Украина ќе добие „Патриот“ и ракети со дострел до Москва?

Германското министерство за одбрана денеска соопшти дека од Вашингтон пристигнуваат „многу позитивни сигнали“ во врска со продажбата на американскиот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ за Украина.

Според портпаролот на министерството, во моментов се водат разговори околу логистичките детали на договорот – бројот на системите, начинот на предавање и моделот на финансирање. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска ќе се сретне со својот американски колега Пит Хегсет во Пентагон.

Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави испорака на „многу софистицирана“ воена опрема за Украина. Според американскиот портал „Аxios“, станува збор не само за дефанзивни системи како „Патриот“, туку и за офанзивно оружје – вклучително и далекуметни ракети со кои украинските сили би можеле да погодат цели дури и во Москва.

Оваа информација отвора сериозни геополитички прашања и ризици од натамошна ескалација на војната во Украина.