Израел објави видео: Еве зошто Иран е закана за целиот регион

ИДФ објави видео: „Зошто Иран е закана за регионот“

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија видео на својата официјална платформа на X, во кое детално објаснуваат зошто Израел смета дека Иран претставува сериозна закана и зошто била донесена одлука за воен одговор.

Во видеото се нагласува дека Иран има клучна улога во дестабилизацијата на Блискиот Исток и дека политиките на Техеран претставуваат опасност не само за Израел, туку и за целиот регион.

„Иран е најголемата држава на Блискиот Исток со население од над 80 милиони луѓе – осум пати повеќе од Израел. И покрај оддалеченоста од 1.500 километри, режимот постојано испраќа закани против нашата држава“, стои во објаснувањето.

Според ИДФ, Иранскиот режим е востановен во 1979 година по револуционерното соборување на тогашниот режим, и оттогаш владее со „железна рака“ преку теократски, екстремистички и автократски модели на власт.

„Од самиот почеток, новиот режим си постави цел да ја прошири револуцијата и своите идеолошки принципи низ Блискиот Исток, стремејќи се кон регионална доминација“, додаваат од ИДФ.

Во видеото се наведува и дека Иран воспоставил два воени столба – регуларната армија, задолжена за територијална одбрана, и Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), чие основно дејствување е насочено кон заштита на режимот, но и развој на офанзивни и терористички активности, како во регионот, така и пошироко.

Според израелската армија, овие фактори, заедно со амбициите за развој на нуклеарно оружје, ја прават иранската држава сериозна и трајна безбедносна закана.