Connect with us

Технологија

AI Tech Summit 2025: Скопје повторно ќе биде епицентар на вештачката интелигенција

Скопје повторно е на мапата на иновациите: AI Tech Summit 2025 со посвета на визионерот Филип Аврамчев.


Од 30. септември до 1. октомври, Скопје по трет пат ке биде домаќин на водечкиот регионален настан посветен на вештачката интелигенција – AI Tech Summit 2025.

Вештачката интелигенција одамна не е само концепт и визија. Интегрирана е во секој аспект од нашите животи, од автоматизација на работни процеси до постојани иновации во најразлични индустрии. Технологиите кои ги носи ВИ отвораат нови можности за решавање на комплексни проблеми, а брзината со која таа се развива и влијае врз општеството, бара отворен дијалог и разбирање на промените што ги носи.

Повеќе од 20 врвни експерти и панелисти од различни индустрии ќе споделат конкретни и практични примени на ВИ – од здравството, финансиите и производството, па се до малопродажбата и автоматизацијата.

Фокусот е ставен на ВИ апликациите, практичните алатки и дигиталната трансформација – теми од клучно значење за иднината на секој бизнис.

Минатата година, самитот привлече над 700 професионалци од различни сфери. Оваа година се очекува уште поголем интерес, со агендата што се дефинира како највлијателна досега – со едукативни сесии, панели, дискусии и можности за вмрежување. Најважно од сè е тоа што посетителите ќе заминат од овој настан со стекнати знаења и ВИ вештини кои веднаш можат да ги применат во пракса.

Marco Guerriero, Michael Berns, Andreas Horn, Alla Pavlova, Damjan Veljanoski и Mollie Claypool се само дел од говорниците кои ќе присуствуваат на AI Tech Summit 2025.


Покрај тоа, третото издание на AI Tech Summit 2025 во Скопје добива уште подлабоко значење – посветеност и чест кон својот основач Филип Аврамчев, основачот на самитот за вештачка интелигенција, кој за жал прерано нѐ напушти оваа година, а чие визионерство остави силен печат во технолошката заедница.

Неговата цел беше да ја направи вештачката интелигенција практична, достапна и влијателна во сите индустрии и да го позиционира Скопје како епицентар на модерното, новото и корисното. Сега, неговата визија и идеи продолжуваат да живеат токму преку самитот што самиот го започна.

Ова не е само уште еден технолошки настан – ова е моментот каде иднината се случува!

Картите се достапни на следниот линк: www.techsummit.ai

Следете го самитот на Instagram и Facebook за сите новитети, ексклузивни содржини и најави на говорници.

Погледнете дел од атмосферата од минатогодишното издание одржано во Скопје: https://youtu.be/zvwYUNPxXjk?si=XuohnulLxiQRPL7T

Advertisement

Технологија

TikTok останува во САД: Постигнат договор за нова американска компанија

tiktok

По месеци неизвесност, популарната апликација TikTok ќе продолжи да функционира во САД, откако нејзината матична компанија ByteDance постигна договор за формирање нова заедничка компанија – TikTok US. Со тоа се стави крај на многу шпекулации за иднината на платформата која ја користат повеќе од 170 милиони Американци.

Според договорот, TikTok склучи обврзувачки спогодби со три големи инвеститори – Oracle, Silver Lake и фондот MGX – кои ќе учествуваат во новиот потфат. Извршниот директор на TikTok, Шоу Зи Чу, ја потврди зделката во внатрешна белешка до вработените, наведувајќи дека трансакцијата се очекува да биде финализирана на 22 јануари. „Вашата посветеност и труд овозможуваат TikTok да продолжи да расте и да се развива во САД и пошироко“, напиша Чу.

Според структурата на новата компанија, половина од TikTok US ќе биде во сопственост на американските инвеститори, со по 15% удел за Oracle, Silver Lake и MGX. ByteDance ќе задржи 19,9%, додека останатите 30,1% ќе бидат во рацете на поврзани субјекти на постојните инвеститори на кинеската компанија. Идентитетот на дел од останатите инвеститори засега не е откриен.

Заштита на податоците и националната безбедност ќе бидат клучни столбови на новата компанија. Корисничките податоци ќе се чуваат локално, на сервери управувани од Oracle, а алгоритмот на TikTok ќе биде повторно обучен врз основа на податоци од САД, со цел да се избегне надворешно влијание на содржините.

Алгоритмот долго време беше најспорната точка во дебатата за безбедноста на TikTok. Американските власти со години предупредуваа дека тој може да биде подложен на манипулации, додека кинеските закони инсистираа на контрола од ByteDance. Новиот договор овозможува алгоритмот целосно да се одвои од матичната компанија, во согласност со американското законодавство.

Договорот доаѓа по серија политички и правни пресврти. TikTok првично требаше да престане со работа во САД во јануари 2025 година, откако Конгресот усвои закон за забрана на апликацијата ако не најде нов сопственик. Платформата кратко време беше недостапна, но рокот беше повеќепати продолжен со извршни наредби, вклучително и од тогашниот претседател Доналд Трамп.

TikTok останува доминантна сила меѓу младите Американци: според Pew Research Center, околу 43% од Американците под 30 години редовно се информираат преку платформата – повеќе отколку преку YouTube, Facebook или Instagram. По објавувањето на договорот, акциите на Oracle пораснаа за 5% во постберзанското тргување, сигнализирајќи оптимизам на пазарот.

Со ова, TikTok не само што останува во САД, туку ја започнува својата следна ера со силен американски партнерски состав и засилена безбедност на податоците – на радост на милиони корисници ширум земјата.

Continue Reading

Технологија

Reels од Инстаграм сега и на вашиот телевизор – мини видеа на голем екран

Се чини дека Инстаграм прави голем чекор во светот на домашната забава – Reels сега се префрлаат на големите екрани! Meta ја најави новата иницијатива „IG for TV“, која за прв пат ги носи кратките видеа на телевизорите. Првата станица на оваа револуција се Amazon Fire TV уредите, засега достапни само за корисниците во САД.

Како што пренесува TechCrunch, идејата е едноставна, но паметна: да им се овозможи на гледачите да „префрлат канал“ и да уживаат во Reels кога немаат концентрација за цел филм или серија. И како на мобилниот, така и на телевизорот, содржината ќе се прилагодува според вкусот на корисникот, но со една значајна промена – видеата ќе бидат организирани по тематски категории како комедија, музика, lifestyle и други, за да биде пребарувањето едноставно и интуитивно.

Reels на телевизорот ќе се репродуцираат автоматски, без потреба од континуирано скролување, а корисниците ќе можат лесно да прескокнуваат на следното видео. Дополнително, ќе постојат можности за лајкување, преглед на коментари и споделување со пријатели. Апликацијата ќе овозможува поврзување со постоечки Инстаграм профил, како и додавање до пет профили во истиот интерфејс, или пак отворање на посебен профил наменет само за телевизор.

Откако тестирањето на Amazon уредите во САД заврши, Meta најавува глобално проширување на услугата на други платформи, отворајќи сосема нов начин за уживање во кратките видеа од омилените креатори – директно од удобноста на каучот.

Continue Reading

Технологија

Вештачката интелигенција станува стандард, кај нас сè уште исклучок

Годинава генеративната вештачка интелигенција (ВИ) се пробива во секојдневието на Македонија, но се уште не го освоила масовниот интерес. Според најновите податоци, околу еден од пет граѓани на возраст од 16 до 74 години (22%) користеле алатки базирани на ВИ. Најголем дел, 15,76%, ги користеле за лични цели, додека 8,55% ги вклучиле и во професионалната работа, а речиси еден од десет (9,4%) за формално образование.

Во споредба со просекот на Европската Унија, Македонија сè уште заостанува. Во ЕУ, речиси една третина од луѓето (32,7%) се служеле со генеративна ВИ годинава – најмногу за лични цели (25,1%), но и за работа (15,1%) и образование (9,4%).

Причините за воздржаност не се изненадувачки: 43% од граѓаните изјавиле дека едноставно немале потреба, 11% признале дека не знаат како да ги користат овие алатки, а 2% се загрижени за приватноста и безбедноста.

На ниво на Европа, Норвешка е несомнен лидер со 56,3% користење на ВИ, додека Турција се наоѓа на спротивниот крај со само 17,2%. Во регионот, најактивни се Грците (44,1%) и Словенците (37,6%), следени од Хрватска (27,5%), Бугарија (22,5%) и Македонија (22%). Најмалку ВИ се користи во Србија (18,6%) и Босна и Херцеговина (20,3%).

Во рамките на ЕУ, Данска, Естонија и Малта предводат со најголема распространетост на генеративна ВИ, додека Романија и Италија се на дното со само 17,8% и 19,9%.

Интернетот и натаму е основен дел од секојдневието. Во ЕУ, 94% од граѓаните користеле интернет во последните три месеци на 2025 година, а мобилните уреди остануваат најпопуларен начин за поврзување, со речиси 9 од 10 лица кои се служеле со нив. Во исто време, 74% купиле или нарачале производи и услуги онлајн.

И Северна Македонија бележи сериозен прогрес. Лани 91% од домаќинствата имале пристап до интернет, што е значителен скок од 69% во 2015 година. Само 6,86% од граѓаните ја поминале целата година без да се поврзат онлајн. Мобилните уреди доминираат со 91,5% употреба, додека лаптопот го користеле 35%, десктоп компјутер 20% и таблет 9%.

Најчесто, интернетот се користи за телефонски или видео разговори (86%), социјални медиуми (78%) и е-пошта (41%). Значителен раст се забележува и кај онлајн купувањето – 42% од граѓаните лани купиле или нарачале услуги и производи преку интернет, двојно повеќе отколку во 2020 година, кога тоа го направиле само 21%.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг