Авторскиот тим зад претставата е главно македонски: Сашо Димовски (автор на текстот и драматург), Сашко Костов (музика), Сергеј Светозарев (сценографија и видеодизајн), Раде Василев (костимографија), но копродукцијата овозможи вклучување на целосна корејска актерска екипа, со признати имиња на локалната сцена: Ким Чоин, Ким Сеонг-ми, Чои Минхјок, Јанг Мин Ки и Ха Џин. Двете премиерни изведби на претставата „Приказната на Електра“, публиката во Инчеон, Јужна Кореја, ги испрати со стоечки овации… Македонската публика претставата ќе ја види на затворањето на „Охридско лето“ на 20 август
„Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, е првата македонско-јужнокорејска театарска копродукција чија премиера се случи на 26 јули во Инчеон, Јужна Кореја, а која публиката во двете изведби ја испрати со стоечки овации. Претставата беше дел од програмата на Националниот театарски фестивал и привлече големо внимание на корејската културна јавност.
Станува збор за современа интерпретација на античкиот мит за Електра, во која јазикот на телото, минималните дијалози и прецизната визуелна естетика создаваат универзален сценски израз. Темите за семејството, насилството, меморијата и судбината се обработени низ емотивно концентрирана и визуелно изнијансирана форма, својствена за естетиката на Пројковски и Димоски, веќе докажана на неколку меѓународни театарски проекти.
Со ова, Дејан Пројковски стана првиот македонски режисер што поставил театарска претстава во соработка со национални институции во Јужна Кореја.
– Работата со корејски уметници беше вистински предизвик – не само поради јазикот, туку и поради нивниот прецизен и визуелно рафиниран пристап кон театарот. Но токму затоа, кога ќе успееш да се разбереш без зборови, сфаќаш дека темите што ги носи оваа претстава се навистина универзални. Тука престануваат да важат сите бариери и ограничувања што ни се наметнуваат во животот“, вели режисерот Пројковски.
Продукцијата е резултат на соработка помеѓу Театарската асоцијација на Јужна Кореја, Националниот театарски фестивал „Инчеон“ и Артема – театарска лабораторија. Овој формат на копродукција овозможи вклучување на целосна корејска актерска екипа, селектирана преку национален кастинг, во која настапуваат признати имиња на локалната сцена: Ким Чоин, Ким Сеонг-ми, Чои Минхјок, Јанг Мин Ки и Ха Џин.
Авторскиот тим зад претставата е главно македонски: автор на текстот и драматург е Сашо Димовски, Сашко Костов (музика), Сергеј Светозарев (сценографија и видеодизајн), Раде Василев (костимографија). Кореографијата е на Кјонг Џаеми Рјуи, дизајнот на светло на Џеонгсу Ли, а продукциското водство го потпишуваат Џинион Јун и Хје Јеонг Чунг. Асистент на режисерот е Мари Шин, а уметнички директор Џеонг Ву Сон.
– Ми значи што една ваква соработка и продукција покажува дека и во глобален контекст, македонските културни професионалци можат да бидат препознаени како партнери со висока естетика и став. Тоа не е чест случај, и токму затоа секоја ваква можност носи вредност и остава простор за идни соработки, додава Пројковски.
Голема загуба за Драмски театар Скопје – почина актерот Лазе Манасков
Со длабоко жалење, Драмски театар Скопје соопшти дека денеска почина нивниот актер и долгогодишен колега, Лазе Манасков.
Во чест на Манасков, вечерва ќе се одржи изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј“, посветена на неговото творештво и придонес кон театарската сцена.
„Нека му е вечна слава“, стои во соопштението на театарот, изразувајќи почит и благодарност за неговиот ангажман и наследство во македонскиот театар.
80 години МНТ: Одбележани со премиера на монографија и театарски настап
Во фоајето на Македонскиот народен театар, се одржа свечена промоција на монографијата „Македонски народен театар 1945 – 2025 – Приказни поголеми од времето“, по повод 80 години од своето постоење. Монографијата е објавена со поддршка на Министерството за култура и туризам на Р. Македонија и претставува вистински поклон за сите кои ја ценат македонската театарска традиција и нејзината бесценета историја.
Ивана Јарчевска е главната уредничка на монографијата, а текстовите се дело на врвни автори и истражувачи: д-р Ана Стојаноска, Снежана Коневски-Руси, Загорка Поп-Антоска-Андовска, Бранко Ставрев, Емил Рубен, Игор Џамбазов, Лилјана Мазова, Братислав Димитров, Ѓорѓи Јолевски, Сашко Насев, Никола Ристановски, Дејан Дуковски, Звездана Ангеловска, Весна Петрушевска, Срѓан Јаниќијевиќ, Тања Кочовска, Синиша Евтимов, Искра Ветерова, Бојан Трифуновски, Сашко Коцев, Николина Кујача, Нела Витошевиќ, Сашка Димитровска, Нина Николиќ, Дарја Ризова, Драгана Костадиновска и Борче Начев.
Настанот привлече голем број уметници, театарски професионалци и љубители на сценската уметност, кои со восхит и почит ги проследија сведоштвата, документите и личните приказни што ги нуди ова издание. Меѓу присутните беше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Филозофскиот факултет во Скопје празнува 105 години инспирација и образование
Големата сала на Македонската филхармонија денес ќе биде епицентар на македонската интелектуална историја. Со свечена академија, Филозофскиот факултет одбележува 105 години постоење — импозантен јубилеј на институцијата која ја постави темелната плоча на високото образование во земјава.
Пред присутните ќе се обратат клучните фигури на образовниот систем: министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, како и деканот на факултетот-домаќин, проф. д-р Оливер Бакрески. Овој настан не е само прослава, туку и поклон пред традицијата на првата единица на скопскиот универзитет, која веќе повеќе од еден век е симбол на македонскиот стремеж кон знаење и наука.
Денешниот ден е резервиран за чествување на столбот на македонската едукација. Во срцето на Скопје, под сводовите на Македонската филхармонија, Филозофскиот факултет со свечена академија ќе ги одбележи своите 105 години. Како прв факултет во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, тој останува живиот доказ за институционализацијата на македонската наука.
Говорницата ќе ја споделат министерката Весна Јаневска, ректорката проф. д-р Биљана Ангелова и деканот проф. д-р Оливер Бакрески, кои ќе се осврнат на значењето на овој факултет како лулка на интелектуалната елита низ децениите.