Копнени трупи влегуваат во Украина? Британскиот премиер со изјава која го стави светот во неизвесност

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Коалицијата на подготвени држави разгледува опции за испраќање копнени трупи во Украина, во рамки на поширока стратегија за поддршка и притисок врз Русија.

На заедничка прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Лондон, Стармер потврди дека „воените планови веќе се разработени и се подготвени за акција, вклучително и копнени и поморски операции“.

„Првиот приоритет е Путин да се доведе на преговарачка маса и да се обезбеди безусловен прекин на огнот“, рече Стармер, додавајќи дека санкциите остануваат клучен инструмент за притисок.

Тој нагласи дека е важно планирањето да не се одложува додека не започне примирје, бидејќи командната структура е веќе воспоставена.

Британскиот премиер истакна и дека безбедноста на Европа започнува во Украина, најавувајќи дека Велика Британија и Германија, во соработка со САД и другите сојузници, работат на испорака на нов пакет воена помош.

Стармер и Мерц потпишаа и историски билатерален договор – Кенсингтонскиот договор – кој предвидува засилена соработка меѓу Лондон и Берлин во одбраната, индустријата, науката и справувањето со илегалните миграции.

Канцеларот Мерц изрази жалење за Брегзит, но нагласи дека европското единство е од клучно значење пред „руската закана која ја поткопува европската безбедносна архитектура“.