Скопје, 21 јуни 2025 – Откако Samsung ја создаде категоријата на преклопни телефони (Foldables) со претставувањето на првиот преклопен паметен телефон во 2019 година, компанијата постојано се стреми кон една цел: да понуди уред со голем екран, кој сепак лесно собира во џеб. По години развој и илјадници дизајнерски и инженерски подобрувања, Galaxy фолдабл уредите не само што ја надминаа таа цел, туку поставија нов стандард за мобилни иновации со преклопни екрани.
Galaxy Z Fold7 и Z Flip7 се најтенките, најлесните и најнапредните фолдабл уреди на Samsung досега.
Пропорции што собираат во џеб
Моделот Galaxy Z Flip7 лесно собира во џеб со дебелина од само 6,5 mm кога е отворен и 13,7 mm кога е затворен. Печатената плочка со ултрависока густина гарантира максимално искористен внатрешен простор, а Samsung ја унапреди и енергетската густина на батеријата, зголемувајќи го капацитетот за 300 mAh, истовремено намалувајќи ја нејзината дебелина..
Моделот Galaxy Z Fold7 е речиси двојно потенок од првиот Fold модел – само 8,9 mm кога е склопен и 4,2 mm кога е отворен. Ова намалување од 48%, во комбинација со поширок и посветол екран и сооднос на страници од 21:9, резултира со уред што е практичен за носење и интуитивен за користење.
Поцврсти, потенки шарки
Galaxy Z Fold7 воведува Armor FlexHinge шарка од трета генерација, која е 27% потенка и 43% полесна од претходната верзија. Главните унапредувања вклучуваат:
• Потенки ротирачки и помошни елементи, што овозможува покомпактна, но подеднакво издржлива шарка.
• Нови легури на метали кои ја зголемуваат границата на попуштање за над 14% што овозможува подобра издржливост при често отворање и затворање.
• Раздвоени помошни и ротирачки функции за поголема структурна стабилност и флексибилност во дизајнот.
• Крилна плоча што се отвора пошироко, овозможувајќи порамен и почист екран за подобро визуелно доживување.
Galaxy Z Flip7 има најтенка FlexHinge шарка досега – за 29% потенка од онаа кај моделот Galaxy Z Flip6, а сепак целосно го поддржува FlexMode режимот и секојдневната употреба.
Потенки, поцврсти екрани
Екранот е клучната хардверска иновација на Galaxy Z Fold7, со фокус на зголемена издржливост во полесен и потенок уред:
• Дебелината на екранот е намалена за повеќе од 39% благодарение на новата структура на панелот и напредните материјали.
• Воведена е титаниумска решетка, што нуди 64% поголема издржливост и отпорност.
• Новиот дизајн на слојот на панелот овозможува подобра апсорпција на надворешни влијанија и трајна издржливост.
• Ултратенкото стакло (UTG) е 50% подебело отколку кај Galaxy Z Fold6, што овозможува помалку видлива прегиба и подобри перформанси.
Со Galaxy Z Flip7, Samsung го задржува препознатливиот дизајн на Z Flip серијата, но со повеќе моќ во помало пакување:
• Новиот Infinity Cover Display екран од раб до раб го елиминира црниот исечок за повеќе простор за содржина и почист визуелен приказ.
• HID камерата е прецизно поставена во аголот, овозможувајќи симетричен и јасен изглед.
• Рамката околу екранот е намалена од 3,94 mm на 1,25 mm, односно за 68%, правејќи го Galaxy Z Flip7 телефонот со најтенка рамка меѓу склопливите модели.
Професионални камери за кристално чисти фотографии
Galaxy Z Fold7 нуди врвно искуство со камерата во елегантен и лесен дизајн.
• Првата 200 MP ултраширока камера на склоплив телефон, благодарение на новиот тенок мотор и целосно новиот структурен дизајн.
• Модулот на камерата е намален за 18% и тестиран во речиси 30.000 симулации, што резултира со најтенка 200 MP камера на склоплив уред – без компромиси во квалитетот на сликата.
Камерата на Galaxy Z Flip7 има целосно нов дизајн за да понуди врвен квалитет на слика во уште потенко куќиште. За да се постигне тоа, Samsung ја поедностави внатрешната структура на модулот и вгради помал мотор за автофокус со високи перформанси и помало оптоварување.
Поцврсти материјали, полесно чувство
Samsung го зајакна тенкиот профил на Galaxy Z Fold7 со поцврсти и напредни материјали. Покривниот екран сега користи Corning® Gorilla® Glass Ceramic 2, што ја зголемува цврстината на материјалот за 30% во однос на претходната генерација. Дополнително, рамката и поклопецот на шарката се направени од напреден зајакнат алуминиум, кој е за 10% поцврст од оној што се користеше кај Galaxy Z Fold6.
Заклучок Секој елемент – од шарката, преку екранот, до камерата кај Galaxy Z Fold7 и Z Flip7 е внимателно дизајниран со една цел: да им понуди на корисниците елегантен склоплив телефон кој е лесен како било кој премиум паметен телефон.
Добредојдовте во нова ера на моќ што собира во џеб.
TikTok останува во САД: Постигнат договор за нова американска компанија
По месеци неизвесност, популарната апликација TikTok ќе продолжи да функционира во САД, откако нејзината матична компанија ByteDance постигна договор за формирање нова заедничка компанија – TikTok US. Со тоа се стави крај на многу шпекулации за иднината на платформата која ја користат повеќе од 170 милиони Американци.
Според договорот, TikTok склучи обврзувачки спогодби со три големи инвеститори – Oracle, Silver Lake и фондот MGX – кои ќе учествуваат во новиот потфат. Извршниот директор на TikTok, Шоу Зи Чу, ја потврди зделката во внатрешна белешка до вработените, наведувајќи дека трансакцијата се очекува да биде финализирана на 22 јануари. „Вашата посветеност и труд овозможуваат TikTok да продолжи да расте и да се развива во САД и пошироко“, напиша Чу.
Според структурата на новата компанија, половина од TikTok US ќе биде во сопственост на американските инвеститори, со по 15% удел за Oracle, Silver Lake и MGX. ByteDance ќе задржи 19,9%, додека останатите 30,1% ќе бидат во рацете на поврзани субјекти на постојните инвеститори на кинеската компанија. Идентитетот на дел од останатите инвеститори засега не е откриен.
Заштита на податоците и националната безбедност ќе бидат клучни столбови на новата компанија. Корисничките податоци ќе се чуваат локално, на сервери управувани од Oracle, а алгоритмот на TikTok ќе биде повторно обучен врз основа на податоци од САД, со цел да се избегне надворешно влијание на содржините.
Алгоритмот долго време беше најспорната точка во дебатата за безбедноста на TikTok. Американските власти со години предупредуваа дека тој може да биде подложен на манипулации, додека кинеските закони инсистираа на контрола од ByteDance. Новиот договор овозможува алгоритмот целосно да се одвои од матичната компанија, во согласност со американското законодавство.
Договорот доаѓа по серија политички и правни пресврти. TikTok првично требаше да престане со работа во САД во јануари 2025 година, откако Конгресот усвои закон за забрана на апликацијата ако не најде нов сопственик. Платформата кратко време беше недостапна, но рокот беше повеќепати продолжен со извршни наредби, вклучително и од тогашниот претседател Доналд Трамп.
TikTok останува доминантна сила меѓу младите Американци: според Pew Research Center, околу 43% од Американците под 30 години редовно се информираат преку платформата – повеќе отколку преку YouTube, Facebook или Instagram. По објавувањето на договорот, акциите на Oracle пораснаа за 5% во постберзанското тргување, сигнализирајќи оптимизам на пазарот.
Со ова, TikTok не само што останува во САД, туку ја започнува својата следна ера со силен американски партнерски состав и засилена безбедност на податоците – на радост на милиони корисници ширум земјата.
Reels од Инстаграм сега и на вашиот телевизор – мини видеа на голем екран
Се чини дека Инстаграм прави голем чекор во светот на домашната забава – Reels сега се префрлаат на големите екрани! Meta ја најави новата иницијатива „IG for TV“, која за прв пат ги носи кратките видеа на телевизорите. Првата станица на оваа револуција се Amazon Fire TV уредите, засега достапни само за корисниците во САД.
Како што пренесува TechCrunch, идејата е едноставна, но паметна: да им се овозможи на гледачите да „префрлат канал“ и да уживаат во Reels кога немаат концентрација за цел филм или серија. И како на мобилниот, така и на телевизорот, содржината ќе се прилагодува според вкусот на корисникот, но со една значајна промена – видеата ќе бидат организирани по тематски категории како комедија, музика, lifestyle и други, за да биде пребарувањето едноставно и интуитивно.
Reels на телевизорот ќе се репродуцираат автоматски, без потреба од континуирано скролување, а корисниците ќе можат лесно да прескокнуваат на следното видео. Дополнително, ќе постојат можности за лајкување, преглед на коментари и споделување со пријатели. Апликацијата ќе овозможува поврзување со постоечки Инстаграм профил, како и додавање до пет профили во истиот интерфејс, или пак отворање на посебен профил наменет само за телевизор.
Откако тестирањето на Amazon уредите во САД заврши, Meta најавува глобално проширување на услугата на други платформи, отворајќи сосема нов начин за уживање во кратките видеа од омилените креатори – директно од удобноста на каучот.
Вештачката интелигенција станува стандард, кај нас сè уште исклучок
Годинава генеративната вештачка интелигенција (ВИ) се пробива во секојдневието на Македонија, но се уште не го освоила масовниот интерес. Според најновите податоци, околу еден од пет граѓани на возраст од 16 до 74 години (22%) користеле алатки базирани на ВИ. Најголем дел, 15,76%, ги користеле за лични цели, додека 8,55% ги вклучиле и во професионалната работа, а речиси еден од десет (9,4%) за формално образование.
Во споредба со просекот на Европската Унија, Македонија сè уште заостанува. Во ЕУ, речиси една третина од луѓето (32,7%) се служеле со генеративна ВИ годинава – најмногу за лични цели (25,1%), но и за работа (15,1%) и образование (9,4%).
Причините за воздржаност не се изненадувачки: 43% од граѓаните изјавиле дека едноставно немале потреба, 11% признале дека не знаат како да ги користат овие алатки, а 2% се загрижени за приватноста и безбедноста.
На ниво на Европа, Норвешка е несомнен лидер со 56,3% користење на ВИ, додека Турција се наоѓа на спротивниот крај со само 17,2%. Во регионот, најактивни се Грците (44,1%) и Словенците (37,6%), следени од Хрватска (27,5%), Бугарија (22,5%) и Македонија (22%). Најмалку ВИ се користи во Србија (18,6%) и Босна и Херцеговина (20,3%).
Во рамките на ЕУ, Данска, Естонија и Малта предводат со најголема распространетост на генеративна ВИ, додека Романија и Италија се на дното со само 17,8% и 19,9%.
Интернетот и натаму е основен дел од секојдневието. Во ЕУ, 94% од граѓаните користеле интернет во последните три месеци на 2025 година, а мобилните уреди остануваат најпопуларен начин за поврзување, со речиси 9 од 10 лица кои се служеле со нив. Во исто време, 74% купиле или нарачале производи и услуги онлајн.
И Северна Македонија бележи сериозен прогрес. Лани 91% од домаќинствата имале пристап до интернет, што е значителен скок од 69% во 2015 година. Само 6,86% од граѓаните ја поминале целата година без да се поврзат онлајн. Мобилните уреди доминираат со 91,5% употреба, додека лаптопот го користеле 35%, десктоп компјутер 20% и таблет 9%.
Најчесто, интернетот се користи за телефонски или видео разговори (86%), социјални медиуми (78%) и е-пошта (41%). Значителен раст се забележува и кај онлајн купувањето – 42% од граѓаните лани купиле или нарачале услуги и производи преку интернет, двојно повеќе отколку во 2020 година, кога тоа го направиле само 21%.