Дваесет израелски војници загинаа во Појасот Газа од почетокот на јуни, што го прави овој месец најсмртоносен за израелската армија од почетокот на 2025 година, јавуваат израелските медиуми.
Според пишувањето на дневниот весник Једиот Ахронот, и покрај тоа што фокусот на израелската армија последните недели е пренасочен кон фронтот со Иран, жестоките судири во Газа и понатаму резултираат со човечки жртви.
Најкрвав ден бил 24 јуни, кога во судирите во градот Кан Јунис, на југот на Појасот Газа, загинале дури 15 војници. Последната жртва е регистрирана во неделата, кога во борби на северот од Газа загинал припадник на инженерискиот баталјон 601.
Губитоците во Газа се случуваат паралелно со ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран. Воената офанзива, започната на 13 јуни со поддршка од САД, вклучуваше напади врз ирански воени бази, нуклеарни објекти и цивилна инфраструктура. Израелските сили елиминираа високи ирански воени команданти и нуклеарни експерти.
Како одговор, Иран изврши масовни ракетни и дронски напади врз израелски воени и разузнавачки цели. Дел од нападите успешно ја пробиле израелската одбрана, предизвикувајќи значителни разурнувања, паника и жртви.
И покрај тоа што израелската стратегија е сѐ повеќе насочена кон конфронтацијата со Иран, податоците од терен укажуваат дека израелската армија продолжува да се соочува со сериозни загуби и во Газа.
