари, но ги издржуваме со неверојатна храброст. Цената не е само колективна, туку и лична – луѓе се повредени, семејства ги изгубија најблиските. Секој од нас го носи својот дел од товарот, а моето семејство не е исклучок“, изјави Нетанјаху.

Тој откри дека неговиот син Авнер по вторпат морал да го одложи венчавањето поради безбедносната состојба и ракетните закани.

„Тоа е лична жртва и за неговата свршеница. Сакам да напомeнам дека мојата сакана сопруга е вистинска хероина – таа го носи својот дел од оваа болна реалност“, додаде премиерот.

Посетата на Нетанјаху следува по новиот бран напади од страна на Иран, кои предизвикаа сериозни штети и нова ескалација на регионалните тензии.