Општо е познато дека животот во големите градови е поскап, особено кога станува збор за кирија и домување. Но, понекогаш дури и самото излегување од дома може сериозно да ја погодне домашната каса
Редакцијата на „Тајм аут“ секоја година анктира десетици илјади жители низ целиот свет за да ја состави својата листа на најдобрите градови за живот. Иако квалитетот на ноќниот живот, гастрономијата и културните настани се важни, пристапноста – односно колку едноставно и евтино граѓаните можат да уживаат во секојдневните забави — е клучен фактор.
Во истражувањето, жителите на повеќе од 100 градови ги оценувале трошоците за одење во ресторани, кино, кафулиња, галерии и музеи, театар или стендап, концерти, барови и вечерни излегувања. Податоците покажаа кои градови навистина ги „трошат џебовите“ на своите жители и кои градови нудат забава што не ја празни сметката.
На врвот на листата на најскапи градови за излегување се најде Сеул. Само 30% од жителите сметаат дека оброк во ресторан е достапен, а само 21% сметаат дека вечерното излегување не ги оптоварува финансиските можности. Пијалакот во бар, пак, е евтин само за 27% од жителите.
Не е изненадување што Осло се појавува меѓу најскапите градови – главниот град на Норвешка традиционално важи за скап, особено кога станува збор за ресторани. Според анкетата, само 24% од Ословците сметаат дека оброкот во ресторан е финансиски прифатлив.
На листата се најдоа и Лондон, Сиднеј и Лос Анџелес, кои повторно се поклопуваат со извештајот на „Хенли енд партнерс“ за најскапи градови во светот. Лондон е прогласен за најскап град за ноќно излегување – само 16% од луѓето сметаат дека тоа е пристапно. Меѓутоа, британската престолнина го заслужува признанието за култура: 83% од лондончаните оцениле дека уметноста и културните настани во нивниот град се евтини или бесплатни.
На спротивната страна се наоѓаат Меделин и Богота во Колумбија, градови каде што локалното население ги смета излегувањата за многу пристапни. Во Меделин, 89% од жителите сметаат дека одењето во ресторан е евтино, 83% велат истото за пијалак во бар, а 94% дека кафето е достапно.
Изненадување за многумина е присуството на два големи кинески градови на листата на поволни дестинации. Пекинг и Шангај се истакнуваат по тоа што одењето во театар не е голем трошок – тоа го потврдуваат 73% од Пекинжани и 72% од Шангајци.
Единствениот американски претставник меѓу поволните градови е Њу Орлеанс, кој добива високи оценки за концерти во живо и пијалаци во барови.
Важно е да се потенцира дека истражувањето на „Тајм аут“ се концентрира исклучиво на трошоците за забава и излегувања, без да ги вклучи киријата, домувањето или секојдневните прехранбени трошоци.
Најскапи за излегување: Сеул, Истанбул, Осло, Стокхолм, Кјото, Атина, Сиднеј, Окланд, Минхен, Бризбејн, Лос Анџелес, Сингапур, Лондон, Ванкувер, Мајами.
Најповолни за излегување: Меделин, Богота, Пекинг, Њу Орлеанс, Наполи, Ханој, Чианг Мај, Шангај, Лима, Џакарта, Јоханесбург, Бангкок, Абу Даби, Сантијаго, Кејптаун.