Израел под жесток напад: Сирени, пожари и повреди поради ирански ракети (ФОТО/ВИДЕО)

Израелската армија денеска соопшти дека е идентификуван нов бран ракети лансирани од територијата на Иран кон Државата Израел, што предизвика итна реакција на одбранбените системи и активирање на сирени ширум земјата.

„Сирените се огласија во повеќе области низ Израел откако беа откриени ракети испукани од Иран кон израелска територија“, се вели во официјалното соопштение на Израелските одбранбени сили (IDF). Одбранбените системи веднаш биле активирани со цел пресретнување на проектилите, додека јавноста беше повикана да остане во засолништа сè до понатамошно известување.

Една од ракетите удрила во близина на неколку станбени згради во градот Бершева, каде што се предизвикани значителни материјални оштетувања. Израелската агенција за итни случаи „Маген Давид Адом“ (MDA) соопшти дека пет лица се полесно повредени од ударниот бран.

Според нивните информации, пожарникарските екипи интервенирале на повеќе локации, гаснејќи пожари што настанале поради падот на ракета, вклучително и во близина на технолошкиот парк во јужниот дел на Бершева, каде што се наоѓа и канцеларија на американската компанија „Мајкрософт“.

Израелската полиција потврди дека добила повеќе пријави за пад на проектили на отворени простори во јужниот регион на земјата. Засега, според првичните информации, нема загинати, но е причинета значителна материјална штета.

Да потсетиме, само еден ден претходно, во ракетен напад врз Бершева беше оштетен и Медицинскиот центар „Сорока“. Градот Бершева се наоѓа во пустинскиот регион Негев, во близина на израелската воздухопловна база Неватим.