Германците удрија по „руската флота во сенка“ – Балтикот под засилена контрола!

Германија започна жестока офанзива против т.н. „руска флота во сенка“ која тргува со нафта низ Балтичкото Море, заобиколувајќи ги меѓународните санкции. Од денес, танкерите се под засилени контроли – особено нивните осигурувања во случај на истекување и еколошки катастрофи, соопштија заеднички германските министерства за сообраќај и надворешни работи.

Министерот за надворешни работи Јохан Вадепфул изјави дека целта е јасна: „Вршиме притисок врз руската флота во сенка и го штитиме Балтичкото Море.“

Покрај Германија, и Шведска започна да ги проверува овие сомнителни бродови, за кои се верува дека избегнуваат западни пристаништа и пловат без соодветно осигурување. Дел од нив се стари танкери кои користат ризични методи на транспорт, а се поврзуваат и со неодамнешни инциденти со оштетување на подводни кабли.

„Штом ја добиеме целосната слика за состојбата на овие бродови, ќе можеме веднаш да преземеме мерки и санкции“, рече германскиот министер за сообраќај Патрик Шнајдер.

Балтикот станува новото стратешко бојно поле во енергетската војна со Русија.