Connect with us

Балкан

Хорор во Грција: Жена призна дека убила четири бебиња

Грција: Жена призна дека убила четири бебиња, вклучително и сестра ѝ

Ирини Мурцуку, 24-годишна Гркинка, вчера беше уапсена и обвинета за убиство на три бебиња, а денес, во полицискиот притвор, признала и четврто убиство – на својата сестра, извршено пред 11 години, кога имала само 14 години. Иако последниот случај е правно застарен, признанието предизвика шок во грчката јавност.

Според наводите на полицијата, Мурцуку признала дека две од убиените бебиња биле нејзини – едното усмртено на 19 јуни 2022 година, а другото на 17 октомври 2023 година. Третата жртва, бебе од нејзина пријателка, било убиено во февруари 2021 година. За четвртото дете, кое го убила кога имала 14 години, таа тврди дека било нејзина сестра.

„Секогаш кога се карав со мајка ми, сакав да направам нешто лошо“, изјавила осомничената пред инспекторите од Одделението за убиства, пренесува порталот Proto Thema.

Во првичната фаза од истрагата, Мурцуку ги негираше обвинувањата, иако сомнежите растеа по сведочењата на роднини, како и на медицински персонал од детски болници во Атина, Патра и Амалијада. Случајот доби пресврт кога таа, пред трансферот од Атина во Патра, наводно „пукнала“ и ги признала сите злосторства, пренесе Euronews.

Осомничената е обвинета и за обид за убиство во 2020 година, кога, според обвинението, се обидела да ја задуши пријателката на која подоцна ѝ го убила детето.

Според грчките медиуми, јавниот обвинител и истражниот судија кои го водат случајот, донеле одлука за апсење по темелна проценка на наодите од пулмолози, невролози и судски вештаци, во комбинација со сведочења.

Полицијата дополнително укажува дека доколку осомничената останеше на слобода, постоеше сериозен ризик од повторување на слични злосторства. Истражната постапка продолжува.

Advertisement

Балкан

Косово доби моќно оружје

Косово го примило германскиот противтенковски систем „Панцерфауст 3“ како дел од билатералната безбедносна соработка, објавија косовските медиуми. Испораката има за цел зајакнување на одбранбените капацитети на Косовските безбедносни сили (КБС) и нивна постепена модернизација во согласност со стандардите на евроатлантските партнери.

Косовските власти потенцираат дека системот ќе се користи исклучиво за одбранбени цели и професионална обука. „Панцерфауст 3“ е еден од најнапредните противтенковски системи што ги користат неколку европски армии. Договорот со Германија се оценува како дополнителен доказ за поддршката на Берлин за стабилноста и безбедноста во регионот.

Continue Reading

Балкан

Тирана во хаос: Протестите пред Владата ескалираа со молотови коктели и судири

Тензична и насилна ноќ ја одбележа Тирана, откако масовниот протест на обединетата албанска опозиција пред владината зграда ескалираше во отворени судири со полицијата. Демонстрациите, најавени како притисок за смена на власта, прераснаа во хаос со фрлање молотови коктели, пиротехника и оштетување на државен имот.

За време на говорите на опозициските лидери, дел од демонстрантите започнаа да фрлаат запаливи направи кон Владата, по што избувна оган и мораше да интервенира противпожарно возило. Толпата се обиде да го пробие полицискиот кордон, при што беше откорнат дел од заштитната метална ограда. Во инцидентите, според официјални информации, повреден е еден полициски службеник.

Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, од говорницата упати остри пораки кон премиерот Еди Рама, обвинувајќи го за корупција и криминал. Тој порача дека опозицијата ќе го „собори режимот“ и најави, како што рече, „политички погреб“ за актуелната власт, споредувајќи ја состојбата во Албанија со масовните бунтови во други земји.

Бериша истакна дека протестите се „историска и животна шанса“ за спас на државата, повторувајќи ги клучните барања на опозицијата – формирање техничка влада и одржување слободни и фер избори.

Владините институции, очигледно, очекувале ескалација. Околу 1.500 полициски службеници беа распоредени околу објектот, поставени беа дополнителни метални заштитни конструкции, а превентивно беа отстранети новогодишната елка и украсите од просторот пред Владата, која целосно беше претворена во силно обезбедена зона.

Continue Reading

Балкан

ВИДЕО: Тепачка во турскиот парламент поради Ататурк

Синоќа во Турското Големо национално собрание дојде до сериозен инцидент кога расправата за државниот буџет прерасна во физичка пресметка меѓу пратеници од власта и опозицијата. Наместо аргументи и амандмани, салата накратко се претвори во сцена на туркање и размена на удари, откако беа изнесени спротивставени ставови за улогата и наследството на Мустафа Кемал Ататурк.

Вербалните провокации брзо ескалираа, по што неколкумина пратеници влегоа во директен судир. Тепачката траеше околу десет минути, а обезбедувањето и дел од пратениците се обидуваа да ги раздвојат инволвираните и да воспостават ред во салата.

И покрај хаосот, работата на парламентот продолжи. Откако тензиите се смирија, пратениците се вратија на своите места и пристапија кон гласање. Нацрт-законот за буџетот за 2026 година беше усвоен со 320 гласа „за“ и 249 „против“, а паралелно беше изгласан и финансискиот извештај за 2024 година.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во својата јавна реакција воопшто не го спомена инцидентот. Тој се фокусираше исклучиво на усвојувањето на буџетот, оценувајќи дека тој ќе биде од корист за државата, граѓаните и економијата.

Причината за судирот, како што наведуваат турските медиуми, биле спротивставените толкувања и политички ставови околу значењето на ликот и делото на Мустафа Кемал Ататурк, тема која и понатаму предизвикува длабоки поделби на турската политичка сцена.

Видеото може да го погледнете тука

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг